Marija Marija Marija

🍰 Чизкејк со Малина и Чиа 🍰

чизкејк со малина и чиа - Хедер

Овој сиров чизкејк со малина и чиа е уште еден постар рецепт објавен првично на мојот инстаграм профил, но толку е освежувачки и здрав, што морав да ви го објавам и тука. 😍

Зошто велиме „здрави десерти“ кога сепак се доста калорични?

Апсолутно е неточно дека здравата храна нема калории. Напротив, калории има буквално во сè што консумираме. Целата поента на моите десерти е да не се консумира преработен шеќер, преработени производи, емулгатори, вештачки бои и ароми и останати додатоди што ги има во спакуваните десерти на рафтовите.

Плус, здравите десерти можете да ги балансирате со додавање на макронутриенти, за разлика од готовите производи со долг век на полица.

Чизкејк со Малина и Чиа
Чизкејк со Малина и Чиа

Животот нема поента без десерт

Иако многумина преферираат солена храна, сепак, секој ужива во добар десерт, барем повремено. Епа овој чизкејк со малина и чиа не само што е добар, туку е одличен! Може да го направите и послужите како торта, или пак, како во мојот случај, барови.

Како да го направите овој чизкејк со малина и чиа

Прилично лесно, во процесор за храна, сецко или блендер. Ви треба и тавче и секако, замрзнувач. Нема голема филозофија. Сепак, начинот на подготовка во детаљи ви е објаснет во рецептот подолу. Како и за сите сирови чизкејк торти или барови: прво ја правите базата, па замрзнувате. Па го правите филот (кремот) па посвторно замрзнувате. На крај го правите топингот и откако ќе се стврдне па отпушти, спремна е за послужување.

Освежителен микс од вкусови

Ореви, урми и какао ми се ретко добра комбинација. Плус, индиските ореви, какосовото млеко, лимонот и малините го прават кремот навистина освежителен и вкусен. Инаку, јас користев малку засладувач, но вие можете да го изоставите за да добиете ептен здрав чизкејк.

Доколку се уште го немаш пробано и направено овој чизкејк со малина и чиа, еве прилика. Те охрабрувам, бидејќи е навистина освежителен и вкусен. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍰 Чизкејк со Малина и Чиа 🍰

Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна
  • тавче за чизкејк / тарт
  • хартија за печење
  • тенџере

Состојки

База

  • 1 шоља Ореви
  • 1 шоља Овесни снегулки
  • 1 шоља Урми, без семка накиснати во врела вода 15 минути и убаво исцедени
  • 1 с.л. Ванила Екстракт
  • 1 к.л. Цимет
  • 1 с.л. Чиа семе

Чизкејк крем (полнење)

  • 2 шољи Индиски ореви накиснати преку ноќ и убаво исцедени
  • ¼ шоља Кокосово млеко од конзерва, само густиот, цврст дел
  • шоља Јаворов сируп или друг засладувач (може и помалку)
  • 2 с.л. Сок од лимон
  • ¼ шоља Малини свежи или смрзнати

Топинг (чиа џем)

  • 2 шољи Малини свежи или смрзнати
  • 1 с.л. Сок од лимон
  • 2 с.л. Вода
  • 2 с.л. Чиа семе
  • 1 с.л. Јаворов сируп или засладувач по желба, опционално
  • 1 с.л. густин опционално

Инструкции

База

  • Ставете ги сите состојки за базата во процесор за храна и блендајте додека да добиете леплива смеса.
  • Ставете ја смесата во тавчето во коешто ќе ја правите тортата (добро е да ставите хартија за печење, за полесно вадење) и убаво натапкајте ја за да се формира базата.
  • Ставете во замрзнувач за да се стегне додека го подготвувате кремот.

Чизкејк крем (полнење)

  • Во процесорот за храна ставете ги сите состојки за чизкејк кремот и блендајте додека да добиете кремаста сднолична смеса.
  • Малините можете да ги додадете откако ќе изблендате се, доколку сакате да имате цели парчиња, или пак да ги блендате заедно за да добиете розев филинг.
  • Додадете го чизкејк кремот врз базата и вратете во замрзнувач.

Топинг (џем од малина и чиа)

  • За да го направите џемот, потребно е да ги ставите малините во тенџерче на оган со средна јачина.
  • Штом почне да врие, изгмечете ги малините онолку колку што сакате (сосем изгмечени за конзистентен џем или пак делумно, доколку сакате парчиња малини).
  • Додадете го сокот од лимон и водата и мешајте.
  • Потоа, додадете го чиа семето и засладувачот (доколку користите) и мешајте додека смесата да се соедини. Јас додавам и лажица густин за да добијам уште по-гел структура, ова секако е опционално.
  • Тргнете го тенџерето од оган и оставете комплетно да сеолади па истурете го врз чизкејкот.
  • Вратете во замрзнувач најмалку 3 часа или најдобро преку ноќ. Пред да ја сечете, извадате ја 30тина минути да се отпушти.

Вкупно парчиња: 9
(препорачана порција: 1 парчe)
Нутритивни вредности од порција:
Калории:
Протеини:
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .