Marija Marija Marija

🥣 Каша од Просо 🥣

каша од просо - Хедер

Оваа каша од просо е уште еден супер здрав предлог за појадок. Воедно, одлична можност за промена од овесната каша за појадок. Не велам дека овесната каша не е добра, НАПРОТИВ. Туку едноставно, и просото е одлична магична житарка, којашто можеби малку ја запоставуваме. И јас самата за жал се уште немам објавено многу рецепти со просо, сем фантастичните барови. Но, ветувам дека оваа грешка набргу ќе ја коригирам и изборот ќе биде дополнет со пити, мафини и останати рецепти од просо.

Но да се вратам на оваа каша од просо. Се прави брзо, лесно и едноставно. А доколку сакате да биде покремаста, препорачувам да сомелете половина од просото. Има неколку едноставни состојки, а за подобар баланс, слободно можете да додадете и протеин во прав.

Каша од Просо
Каша од Просо

Играјте си со додатоците

Јас оваа каша од просо ја комбинирав со круша, путер од кикирики и коноп срца. Но, ОДЛИЧНО оди со смрзнати јагоди и боровинки и путер од бадем. Всушност, можете да ги пробате сите варијации. На пример рендано јаболко, цимет и путер од лешник. Какао, мелени лешници и банана.

Последно што ми останува е да ја пробам и во солена варијанта, и доколку е вкусна ќе го дополнам рецептот.

Секако, доколку пробате некоја друга варијанта пред мене, оставете ми коментар со импресии.

Зошто каша од Просо?

Затоа што просото е многу здраво и прилагодливо зрно. Одличен извор е на растителни протеини, влакна, како и многу витамини и минерали. Има доста здравствени придобивки, а дел од нив вклучуваат заштита и подобрување на кардиоваскуларното здравје, спречување на појава на дијабетес, помагање на здрава телесна тежина и справување со цревните воспаленија. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels.

Доколку се уште ја немаш пробано и направено мојата каша од просо, еве прилика. Те охрабрувам, бидејќи се прави за 5 минути и е многу здрава и вкусна. Плус, лесно прилагодлива. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🥣 Каша од Просо 🥣

Време на подготовка2 minutes
Време на готвење5 minutes
Вкупно време7 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • ½ шоља Просо може цели зрна или ¼ цели, ¼ сомелени за кремаста структура
  • ½ шоља Вода
  • ½ шоља Растително млеко по вкус
  • 1 с.л. Ванила екстракт
  • 1 с.л. Сируп од урми
  • 1 дозерка Протеин опционално
  • 1 к.л. Цимет

Инструкции

  • Ги ставате сите состојки во тенџерче на оган и варите на средна јачина додека течноста да се упие и кашата да згусне (4-5 мин).
  • Послужете со свежо овошје, путер од јатки или додатоци по ваша желба.
  • Опционално, можете да додадете и овошје додека ја варите кашата.

Вкупно порции: 1
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција: (** без додатоци, само каша)
Калории: 225,4 kcal.
Протеини: 7 гр.
Јаглехидрати: 41,9 гр.
Масти: 2,9 гр.
Влакна: 5 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .