Marija Marija Marija

🍛 Протеински печен овес (солен) 🍛

протеински печен овес - Хедер

Овој протеински печен овес е супер идеја за балансиран и здрав појадок. Особено доколку ви се јаде нешто солено и сакате да промените од овесната каша и чиа пудинг. Ова е втор солен печен овес што го имам, првиот можете да го преземете од прирачникот со 10 печени овесни оброци 👇🏻

Инаку, овој протеински печен овес, го смислив најслучајно, при желба да појадувам нешто солено а притоа да внесам доволно протеини и железо (ѓто ми се особено важни за доењето).

Подготовката е лесна и брза – каква што и мора да биде кога дома имате мало бебе! А на вкус излезе зачудувачки вкусен!

Протеински печен овес

Зошто овој протеински печен овес?

  1. Затоа што сите веќе добро знаеме зошто и колку е важно да се внесуваат протеини во сите оброци.
  2. Затоа што е супер опција за солен појадок, вкусен и добро избалансиран.
  3. Затоа што се прави брзо и лесно.
  4. Затоа што можете да експериментирате со вкусовите (јас го направив со чери домати и маслинки, но вие можете да му додадете зеленчук по желба и вкус).
  5. Затоа што има 33 грама протеин, 32 грама јаглехидрати од кои 10 грама диететски влакна и 24 грама масти.

Ова се само 5 причини поради коишто треба да го пробате мојот протеински печен овес. Плус е супер здрав и богат со диететски влакна. Хммм… дали ви требаат уште причини?

Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Протеински печен овес

Само за потсетување, дека имате уште 10 предлози за печени овесни оброци што можете да ги преземете овде. А наскоро, уште неколку нови вкусови!

Доколку си љубител на печен овес но сакаш и солени појадоци, тогаш овој протеински печен овес е совршен за тебе. Вкусен, и прелесен за правење ќе ги задоволи твоите протеински потреби за појадок и ќе те држи сит долго време. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или да ми оставиш коментар под овој пост.

🍛 Протеински печен овес (солен) 🍛

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење15 minutes
Вкупно време20 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • 150 гр Тофу изрендано
  • 3 с.л. Овесни снегулки
  • 2 с.л. Нутритивен квасец
  • 2 с.л. Срца коноп опционално
  • шоља Растително млеко
  • ½ к.л. Црна сол (Кала Намак)
  • ½ к.л. Зеленчуков зачин или сол½
  • ½ к.л. Куркума
  • ½ к.л. Димена пипер или други зачини по вкус и желба
  • 5-6 Маслинки исецкани
  • 3-4 Чери домати исецкани

Инструкции

  • Во сад за печење ставете ги овесните снегулки, нутритивниот квасец, зачините и срцата коноп (доколку користите).
  • Измешајте и додадете го млекото.
  • Изрендајте го тофуто и наросете го врз смесата од овес.
  • Зачинете и додадете ги доматите и маслинките.
  • Печете 15тина минути во претходно загреана рерна на 170.

Вкупно парчиња: 1 порција
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 459 kcal
Протеини: 33,5 гр.
Јаглехидрати: 32,7 гр.
Масти: 24,4 гр.
Влакна: 9,8 гр

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи.  
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .