Marija Marija Marija

🥒 Плескавици од Тиквичка 🥒

плескавици од тиквичка - Хедер
Плескавици од Тиквичка

Овие плескавици од тиквичка, прв пат ги направив лани, и скоро сум сигурна дека никој (освен мене) не ги памти, ниту пак ги има направено.

Епа еве сега нова шанса, да си ја поправите грешката! Зошто? Затоа што се неверојатно вкусни, здрави, со малку калории и малку јаглехидрати. Плус, имаат добра количина на растителен протеин, а тоа е тоа што сите го сакаме деновиве, нели?

Но тоа не е се! Овие плескавици од тиквичка се богати со растителни влакна, антиоксиданси и здрави масти. Доколку ги искомбинирате со тофу и свежа зелка салата ќе добиете максимално избалансиран а сепак нискокалоричен оброк! За потсетување – тиквичката има само 17 калории на 100 грама. Според мене, тиквичката заедно со зелката спаѓаат меѓу најдобрите храни за калориски дефицит.

Како да ги подготвите овие плескавици од тиквичка

Многу лесно и едноставно! Најкомплицираниот (но најважен ‼️) дел е цедењето на тиквичките. Бидејќи содржат многу вода, потребно е многу убаво да ги исцедите, во спротивно смесата ќе ви биде течна. Откако ќе го направите ова, само измешајте ги сите состојки во еден сад.

Една порција, 266 калории

Инаку, една порција од 4 плескавици, има 9,6 гр. протеин, 25,2 гр. јаглехидрати од кои 14,3 гр. се растителни влакна. Значи, нето јаглехидрати, 10,9 гр. Ова е секако за сите што внимаваат на внесот на јаглехидрати. Јас ги комбинирам со парчиња димено тофу – за да добијам уште повеќе протеин. А како прилог додавам свежа зелка салата. Често ми се случува да ги изедам и без ништо – бидејќи и така ми се многу вкусни и крцкави. Сепак, оставам на вас да ги пробате и да кажете дали и во која комбинација најмногу ви се допаѓаат!

Плескавици од Тиквичка
Доколку се уште немаш пробано овие плескавици од тиквичка, еве ти шанса. Супер се за во лето, затоа што се прилично лесни, а исто така се и многу вкусни и здрави. Од надвор се крцкави а од внатре меки и сочни. Еоколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥒 Плескавици од Тиквичка 🥒

Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • тавче и хартија за печење

Состојки

  • 3 средни Тиквички изрендани, посолени и убаво исцедени со помош на кујнска крпа или вреќа за цедење млеко
  • 1 Ленено „јајце“ 1 с.л. ленено семе ратворено во 2 ½ с.л. вода, отстојани 10тина минути
  • ½ шоља Бадемово брашно или многу ситно измелени бадеми и поминати низ сито
  • ¼ шоља Нутритивен квасец
  • ½ к.л. Прашок за печиво
  • ½ к.л. Сол
  • ½ к.л. Лук во прав
  • ½ к.л. Димена пипер
  • ½ к.л. Италијанска мешавина или микс зачини по вкус
  • 2 Млади кромитчиња ситно исецкани
  • ¼ снопче Магдонос многу ситно исецкан, опционално но препорачливо за одличен вкус)
  • 1 с.л. Малсиново масло за пропрскување

Инструкции

  • Загрејте ја рерната на 170 и во подлабок сад измешајте ги сите состојки.
  • Измесете додека да добиете еднолична смеса.
  • Формирајте плескавички, наредете ги на тавче за печење обложено со хартија за печење и пропрскајте со 1 лажица маслиново.
  • Печете ги 15/20 минути, во зависност од рерната и од нивото на кркцкавост што сакате да го добиете.
  • Тоа е тоа, јадете ги како главно јадење со салата или пак како плескавица во бургер. 💪🏻

Вкупно парчиња: 8
(препорачана порција: 4 парчиња)
Нутритивни вредности од порција: (** без додатоци, само плескавици)
Калории: 266,5 kcal
Протеини: 9,6 гр.
Јаглехидрати: 25,2 гр.
Масти: 48,9 гр.
Влакна: 14,3 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .