Marija Marija Marija

🥦 Чорба од Брокула 🥦

Чорба од брокула - Хедер
Чорба од Брокула

Океј, веќе сите знаеме – Марија многу сака супи и чорби! А, оваа чорба од брокула е совршен оброк, утеха, лек! Зошто? Затоа што брокулата е еден од најмоќните зеленчуци на планетата! Плус, јас најчесто ја правам во комбинација со грашок и спанаќ или блитва за уште побогата нутритивна вредност!

Но, комбинациите за чорба со брокула се бескрајни! Направете ја со морков или со компир. Па дури и во комбинација со карфиол е одлична. Како и да се решите да ја искомбинирате и приготвите, нема да погрешите! Ве уверувам дека мојата чорба од брокула ќе биде еден од оние задолжителни оброци. Еве и зошто:

Брокула: колку повеќе, толку подобро

Освен што има малку калории а многу витамини и минерали, брокулата е еден од оние зеленчуци што има моќ да ви помогне буквално во сè!

Богата е со многу хранливи материи, вклучувајќи диететски влакна, витамин Ц, витамин К, железо и калиум. Исто така, може да се пофали со фактот дека содржи повеќе растителни протеини од повеќето други зеленчуци.

Зелено пакетче од витамини и минерали

Богата е со Витамин Ц, антиоксиданс важен за функцијата на имунолошкиот систем и здравјето на кожата. Само 1/2 шоља (45 грама) сирова брокула обезбедува речиси 70% од потребните дневни вредности. Содржи високи количини на Витамин К1, којшто е важен за згрутчување на крвта и може да го подобри здравјето на коските. Содржи Фолат (витамин Б9), што е особено важен за бремените жени. Фолатите се потребни за нормален раст на ткивото и функцијата на клетките. Богата е и со Калиумот којшто е корисен за контрола на крвниот притисок и спречување на срцеви заболувања. Содржи Манган како и Железо – што е неопходен минерал, којшто има многу важни функции во телото, како што е транспортот на кислород во црвените крвни зрнца.

Чорба од Брокула

Добра е за здравјето на срцето

Редовното консумирање обарена брокула го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести, бидејќи ја намалува вкупната количина на холестерол во телото. Плус, може да го намали ризикот од срцеви заболувања.

Добра е за здравјето на очите

Брокулата содржи каротеноиди, лутеин и зеаксантин, кои можат да го намалат ризикот од очни нарушувања (особено оние поврзани со стареењето), како што се катаракта и макуларна дегенерација. Брокулата содржи и бета-каротен, кој телото го претвора во витамин А, чиј недостаток е поврзан со ноќно слепило.

Го поддржува хормоналниот баланс

Содржи растително соединение наречено индол-3-карбинол (I3C), кое делува како растителен естроген и може да помогне во балансирање на хормоните со регулирање на нивото на естроген. I3C, исто така, се покажа и како средство за намалување на ризикот од естроген-индуциран рак на дојка и репродуктивен карцином и кај мажите и кај жените. Сепак, за ова се потребни уште клинички истражувања.

Го подобрува имунитетот

Бидејќи е богата со сулфур, брокулата може да го подобри здравјето на цревата и како резултат на тоа, да ја подобри целокупната одбрана од инфекции. Сулфурот го поддржува производството на глутатион којшто е важен за одржување и рефенерирање на цревната обвивка. Како силен антиоксиданс, глутатионот делува низ телото и ги штити клетките од воспалително оштетување.

Доколку си љубител на супи и чорби а се уште ја немаш направено оваа чорба од брокула, еве прилика да ја направиш. Те охрабрувам, бидејќи е навистина многу здрава, густа и сочна, кремаста и превкусна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥦 Чорба од Брокула 🥦

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење25 minutes
Вкупно време30 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • сецко опционално, но препорачливо
  • подлабоко тенџере
  • рачен блендер / блендер

Состојки

  • 1 Брокула средна
  • 1 Кромид исецкан
  • 4 Месечинки лук исецкани
  • 1 шоља Спанаќ или блитва исецкани
  • 1 шоља Грашок
  • 2 с.л. Маслиново масло
  • Сол, бибер и зачини пожелба
  • 750 мл. Вода или повеќе – во зависност од густината што сакате да ја добиете.
  • 2 Зеленчукови коцки за супа
  • (опционално) 2 компири исецкани
  • (опционално) 2 моркови исецкани

Инструкции

  • Доколку имате сецко, употребете го за да го исецкате кромидот и лукот и да заштедите на време.
  • Во големо тенџере на оган додадете го маслиновото, кримидот и лукот и на тивок оган пропржете додека да омекнат.
  • Додајте го зеленчукот што ќе го користите. Доколку ставате компир и морков, додадете ги први, веднаш со кромидот, затоа што им треба подолго за да се зготват.
  • Гответе 10тина минути, Потоа, прелијте го зеленчукот со зеленчукова супа (растворена согласно упатството – 2 коцки во 1 литар вода).
  • Густината на чорбата ја одредувате со количината на водата што ќе ја ставите. Ако сакате погуста, ставете помалку вода. Оставете да се вари 20тина минути.
  • Потоа, со рачен блендер убаво изблендајте ја содржината, додека да добиете густа единечна чорба. Вратете на оган уште 5 минути.
  • Послужете со балзамова крема, крема од индиски или овес, со парчиња печена брокула или со свежа салата. Изборот е ваш!

Вкупно порции: 3
(препорачана порција: 1 чинија)
Нутритивни вредности од порција:

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .