Marija Marija Marija

🥗 Грчка салата со Тофу и Авокадо 🥗

Оваа грчка салата со тофу и авокадо е само мал твист на добро познатата грчка салата. Наместо фета – додадов маринирано тофу за протеин (детално за маринадата имате во рецептот подолу), плус додадов авокадо. Откако ја направив и почнав да го пишувам текстов, сфатив дека не ставив кромид (заборавив да купам), но одлично функционира и без.

Сосем на крај додадов неколку каперси – што да правам, ми имаат вкус на море… 🌊

Ја зачинив само со маслиново, оригано, сол и мааалку балзамико. Во 1 супена лажица балзамико оцет има 14 калории. Важно е да се напомене дека балзамико оцетот има доста шеќер, и најдобра опција за зачинување на вашите салати е со сок од лимон, но лето е и на сите ни треба малку опуштање и уживање!

И тоа е тоа, брза, едноставна и многу лесна а сепак добро избалансирана веганска грчка салата со тофу и авокадо.

грчка салата со тофу и авокадо

Фолат (витамин Б9) – собено важно за бремените жени, бидејќи фолатите се потребни за нормален раст на ткивото и функцијата на клетките.

Калиум – суштински минерал, корисен за контрола на крвниот притисок и спречување на срцеви заболувања.

Како да ја направите оваа грчка салата со тофу и авокадо

Ова е повеќе реторско прашање 🤣 но одговорот е: ЛЕСНО! На мојот инстаграм профил имате и видео како да ја подготвите – иако знам дека не ви треба, сигурно сте подготвиле барем десетици грчки салати до сега 😀Како и сите мои рецепти, така и оваа салата е веганска, посна, вкусна и здрава. А кога сме веќе кај познати салати во вегнаска варијанта, еве едно потсетување на мојата Веган Капрезе салата – совршена за во лето!

Доколку си љубител на грчка салата, тогаш дефинитивно треба да ја направиш мојата грчка салата со тофу и авокадо. Те охрабрувам, бидејќи е превкусна, избалансирана и супер здрава! Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🥗 Грчка салата со тофу и авокадо 🥗

Автор: Марија Марија Марија

Состојки

Маринирано Тофу

  • 150 гр. Тофу коцки
  • ½ с.л. Маслиново масло
  • ½ к.л. Сол
  • 1 с.л. Нутритивен квасец
  • 1 к.л. Оригано за маринирање на тофуто
  • 1 к.л. Копар

Салата

  • 2 помали Домати
  • ½ Краставица или цела, доколку е мала
  • ¼ Авокадо
  • 10 мали Маслинки
  • ½ с.л. Каперси
  • ½ црвен Кромид јас го заборавив
  • ½ с.л. Маслиново масло
  • ½ с.л. Балзамико оцет
  • ½ к.л. Сол
  • 1 к.л. Оригано

Инструкции

  • Маринирајте го тофуто, така што ќе му додадете ½ лажица маслиново, сол, нутритивен квасец, оригано и копар. Промешајте и оставете даотстои неколку минути додека го сецкате зеленчукот.
  • Исецкајте го доматите, краставицата, авокадото и кромидот (доколку не го заборавите како мене) и ставете ги во подлабок сад.
  • Додадете ги маслинките, тофуто и каперсите.
  • Зачинете со маслиново, сол, балзамико и оригано. На здравје!

Вкупно парчиња: 1 салата
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 497,9 kcal.
Протеини: 23,3 гр.
Јаглехидрати: 26 гр.
Масти: 39,8 гр.
Влакна: 13,3 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .