Marija Marija Marija

🍔 Плескавици од печурки и карфиол 🍔

палачинки од печурки и карфиол - Хедер
Плескавици од печурки и карфиол

Овие плескавици од печурки и карфиол се уште еден постар рецепт. Кога прв пат ги правев, замислата ми беше вооптшо да не употребам леб, па ги правев во мини варијанта како „бургери“ од тиквичка! И верувајте ми, комбинацијата беше сон! Ем многу вкусна, ем многу здрава ем со многу малку калории! Убавината на растителната исхрана е токму во тоа – можете да изедете поголема количина а да внесете помалку калории. И тоа е тоа што јас го сметам за „паметно јадење“. Јадете повеќе, поквалитетно и поздраво а можете да останете во калориски дефицит – секако за сите оние што го сакаат тоа.

Секако, иако јас ги правев во мини верзија, вие можете да ги направите во која големина ви одговара и да ги послужите како ви душа сака.

Како да си ги направите овие плескавици од печурки и карфиол

Признавам, можеби подготовката на овие плескавици не е најлесна (пред се поради карфиолот) АМА, вреди. И тоа вреди од повеќе причини, дел од нив ги набројав во првиот параграф погоре.

🫶🏻 Здрави се,
🌱 Имаат малку калории,
🧄 Имаат помалку јаглехидрати,
🧆 Богати се со растителни протеини, влакна и антиоксиданси,
😍 Многу се вкусни

И мислам дека ова се доволно причини за да ги направите моите плескавици од печурки и карфиол и да ги пробате.

Плескавици од печурки и карфиол
pleskavici od pechurki i karfiol

Зошто баш Карфиол?

Карфиолот е одличен извор на витамини и минерали. Содржи голема количина на растителни влакна, коишто се особено важни за здравјето на дигестивниот систем. Плус, карфиолот е нискокалоричен, а богат со вода – факт што може да помогне во губењето на тежина. Исто така, е добар извор на холин, хранлива материја, којашто е вклучена во многу процеси во телото и делува на спречување на неколку болести. И, доколку следите исхрана со помалку јаглехидрати карфиолот е одличен избор за вас. Во една шоља, има вкупно 5,1 грама јаглехидрати, од кои 2,9 се влакна. Ова значи дека нето јаглехидрати има 2,2 грама. И секако, само 28,5 калории.

Доколку сакаш бургери и плескавици, но си подготвен да направиш поздрава и помалку калорична верзија, тогаш овие плескавици од печурки и карфиол се вистинскиот избор. Те охрабрувам да ги направиш, затоа што се МНОГУ вкусни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍔 Плескавици од Печурки и Карфиол 🍔

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење35 minutes
Вкупно време40 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • тавче за печење
  • хартија за печење
  • тавче за пржење
  • процесор за храна

Состојки

  • 2 шољи Печурки
  • 1 шоља Карфиол ситно изрендан
  • 1 Ленено јајце 1 лажица мелено ленено семе, растворено во 2 ½ лажици вода
  • 2 месечинки Лук
  • 2 Млади кромитчиња
  • ¼ шоља Семки сончоглед тостирани
  • 1 с.л. Чиа семе
  • 3 с.л. Бадемово брашно или многу фино измелени бадеми и просеани низ сито
  • 1 ½ с.л. Маслиново масло
  • ¼ к.л. Чили
  • ¼ к.л. Димена црвена пипер
  • ½ к.л. Лук во прав
  • ½ к.л. Сол
  • ½ к.л. Бибер

Инструкции

  • Загрејте на рерната на 180 и подгответе си тавче за печење, тавче за пржење и процесор за храна.
  • Најпрво фино иситнете го карфиолот во процесор за храна (можете и да го рендцдате со рачно ренде). Тргнете на страна.
  • Во процесорот за храна, или рачно иситнете ги печурките.
  • На тавче истостирајте ги семките од сончоглед, 5 минути.
  • Во истото тавче, пропржете ги кромитчето, лукот заедно со карфиолот и печурките. Гответе 5-10 миути додека да испари течноста.
  • Додадете ги зачините.
  • Целата зготвена смеса ставете ја во процесорот за храна и додадете го лененото јајце, чиа семето, бадемовото прашно и тостираните семки од сончоглед. Пулсирајте додека да добиете еднолична смеса.
  • Формирајте плескавици (јас правев мали, но можете да ги формирате во која големина сакате) и ставете ги на тавче за печење обложено со хартија за печење.
  • Ставете ги во претходно загреана рерна на 180, 25 минути додека да направат крцкава корка.

Вкупно парчиња: 12 мали парчиња
(препорачана порција: 6 мали парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 270,425 kcal
Протеини: 10,9 гр.
Јаглехидрати: 9,3 гр.
Масти: 14,6 гр.
Влакна: 5,95 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .