Marija Marija Marija

🍄 Пате од печурки 🍄

пате од печурки - Хедер

Веќе подолго време се канам да направам пате од печурки. Но, сакам да направам и уште некој нов намаз, бидејќи одамна немам направено. И еве бидна конечно. И не само што бидна, вкусот е предобар.

Мислам дека одамна немам уживано во некој намаз како што уживав во ова пате од печурки. Секако, за вкусови не се расправа. Знам дека нешто што ми е превкусно на мене, нема да му биде на некој друг. Но, мислам дека ова пате од печурки дефинитивно вреди да се проба.

Во пресрет на слави и празници

Посни намази се особено погодни во празничниот период и периодот на слави. Супер се бидејќи можете да ги послужите со крекери и некој зеленчук и да имате супер мезе. Затоа периодов сем ова пате од печурки, ќе се обидам да направам уште некој намаш што се надевам ќе ви се најде во периодот на пости, слави и празници.

Пате од печурки
Пате од печурки

Зошто пате од печурки

Искрено, затоа што е вкусно и се прави релативно брзо. Стои неколку дена во фрижидер и од дозата во рецептот ќе наполните тегла од 270 грама.

Јас го правев со микс печурки и мислам дека во најголема мера поради тоа и ми се допадна толку, но вие можете да експериментирате и да се обидете само со шампињони или со вашите омилени печурки.

Во рецептот же забележите дека користев и мисо. Мисо паста е всушност традиционален јапонски додаток во исхраната и се прави од ферментирани зрна (најчесто соја или грав). Дава супер шмек и кај нас го има во азиската продавница во Скопје. Но доколку немате, слободно можете да го изоставите. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот. А имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку сакаш брзи и лесни домашни намази, тогаш дефинитивно треба да го пробаш ова пате од печурки. Има длабок вкус и се прави многу лесно. Така што, доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍄 Пате од печурки 🍄

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време25 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • бландер / процесор за храна

Состојки

  • 200 гр. Микс печурки
  • ½ шоља Ореви ситно сецкани
  • 1 мал Црвен кромид ситно исецкан
  • 3 месечинки Лук ситно исецкани
  • 2 с.л. Маслиново масло
  • 1 с.л. Балзамико
  • 1 к.л. Сенф
  • 1 к.л. Мисо опционално, но препорачливо
  • ½ к.л. Зеленчуков зачин
  • ½ к.л. Димена пипер
  • ½ к.л. Провансалска мешавина од зачини или билки по вкус

Инструкции

  • Ситно исецкајте ги кромидот, лукот и оревите.
  • Во подлабоко тенџерче на оган ставете маслиново и кромидот, лукот и оревите. Пржете на среден оган, додека кромидот и лукот омекнат.
  • Додадете ги печурките и зачините и гответе 15тина минути, да ја испуштат течноста, со постојано мешање.
  • Додадете ги сенфот, балзамикото и мисото (доколку користите) убаво промешајте и гответе уште 5 минути.
  • Оставете убаво да се олади а потоа изблендајте.

Вкупно парчиња: 1 порција
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: Kcal
Протеини: гр.
Јаглехидрати: гр.
Масти: гр.
Влакна: гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи.  
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .