Marija Marija Marija

🧁 Мафини од тиква 🧁

Мафини од тиква - Хедер

Добредојде есен, тиква (pumpkin spice and everything nice) и добредојде на овие мафини од тиква.

Не сум сигурна зошто, но колку и да го сакаме летото сите некако потајно чекаме да дојде есен, да ни шушкаат суви листови под нозе, да уживаме во златно-жолтите и кафени бои и… да вклучиме рерна и да почнеме да правиме се од тиква.

Иако е веќе втора половина на Октомври и можеби доцнам со рецептите од тиква, сепак, мислам дека е ред да почнеме… Први на ред се овие мафини од тиква. Имаат 9 состојки, се прават во еден сад за 5 минути (ако не го сметаме печењето на тиквата) и се печат за 20 минути. Одлични се за појадок, ужина и дури и лесна вечера. Може да ги искомбинирате со свежо или замрзнато овошје, путер од јатки или семки или јогурт по вкус.

Зошто е добро да јадеме тиква?

Бета каротен: како и повеќето портокалови роднини (морковот и слаткиот компир), тиквите се богати со бета каротен. Во телото овој антиоксиданс се менува во витамин А – витамин инаку потребен за подобрување на видот, за заштита од бактерии како и за вашиот репродуктивен систем да работи како што треба.

Мафини од тиква

Исто така, им помага на срцето, белите дробови, бубрезите и на многу други органи да останат здрави. Само една шоља тиква може да обезбеди 200% од препорачаниот дневен внес на витамин А – а со тоа, очите ќе ви бидат благодарни, бидејќи Витаминот А помага за нивното здравје и да гледате појасно, особено во услови на слаба осветленост.

Подобрување на имунитетот: освен бета каротен, тиквата содржи и витамин Ц, витамин Е, железо и фолат – се што ќе помогне да го зајакнете вашиот имунолошки систем. Консумирањето повеќе тиква во вашата дневна исхрана може да им помогне на вашите имунолошки клетки да работат подобро за да ги заштитат бактериите и да го забрзаат заздравувањето на раните (доколку имате).

Намалување на холестеролот и крвниот притосок: тиквата е исто така преполна со калиум. Калиумот игра клучна улога за намалување на крвниот притисок. Исто така, тиквата (и семките од тиква) се преполни со минерали што го зголемуваат нивото на HDL холестеролот („добриот“ вид) и помагаат да се намали нивото на крвниот притисок.

Моите мафини од тиква

Овен што е здрава и што носи топло чувство на удобност на есента, тиквата е и МНОГУ вкусна. Плус, можете да ја консумирате на 101 начин. Испечете ја и јадете ја како десерт, направете чорба, направете лепче/колаче, бомбици или пак овие мафини! Која комбинација и да ја одберете, нема да погрешите, напротив, телото ќе ви биде благодарно!

mafini od tikva
Мафини од тиква

Најдобро од се е што мафиниве се минимално природно засладени со сируп од урми, но засладувачот можете комплетно да го изоставите или пак да го замените со кокосов шеќер или засладувач по ваша желба. Јас користев овесно брашно, но можете да употребите спелт, хељда, па дури и бело. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу и во reels кај мене на инстаграм.

Доколку се уште ги немаш направено овие мафини од тиква, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи се превкусни и се прават многу лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧁 Мафини од Тиква 🧁

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење25 minutes
Вкупно време30 minutes
Порции: 13 парчиња
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • блендер за мелење на овесот
  • вилушка за пасирање на тиквата
  • калап за мафини
  • силиконски или хартиени модли за мафини

Состојки

  • 2 шољи Брашно јас користев овесно, но можете да користите спелт или хељдино, по вкус
  • шоља Пире од јаболки направете го дома или доколку купите, внимавајте да биде без шеќер
  • шоља Растително млеко
  • 1 к.л. Прашок за печиво
  • 1 к.л. Сода Бикарбона
  • 2 с.л. Сируп од урми или кокосов шеќер
  • 1 с.л. Ванила Екстракт
  • 3 к.л. Цимет
  • 1 ½ шоља Пире од тиква печена и испасирана со вилушка
  • шоља Семки од тиква (за наросување) опционално

Инструкции

  • Загрејте ја рерната на 170 и подгответе си го тавчето за мафини.
  • Во сад, измешајте ја испасираната тиква, млекото, сосот од јаболки, ванилата и сирупот од урми (течните состојки).
  • Додадете го овесното брашно, прашокот за пециво, содата и циметот и мешајте додека да добиете еднолична смеса.
  • Со лажица, наполнете корпи за мафини отприлика 80%
  • Печете 20-25 минути на 170, но погледнувајте ги од време на време.

Вкупно парчиња: 13
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 231,8 kcal
Протеини: 9гр.
Јаглехидрати: 28 гр.
Масти: 13,35 гр.
Влакна: 4,4 гр.
Антиоксиданси, магнезиум
, калиум, железо

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи.  
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
***** Времето на печење зависи од типот и моќноста на рерната. Проверувајте ги да не ви загорат.

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .