Marija Marija Marija

🥠 Здрави смоква штрудли 🥠

здрави смоква штрудли - Хедер
Здрави смоква штрудли

Овие здрави смоква штрудли (барем поздрави од купечките) мислам дека ми се новиот фаворит. Како голем љубител на смокви (макаршто, признавам, жал ми беше да ставам свежи, па ги правев со суви) морав да си направам вакво десертче. И да ви кажам право, супер е за со кафе или чај. Минимално е засладено а смоквите му даваат предобар шмек и блажина.

Само неколку состојки и без многу комплицирање

Со само 8 состојки (од кои две се вода и сол) овие здрави смоква штрудли се прилично достапен и едноставен десерт. Мене најкомплицирано ми беше ролањето, ама не е нешто што не се совладува. Плус, ги правите за себе, па не мора да се најсовршените ролни, нели? Или во крајна линија, можете само да ги преклопите и воопшто да не семачите со ролање.

Здрави смоква штрудли – во вистинска смисла на зборот

Имаат само неколку состојки, и сите се супер здрави и добри за вас. Смоквите се одчичен извор на диететски влакна, антиоксиданси и нутриенти. Сами по себе се благи па доаѓаат како природен засладувач. Овесот исто така, е супер извор на диететски влакна и многу подобра опција отколку бело брашно. Бадемите се извор на здрави масти и витамин Е и калциум.

Како ги направите овие здрави смоква штрудли

Иако рецептот може да ви делува комплицирано, поради времето на ладење, верувајте воопшто не е. Повеќе ви треба трпение, но тоа е само за убаво да ви се стегне смесата. За да си го поделите времето, направете си го полнењето од смокви однапред (иако е готово за 10тина минути).

Здрави смоква штрудли

Се печат минимално и од надвор се крцкави а внатре сочни. Целиот рецепт и начинот на подготовка го има објаснето подолу во овој пост, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Здрави смоква штрудли
Доколку си љубител на штрудли со смоква, но сакаш поздрава домашна верзија, еве го рецептот за тебе.  Моите здрави смоква штрудли се многу вкусни и многу поздрави од купечките бидејќи се природно засладени и со само неколку целосни состојки. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🥠 Здрави смоква штрудли 🥠

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење45 minutes
Вкупно време50 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • ½ шоља Овесно брашно
  • ½ шоља Мелени бадеми
  • 2 с.л. Сируп од урми
  • 1 к.л. Цимет
  • ½ к.л. Сол
  • 4 с.л. Кокосово масло растопено
  • 130 гр. Суви смокви
  • 100 мл. Вода

Инструкции

  • Смоквите ставете ги во тенџерче на оган, полејте ги со водата и варете ги на среден оган 10тина минути.
  • Додека се варат, згмечете ги со алатка за пире (или дрвена лажица).
  • Во подлабок сад измешајте ги сите состојки (освен смоквите) и замесете додека да добие цврста топка.
  • Ставете го тестото во фрижидер да се стегне 10-тина мин.
  • Расукајте ја кората помеѓу 2 листа хартија за печење (најубаво во правоаголна форма).
  • Врз кората намачкајте го филот од смокви.
  • Внимателно направете ролна од кората и ставете ја во ладилник да се стврдне 15тина минути.
  • Откако ролатот ќе се олади, исецкајте кругчиња и ставете ги да се печат на 150 12-15 минути, додека коричката да зарумени.

Вкупно парчиња: 10 парчиња
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: kcal.
Протеини: гр.
Јаглехидрати: гр.
Масти: гр.
Влакна: гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .