Marija Marija Marija

🫑 Полнети пиперки со Киноа 🫑

полнети пиперки со киноа - Хедер

Овие полнети пиперки со киноа, целер, кромид и домат се еден навистина превкусен ручек, а сепак малку поинаков од класичните полнети пиперки на коишто сме научени.

Полнета пиперка, за мене е едно прекрасно јадење – во секоја варијанта и облик. Црвени, зелени, со ориз, со печурки – со што и да се, МНОГУ ги сакам. Па така и овие полнети пиперки со киноа ми беа превкусни.

Потеклото на полнетите пиперки

Во нашата кујна, полнетите пиперки се останати во наследство од Отоманската империја, но кога го пишував овој пост всушност читав малку повеќе за историјата на полнетите пиперки и бев фасцинирана од фактот дека пиперки се полнеле и се полнат буквално во секој крај од светот, на различни начини и со различни состојки, но во основа правејќи го истото јадење.

полнети пиперки со киноа
полнети пиперки со киноа

Полнети пиперки со Киноа

Најчесто, во Македонската кујна, пиперките се полнат со бел ориз и мелено месо. Јас месо не јадам веќе 20 години, па во мојата кујна, пиперките се полнат со ориз, печурки, ореви (и понекогаш) праз. Исто така, најчесто кај нас пиперките се полнат со длабење и се готват во доматен сос и масло.

Сакајќи да пробам друга варијанта малку поздрава (не дека белиот ориз не е здрав, ама киноата е малку подобра) решив пиперките да ги направам со оваа комбинација. Споредбата е следна:

🍚 Калории во 1 шоља бел ориз: 716
🍛 Калории во 1 шоља киноа: 626
🍙 Јаглехидрати во шоља бел ориз: 151,1 гр.
🍲 Јаглехидрати во шоља киноа: 109,1 гр.
🍥 Протеини во шоља бел ориз: 4 гр.
🌾 Протеини во шоља киноа: 24 гр.

Исто така, не е чудо што киноата стана една од најконзумираните и најбараните здрави намирници во светот, благодарение на високото ниво на минерали и влакна, како и фактот дека киноата е целосен протеин, што значи дека ги содржи сите девет есенцијални аминокиселини. Ова ја прави една од ретките растителни целосни извори на протеини.

Доколку си љубител на зелено кари, еве ти прилика да го пробаш моето. Те охрабрувам, бидејќи се прави за 30тина минути и е превкусно и супер здраво! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🫑 Полнети пиперки со Киноа 🫑

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење1 hour 20 minutes
Вкупно време1 hour 30 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • 1 Бабура црвена, зелена, жолта
  • ½ шоља Киноа мерена несварена
  • 1 шоља Зеленукова супа од коцка
  • 2 дршки Целер
  • 2 млади Кромитчиња
  • 1 помал домат
  • 1 с.л. Маслиново масло
  • ½ к.л. Сол
  • ½ к.л. Димена пипер
  • ½ к.л. оригано или зачини по желба и вкус

Инструкции

  • Загрејте ја рерната на 170 и исечете ги пиперките по должина. Можете да ги полните и со отсекување на врвот и вдлабнување – мене вака ми е полесно.
  • Исецкајте го младиот кромид, целерот и доматот.
  • Сварете ја коцката супа и ставете ја киноата да се вари. Откако киноата ќе почне да врие, намалете ја температурата на најтивко, поклопете го тенџерето и оставете ја да се вари 15/20 минути додека да се упие целата течност.
  • На тавче за пржење, пропржете ги кромидот и целерот, додека да омекнат и потоа додадете ги доматите и сварената киноа. Динстајте додека да испари течноста.
  • Ставете ги пиперките во тавче за печење. Минимално пропрскајте ги со маслиново и наполнете ги со смесата од киноа.
  • Покријте го тавчето со фолија и печете 35 минути. Потоа, тргнете ја фолијата и печете уште 15 минути, за да зарумени киноата.
  • Послужете со свежа салата или павлака од индиски ореви.

Вкупно парчиња: 1 порција
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 505,2 kcal.
Протеини: 15,2 гр.
Јаглехидрати: 72,15 гр.
Масти: 19,7 гр.
Влакна: 10,9 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .