Marija Marija Marija

🍠 Палачинки од Сладок Компир 🍠

палачинки од сладок компир - Хедер

Од палачинки никогаш доста, особено кога ќе ми дојде инспирација за нова варијанта како што беа овие палачинки од сладок компир. Инаку, рецепти од сладок компир имам многу, исто како што имам и многу за палачинки. Секако, тоа не значи дека не треба да имам уште повеќе, нели?

Инаку, (fun fact) овој рецепт беше еден од последните што ги тестирав пред да заминам во болница на породување. Токму затоа мислам дека ќе го памтам вечно а и дека ќе го правам често. Секако, чим јас ги направив овие палачинки од сладок компир во тој стадиум (39-та недела од бременост) – епа може секој. Единствено и МНОГУ ВАЖНО (‼️) како и за повеќето палачинки, така и за овие да ги печете на нелепливо тавче. 

А вкусот… вкусот е неодоливо сладок. Сочни се и меки и ќе го исполнат домот со преубава арома! Баш како што едно саботно утро заслужува… Бонус што додава на вредноста на овие палачинки е што се супер начин да внесете сладок компир во исхраната, на неприметен начин.

палачинки од сладок компир

Со што да ги искомбинирате овие палачинки од сладок компир

Со што ви душа сака! Ооокеј, не може баш со сè, бидејќи реално се благи, па не може баш да ги јадете со солени комбинации… Но, супер одат со путер од јатки, свежо или смрзнато овошје, џем или само со јаворов сируп и семки. Како и да е, се прават лесно, брзо и во еден сад, па без проблем можете да ги пробувате во различни комбинации. Целиот рецепт е подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Палачинки од Сладок Компир
Доколку често правиш американски палачинки, те предизвикувам и охрабрувам да ги пробаш моите палачинки од сладок компир. Многу се вкусни, здрави, меки и сочни и уште еден начин да внесеш повеќе зеленчук и диететски влакна во оброците. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍠 Палачинки од Сладок Компир 🍠

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време25 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • 1 шоља Овесно брашно мелени овесни снегулки
  • ¾ шоља Сладок компир изгмечен во пире
  • 1 к.л. Прашок за пециво
  • 1 ¼ шоља Растително млеко
  • 2 с.л. Јаворов сируп или засладувач по желба
  • 1 с.л. Ванила екстракт опционално
  • 1 с.л. Путер од бадем опционално, но препорачливо

Инструкции

  • Измешајте го брашното и прашокот за печиво.
  • Додадете го пирето од сладок компир и промешајте, па додадете ги и останатите состојки.
  • Печете ги на нелепливо тавче за палачинки по 3 минути од секоја страна, на тивко.
  • Послужете ги со свежо овошје, путер од јатки или вашиот омилен топинг.

Вкупно парчиња: 8-10
(препорачана порција: 4 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
**** Нелепливо тавче овде игра клучна улога

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .