Marija Marija Marija

🍝 Шпагети „вегањезе“ 🍝

Шпагети „вегањезе“ или веганска верзија на болоњезе! Излегоа навистина превкусни и одлична копија на оригиналот. А, ако веќе морате да бирате помеѓу мелено месо и (како во случајов) тофу и темпе, мојата препорака веќе ја знаете, тофу и темпе, засекогаш!

Инаку една порција од овие шпагети „вегањезе располага со МНОГУ протеини и растителни влакна и е МНОГУ (ама многу) поздрава варијанта од оригиналот. И тоа за мене е секогаш најголемиот предизвик – копијата да е подобра од оригиналот.

Океј, верувам дека моите италијански пријатели нема да се сложат… 🥹

СЕПАК, сите вие што сакате поздрав, подолг и поквалитетн живот, дефинитивно треба да ги пробате. Јас користам шпагети од киноа, но вие можете да употребите какви ви се наоѓаат по дома.

Шпагети „вегањезе“
Шпагети „вегањезе“

Болоњезе не е од Болоња?

Океј, и мене ова ми беше сосем нова информација – да не го објавев постов, веројатно ќе мислев дека шпагетите болоњезе потекнуваат од Болоња. Всушност, наспроти популарното мислење, ова јадење (веројатно) потекнува од Имола, мало гратче западно од Болоња за коешто има први документирани докази во користење на рагу сос (основата на Болоњезе) уште во 18тиот век.

Овие шпагети „вегањезе“ потекнуваат од Скопје и од мојата кујна. 🤣 И мислам дека ова е една од неколкуте варијанти со коишто може да се подготват.

Доколку не можете да најдете темпе (бидејќи кај нас нема) или сејтан, можете да употребите печурки, леќа и ореви – што воедно ќе биде и мојата следна комбинација, бидејќи леќа и ореви ми е секогаш врвно комбо.

Една порција – 70 грама протеин

Сите веќе знаеме зошто протеините се важни. Плус, во сите објави се трудам да посочам дека растителните протеини се одлични за вас и пред се – насекаде! Епа, моите шпагети „вегањезе“ имаат 70 грама протеин во една порција. Ако тоа не ви е доволно, не знам што ви е… 🤷🏻‍♀️

Како да направите шпагети „вегањезе“

Доколку некогаш сте подготвувале рагу сос или болољезе, подготовката на овој рецепт ќе ви биде подеднакво едноставна (чекор плус е рендањето на тофуто). Целата постапка ја имате во рецептот подолу, на кратко, еве ги чекорите:
1. ги варите шпагетите според упатството на пакувањето
2. го динстате зеленчукот (со вода или маслиново);
3. ја додавате смесата од маринирано тофу и темпе;
4. го додавате доматниот сос и крчкате;
4. ги додавате сварените шпагети крчкате се заедно и послужувате.

И уште едно потсетување – чим јас ги правам – верувајте, воопшто не е комплицирано. Се ќе биде готово за 30тина минути. Кратко видео од подготовката имате во reels кај мене на инстаграм.

Шпагети „вегањезе“
Доколку си љубител на паста и особено на болоњезе, тогаш дефинитивно треба да ја пробаш оваа моја веганска и многу здрава верзија. Моите шпагети „вегањезе“ имаат 70 грама протеин од порција, одлични се на вкус, и многу потсеќаат на оригиналот. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍝 Шпагети „вегањезе“ 🍝

Време на подготовка20 minutes
Време на готвење10 minutes
Вкупно време30 minutes
Порции: 2
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • тенџере за варење на тестенините
  • тенџере за подготовка на зеленчукот

Состојки

Вегањезе сос

  • 200 гр. Тофу изрендано
  • 200 гр. Темпе може да се замени со рендан сејтан
  • 1 к.л. Димена пипер
  • 1 к.л. Зеленчуков зачин
  • 4 с.л. Нутритивен квасец
  • 1 к.л. Сол
  • 1 к.л. Лук во прав
  • 1 с.л. Барбукју сос или домашен кечап
  • 1 с.л. Маслиново масло или вода
  • 1 Црвен кромид поголем
  • 2 Моркови средни, или 3 помали
  • 3 месечинки Лук
  • 500 мл. Доматен сос

Тестенини

  • 160 гр Шпагети од киноа  или по желба, за двајца
  • 1 к.л. Маслиново масло
  • 1 к.л. Сол
  • 500 мл. Вода

Инструкции

  • Издробете го темпето (или изрендајте го сејтанот) и изрендајте го тофуто.
  • Додадете ги зачините и сосот и убаво измешајте. Оставете да се маринира 10тина минути.
  • Сварете ги тестенините според упатството на пакувањето во посолена вода со маслиново.
  • Во меѓувреме, во подлабого тавче/тенџере загрејте маслиново масло (или вода) и ставете го кромидот, морковот и лукот да се динстаат, на среден оган.
  • Додадете ја маринираната протеинска смеса и динстајте се заедно.
  • Додадете го доматниот сос и варете уште малку, додека смесата да се згусне.
  • Додадете ги шпагетите (и малку од водата во која се вареа, доколку сосот е густ) и измешајте.
  • Послужете со свеж магдонос или вегански пармезан.

Вкупно парчиња: 2 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 636,2,5 kcal.
Протеини: 69,75 гр.
Јаглехидрати: 63,95 гр.
Масти: 24,4 гр.
Влакна: 17,65 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .