Бомбици се еден од наједноставните и најлесни за подготовка десерти. Сите бомбици што ќе ги најдете овде се од сирови состојки, целосна и непреработена храна, без бел и вештачки шеќер, без непотребни додатоци, со здрави масти, безглутенски и пред сè, МНОГУ ВКУСНИ. Такви се и овие бомбици со таан.
За разлика од класичните бомбици, јас се трудам моите да не ги „трупам“ со шеќери, затоа што целта ми е да може секој да ги јаде. Кога се консумираат умерено, не само што не се штетни, туки и се многу здрави. Убавината е што стојат во фрижидер, а може и да се замрзнат.
Е сега малку за комбинацијата какао + ореви + таан. Нема да верувате колку е убава и многу, многу здрава. Овие бомбици со таан се навистина „слатко-горки“ имаат една посебно нежна нота на сусам (плус крцкаат од сусамот).
А кога велам здрави бомбици, мислам на следново:
Какаото, таанот и оревите се многу богати со антиоксиданси. Оревите се одличен извор на омега-3 масни киселини и можат да ја намалат инфламацијата (воспалението). Иако се доста калорични, сепак можат да помогнат во процесот на слабеење. Исто така, можат да го намалат крвниот притисок, и да ја подобрат функцијата на мозокот. Таанот, пак, има антибактериски и антиинфламаторни својства. Придонесува за зајакнување на централниот нервен систем и ја подобрува функцијата на бубрезите и црниот дроб. Мислам дека ова се доволно добри причини уште веднаш да ги направите бомбициве и да си ги чувате во фрижидер за вашата следна ужинка или десерт.
За да ги направите, потребен ви е процесор за храна или блендер за да ги сомелете сите состојки.
Доколку си еден од ретките што се уште ги нема пробано и направено овие превкусни слатко-горки бомбици со таан, еве прилика да ги направиш. Те охрабрувам, бидејќи се навистина вкусни и лесни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🌰Слатко-горки бомбици со ореви и таан 🌰
Oпрема
- процесор за храна / блендер
Состојки
- 1 шоља ореви
- 15 урми, без семка натопени во вода доколку се суви
- 3 с.л. таан
- 2 с.л. какао
- 2 с.л. сусам
- 2 с.л. кокос
- 2 с.л. ванила екстракт
- 2 с.л. инстант кафе растворено во малку вода
- ½ шоља црно чоколадо (или капки) за прелив
- 1 с.л. кокосово масло, за топење на чоколадото за прелив
Инструкции
- Ги ставате сите состојки во процесор за храна и ги мелете додека да добиете еднолична смеса налик лепливо тесто.
- Со раце формирате топчиња, ги редите на чинија и ги ставате во фрижидер да се стврднат.
- (опционално) можете да ги полиете со стопено црно чоколадо
Вкупно парчиња: 20
(препорачана порција: 3 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
[Поврзано] Таан карамел барови
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .