Оваа чорба од домати ме потсетува на далматинската juha od rajčica, доматна супа што далматинците ја прават со ориз. Верувале или не, на еден од одморите во Хрватска, ја јадев можеби секој ден. Од тогаш наваму, ја правам оваа моја верзија, исто така превкусна, и дури и уште поздрава. Плус, мојата љубов кон супи, чорби и манџички е вечна, како што можете да видите од она што го готвам.
Збор два за доматот
Доматите се богати со ликопен – којшто им ја дава црвената боја и ги штити од ултравиолетовите зраци на сонцето. Па така, ликопенот помага во заштита на клетките од оштетување. Доматите се богати и со калиум, витамини Б и Е и други хранливи материи.
Инаку ликопенот е антиоксидант што се бори со слободните радикали што ги оштетуваат клетките и влијаат на имунолошки систем.
Поради тоа, храната богата со ликопен, како што се доматите, ја намалува можноста од многу заболувања како што се рак на белите дробови, желудникот или простатата, заболувања на панкреасот, дебелото црево, грлото, устата, градите и грлото на матката.
Мало, црвено и многу моќно!
Збор два и не се баш доволни, па еве се што треба да знаете пред да ја подготвите мојата чорба од домати (и секако, зошто треба редовно да си ја правите).
За здраво срце
Ликопенот, исто така, може да помогне во намалувањето на нивото на ЛДЛ, или „лошиот“ холестерол, како и за подобрување на крвниот притисок. Содржи витамини Б и Е и антиоксидансите наречени флавоноиди, што можат да го зајакнат здравјето на вашето срце.
За подобар вид
Мојата чорба од домат содржи и морков па комбинацијата е одлична за здравјето на вашите очи. Лутеинот и зеаксантинот помагаат при заштитата на очите од сината светлина (или природни „Барнерки“). Го намалуваат уморот во очите и ја намалуваат главоболката што е последица од напрегање на очите.
За подобар проток на крв
Внесувањето повеќе домати во исхраната може да ги намали шансите од мозочен удар, бидејќи доматите го намалуваат воспалението, го зајакнуваат имунолошкиот систем, го намалуваат нивото на холестерол и ја штитат крвта од згрутчување. Фактори што можат да помогнат да се спречи мозочниен удар.
За здрава и чиста кожа
Ликопенот ги штити доматите од сончевите зраци и истото може да го направи и за вашата кожа. Секако, не треба да се мачкате со домати, продолжете со употреба на заштитните креми, плус, јадете многу свежи домати и секако, оваа вкусна. издрава чорба од домати!
За здрави бели дробови
Некои студии покажуваат дека доматите може да им помогнат на луѓето со астма како и да помогнат во спречување на емфизем, состојба која полека ги оштетува воздушните кеси во белите дробови. Ова доаѓа како резултат на тоа што ликопенот, лутеинот и зеаксантинот, меѓу другите антиоксиданси, се борат со штетните материи во чадот од тутунот, (инаку водечка причина за емфизем).
Ете… Сега откако научивме некои од најважните придобивки од доматите, мислам дека нема потреба да ве убадувам зошто треба да си ја направите мојата чорба со домати. Плус, ја правам со интегрален ориз и цело зрно овес за уште повеќе нутриенти, диететски влакна и ситост. Ова е навистина прекрасен ручек, што задолжително треба да си го искомбинирате со свежа салата (препорачувам свеж спанаќ, авокадо и тофу). Инаку, целиот рецепт е подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.
Доколку си љубител на супи и чорби а се уште ја немаш направено оваа чорба од домати, те охрабрувам да ја направиш уште денес. Многу е вкусна, здрава, густа и сочна. Плус богата со витамини, минерали и диететски влакна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍅 Чорба од домати 🍅
Oпрема
- рачен блендер
Состојки
- 4 Домати свежи, ситно исецкани
- 3 Моркови свежи, ситно исецкани
- 1 Црвен кромид ситно исецкан
- 4 месечинки Лук ситно исецкан
- 1 конзерва Пелати 400 гр.
- 1 конзерва Вода (истата конзерва од пелатите) може и повеќе ако сакате поретка чорба
- ¼ шоља Овес цело зрно претходно накиснат во вода за пократко да се вари
- ¼ шоља Интегрален ориз претходно накиснат во вода за пократко да се вари
- 1 с.л. Маслиново масло
- 1 к.л. Сол или по вкус
- 1 к.л. Зеленчуков зачин или по вкус
- 1 к.л. Оригано или по вкус
- 1 к.л. Јаворов сируп или засладувач по желба (за да ја одземе киселоста од доматите)
Инструкции
- Ситно исецкајте го зеленчукот.
- Во поголемо тенџере додајте го маслиновото, кромидот и морковите и запржете ги додека да омекнат. Маслиновото можете да го замените и со вода.
- Откако ќе омекнат, додадете ги свежите домати и гответе со мешање.
- Потоа, додадете ги пелатите, водата, зачините и засладувачот игответе кратко.
- Со рачен блендер изблендајте ги состојките додека да добиете течност и сосем на крај додајте ги зрната овес и интегралниот ориз.
- Гответе уште 20тина минути за да се сварат житарките.
- Послужете со балзамико крема и тостиран сусам.
Вкупно порции: 3
(препорачана порција: 1 чинија)
Нутритивни вредности од порција:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .