Marija Marija Marija

🍱 Пролетни ролнички 🍱

полнети ролнички - Хедер

Овој тип на полнети ролнички или попознати како spring rolls (Gỏi cuốn) се традиционално Виетнамско јадење, но се распространети насекаде низ Азија. Се разликуваат од кинеските пролетни ролнички по тоа што овие се свежи, додека кинеските се пржени и полнети со готвен зеленчук (или месо).

Традиционалните виетнамски пролетни ролнички се служат со рибји сос, но вториот сос по избор е со путер од кикирики, каква што верзија си направив и јас. Не проверив каков е оригиналниот рецепт за сосот со путер од кикирики, ама мојава излезе ВРВНА!

Инаку, за пролетни ролнички нема некој посебен рецепт, битно е да имате оризова хартија и свеж зеленчук по желба. Доколку јадете ракчиња, можете да ставите зготвени ракчиња, или пак печено или запржено тофу (димено функционира исто) 😋

пролетни ролнички

И сега, мојата омилена фотка, или суровата реалност – 4 месеци по породувањето, моето летно тело навистина не беше подготвено (иако оптимистички мислев дека ќе биде). Овие пролетни ролнички беа мноооооогу вкусни, но бидејќи ги правам прв пат, мојата проценка е дека треба да се испраксирам со ролањето, па дефинитивно ќе ги направам уште неколку пати.

Инаку, јас ги полнев со:
– Авокадо
– Чери
– Морков
– Краставица
– Маслинки
– Младо кромитче
– Растителен кашкавал
– Марула
– Соба вермичели нудли од хељда
– Димено тофу

*** Сите азиски состојки ги набавив од азиската продавница во Центар

spring rolls

Како да си направите пролетни ролнички?

Инаку, начинот на подготовка го имате на сликите подолу, а кратко видео од подготовката имате и кај мене на инстаграм во reels. ‼️ Она што е клучно во подготовката на пролетни ролнички е, да ја натопите убаво оризовата хартија во млака вода. Потоа, потребано е да ја ставите на влажна површина додека ја полните. Мотањето е вежба!

Заради баланс, мојата препорака, како и секогаш е, да ставите свеж зеленчук во изобилство, извор на протеин како и извор на здрави масти – но доколку го направите мојот сос со путер од кикирики, мастите ви се покриени!


Сос со путер од кикирики

Е сега за сосов! Можам да го опишам само со 1 збор: ЛУДИЛО. Можно е поради мојата опсесија со путер од кикирики, не велам не. Но навистина излезе превкусен. Плус во комбинација со свежите пролетни ролнички беше апсолутна победа. Ме потсети на виетнамскиот сос каков што го паметам и тоа ептен ме израдува! Да не должиме многу, рецептот за сосот е 👇🏻

Доколку и ти како мене многу сакаш да пробаш пролетни ролнички, но никако да направиш, ова е знакот! набави оризова хартија и свеж зеленчук и почни со мотање. А, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или да ми оставиш коментар под овој пост.

🥜 Сос од путер од кикирики 🥜

Време на подготовка5 minutes
Вкупно време5 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • 2 с.л. Путер од кикирики полни
  • 1 с.л. Соја сос
  • ½ с.л. Оризов оцет замена: сок од лајм/лимон
  • 1 с.л. Чили сос (по вкус)
  • ½ с.л. Агаве
  • 1 месечинка Лук ситно изрендана
  • 1-2 с.л. Вода Опционално, за да ја одредите густината

Инструкции

  • Ги мешате сите состојки во сад.
  • (Опционално) Постепено додавајте вода, лажица по лажица, за да ја добиете посакуваната густина.

Вкупно парчиња:
(препорачана порција: )
Нутритивни вредности од порција:

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи.  
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .