Marija Marija Marija

🍓 Блага пица од житарки 🍓

блага пица - Хедер
Блага пица од житарки

Не ми се лутете што ја крстив блага пица од житарки, но ова име ми беше најсоодветно во моментот. Другата варијанта беше гранола пица (но, повторно ќе беше пица). Свесна сум дека кога зборуваме за пица, постои само една – солена. АМА… Оваа брза и здрава опција за појадок или ужина не само што е супер вкусна, туку е и супер здрава и забавна, па затоа го доби и ова име. Плус, без срам ја сместив во категоријата пици!

Изобилство од житарки

За оваа блага пица јас користев овесни, јачменови и ‘ржани снегулки. Но, можете да користите и снегулки од хељда, киноа или само овесни снегулки. Се прави многу, ама многу лесно и може да се комбинира со растителен јогурт (или грчки доколку консумирате) и многу овошје, семе и јатки.

Иако е блага, сепак е здрава (и одлична за почеток на денот)

Јачменовите снегулки изобилуваат со диететски влакна, што ја подобруваат дигестијата. Богати се со бета-глукан, со што помагаат во намалување на холестеролот. Исто така, јачменовите снегулки се богати и со магнезиум, минерал што игра особено значајна улога во производството на инсулин и искористувањето на шеќерот во вашето тело. Ова ги прави јачменовите снегулки одлична опција за појадок, бидејќи значително помалку го креваат нивото на шеќерот, од на пример, овесните снегулки.

‘Ржаните снегулки се богати со фитохемикалии, кои можат да дејствуваат како антиоксиданти во телото и да го спречат оштетувањето на клетките. Ова може да помогне да се намали ризикот од повеќе сериозни здравствени состојби. Исто така богати со многу есенцијални витамини и минерали, вклучувајќи: Железо, Фолат, Магнезиум, Ниацин, Фосфор, Калиум, Рибофлавин, Тиамин, Витамин Б6, Витамин Е и Цинк.

Како да си направите блага пица

Земете си подлабок сад, омилените житарки и омилениот путер од јатки, малку кокосово масло и засладуваш и се фино измешајте. Печењето е кусо, максимум 8 минути. Потоа, чекате малку да се олади, додавате топинзи по желба и уживате! Целиот рецепт и начинот на подготовка ви е напишан подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку сакаш да пробаш некоја нова опција за појадок што ќе биде подеднакво здрава и ќе ги содржи нутриентите што вообичаено ги консумираш, те охрабрувам да ја направиш оваа блага пица од житарки уште денес. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍓 Блага пица од житарки 🍓

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење8 minutes
Сервирање2 minutes
Вкупно време15 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • 1 шоља Јачменови снегулки
  • шоља 'Ржани снегулки
  • ½ шоља Овесно брашно мелени овесни снегулки
  • 2 с.л. Засладувач може да се изостави
  • ¼ шоља Кокосово масло
  • 2 с.л. Путер од лешник / бадем јатки по желба
  • 1 к.л. Екстракт од рум опционално, но препорачливо

Инструкции

  • Загрејте ја рерната на 180.
  • Во поголем сад ставете ги сите состојки и убаво промешајте за да се соединат.
  • Обложте тавче за пица со хартија за печење, истурете ја смесата и убаво натапкајте ја за да добиете рамномерна подлога.
  • Печете 8 минути (или помалку, зависно од рерната) додека тетото убаво да зарумени.
  • Оставете го тестото убаво да се олади пред да го исечете и послужите.

Вкупно парчиња: 1 пица (6 парчиња)
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција (** без топинзи):
Калории: 442,3 kcal
Протеини: 8,9 гр.
Јаглехидрати: 50 гр.
Масти: 22,7 гр.
Влакна: 6,23 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** к.л. = кафно лажиче - ќе го користам како кратенка
***Времето на печење зависи од типот и моќноста на рерната. Проверувајте да не ви загори или пак да не случајно не е добро испечена

🍕Види ги сите мои пици


‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .