Marija Marija Marija

🥕 Чорба од морков и ѓумбир 🥕

чорба од мореков и ѓумбир - Хедер
чорба од морков и ѓумбир

Оваа чорба од морков и ѓумбир е она што ви недостасува во вашиот следен оброк! Мислам дека веќе сите сме свесни за здравствените придобивки на ѓумбирот, но ајде да повториме некои: има анти-инфламаторско дејство и ги намалува болките при артритис, го намалува нивото на шеќер во крвта, го намалува нивото на холестерол, го забрзува варењето и го намалува гадењето, односно го стабилизира стомакот.

А во комбинација со морков, лук и куркума како во оваа чорба од морков и ѓумбир, станува еден прекрасен и хранлив ручек.

Морков: сите придобивки

Освен што е крцкав, вкусен и многу хранлив, морковот е особено добар извор на бета-каротен, влакна, витамин К1, калиум и антиоксиданси. Но тоа не е се!

Морковите го зајакнуваат имунитетот, бидејќи се богати со витамин Ц. Витаминот Ц исто така му помага на вашето тело да внесе и подобро да го искористи железото и да спречи инфекции.

Морковите се одлични против констипацијата (запекот). Исто така, можат да помогнат во контролата на дијабетесот, бидеји се богати со диететски влакна. Влакната помагаат во одржување на нивото на шеќер во крвта. Плус, полни се со витамин А и бета-каротен. Помагаат во зајакнување на коските, бидејќи се богати и со калциум и витамин К.

Синтеза на вкусови

Оваа чорба од морков и ѓумбир е навистина неверојатна синтеза од вкусови. Куркумата (за неа во друга прилика) и дава посебен шмек.

Настана како една од моите комбинации на супи и чорби и веднаш ја објавив на мојот инстаграм профил. Инаку, како и за сите чорби, густината ја регулирате со додавање на вода. Односно, доколку сакате чорбата да е погуста, ставете помалку вода.

чорба од морков и ѓумбир
Доколку си љубител на супи и чорби а се уште ја немаш направено оваа чорба од морков и ѓумбир, еве прилика да ја направиш. Те охрабрувам, бидејќи е навистина густа, кремаста и превкусна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥕 Чорба од морков и ѓумбир 🥕

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење15 minutes
Печење на зеленчукот20 minutes
Вкупно време40 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • тавче и хартија за печење
  • подлабоко тенџере
  • рачен блендер / блендер

Состојки

  • 5 поголеми моркови исечкани
  • 1 главица лук пресечена на половина
  • 1 црвен кромид излупен и исечкан на четвртини
  • свеж ѓумбир парче колку врвот од палецот
  • 1 к.л. куркума
  • сол и бибер по вкус и желба
  • 500 мл. вода Количината прилагодете ја според густината што сакате да ја добиете

Инструкции

  • Измијте ги и излупете ги морковите и ставете ги да се печат, заедно со кромидот и лукот.
  • Лукот го ставете да се пече цел, пресечен на половина (видете на првата слика како).
  • Печете 20-тина минути на 150, или додека морковите да омекнат.
  • Потоа ставете ги во тенџере на оган – лукот го истиснувате како паста.
  • Излупете го и изрендајте го ѓумбирот, додадете ги зачините, полијте со вода и оставете да се вари кратко (колку да омекне и ѓумбирот).
  • Потоа изблендајте со рачен блендер и послужете.
  • Одлично оди со павлака од индиски или крема од овес, тостирани индиски ореви, младо кромитче и малку свежо чили.

Вкупно порции: 3
(препорачана порција: 1 чинија)
Нутритивни вредности од порција:

* к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .