Моите медитерански крекери, се уште едни во низата здрави крекери, а штом ги пробате, веднаш ќе посакате да сте покрај море, бидејќи вкусот е навистина неодоливо летен. Сем што се многу вкусни, многу се и здрави и дефинитивно треба да ги пробате. Јас ги правев со брашно од хељда, но можете да ги направите и со овесно брашно.
Крекери за појадок, ужина, ручек
Овие медитерански крекери можете да ги јадете за појадок со тофу кајгана и свеж домат и краставица. Можете да ги грицкате за ужина, додека гледате филм или пак да ги послужите со вашата омилена салата. Во која форма и да решите да ги консумирате, нема да згрешите – навистина се супер и на вкус а и во составот. Имаат 3 од 7-те најздрави семиња што можете да ги консумирате, плус брашно од цели зрна хељда. А маслинките, каперсите и сушените чери домати во целост го надополнуваат вкусот.
Зошто баш овие медитерански крекери?
Од неколку причини: се прават во еден сад, брзо и едноставно. Богати се со протеини, минерали, витамини, омега 3 и незаситени масти. Крцкави се и имаат многу убав летен вкус. Како и да е, се многу подобра опција отколку да грицкате купечки, преработени крекери.
Затоа и најтопло ви препорачувам да ги пробате. Навистина се многу лесни за правење. Целиот рецепт и начинот на подготовка ви е напишан подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.
Доколку си љубител на крекери, а воедно сакаш да јадеш поздрава опција, ти ги препорачувам овие медитерански крекери. Имаат навистина преубав вкус, крцкави се и многу, многу поздрави код кои било купечки. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🫓 Медитерански Крекери 🫓
Состојки
- 1 шоља Брашно од хељда замена: овесно брашно
- ⅓ шоља Семки сончоглед
- ⅓ шоља Семки тиква
- ¼ шоља Ленено семе
- ⅓ шоља Сушен чери домат
- ½ шоља Маслинки
- ¼ шоља Каперси може да се изостават
- 3 с.л. Сусам
- 1 с.л. Оригано
- 1 к.л. Лук во прав
- 1 к.л. Копар, сув или други зачини по вкус
- 2 с.л. Нутритивен квасец може да се изостави
- ⅓ шоља Вода додавајте ја постепено додека мешате
Инструкции
- Загрејте ја рерната на 170.
- Во подлабок сад додадете ги сите состојки и зачини (сем водата).
- Убаво промешајте и додајте ја водата постепено со постојано мешање.
- Потребно е да добиете хомогена смеса што не е премногу течна.
- Ставете ја смесата помеѓу 2 парчиња хартија за печење и убаво расукајте.
- Отстранете го горното парче хартија, исечете во посакувани форми и ставете ги во тавче за печење.
- Печете во загреана рерна 20тина минути, или додека да заруменат. Надгледувајте ги да не ви загорат.
- Оставете ги да се оладат, одвојте ги и послужете.
Вкупно парчиња: 50 крекери
(препорачана порција: 8 парчиња)
Нутритивни вредности од порција (** без додатоци):
Калории: kcal
Протеини: гр.
Јаглехидрати: гр.
Масти: гр.
Влакна: гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** к.л. = кафно лажиче - ќе го користам како кратенка ***Времето на печење зависи од типот и моќноста на рерната. Проверувајте да не ви загорат или пак да не случајно не се добро испечени
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .