Конечно уште една нова гранола, и овој пат супер здрава, супер крцкава и супер вкусна гранола со киноа! Гранола сакам многу, секогаш си ја правам дома и веќе имам неколку варијанти:
Оваа гранола со киноа е мноооогу крцкава, со посебен карамел вкус и е одличен додаток на вашиот јогурт, овошје или само како крцкава ужинка.
Иако ова веќе ми е седма гранола, знам дека ќе правам и пробувам уште многу опции и варијанти, секоја нова различна и вкусна на ново ниво!
А сега прашањето: зошто гранола со киноа?
Од повеќе причини, но првата нема да биде затоа што е здрава, ниту пак затоа што е вкусна. Верувајте, оваа гранола со киноа ем е многу здрава ем многу вкусна, но како прва причина мислам дека ќе биде:
Затоа што е супер начин да внесете киноа доколку нејзиниот вкус не ви се допаѓа.
А киноата е навистина многу важно да ја консумирате. Нема да повторувам зошто, бидејќи за киноата имам пишувано во многу од моите претходни постови. Ќе ги оставам подолу за да можете повеќе да прочитате за сите бенефити на киноата, доколку ве интересира. А исто така, можеби и ќе најдете инспирација за уште некој киноа рецепт (имам многу)!
🌱 Барови од амарант и киноа
🌿 Печена киноа
☘️ Киноа пица
🍃 Воздушести палачинки од киноа
Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка, го имате подолу во овој пост, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels
Доколку си љубител на гранола, еве уште еден рецепт! Затоа што многу е важно си правиш гранола дома. Така го контролираш внесот на шеќери и хранливи материи - бидејќи знаеш што точно си ставил. А оваа гранола со киноа е одлична, особено ако не си љубител на киноа. Парадоксално но вистинито. Направи си ја уште денес, бидејќи е крцкава и вкусна и навистина лесно се прави. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🫘 Гранола со киноа 🫘
Состојки
- ½ шоља Непечена киноа сува
- 1 ½ шоља Овесни снегулки
- ⅓ шоља Семки тиква
- ⅓ шоља Семки сончоглед
- 2 с.л. Цимет
- 2 с.л. Сируп од урми или засладувач по желба
- ¼ шоља Суви кајсии или смокви
- ⅓ шоља Путер од јатки
- ¼ шоља Кокосово масло растопено
Инструкции
- Во подлабок сад измешајте ги сите состојки заедно и убаво промешајте за да се соединат.
- Натапкајте на тавче за печење и печете во претходно загреана рерна на 170, 6-7 минути (зависно од рерната).
- Извадете го тавчето, промешајте ја и вратете ја да се пече уште 2 минути.
- Оставете ја гранолата убаво да се олади и да се стврдне, пред да ја складирате или послужите.
Вкупно парчиња: 40 лажици
(препорачана порција: 2 лажици)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 95,9 kcal.
Протеини: 2,17 гр.
Јаглехидрати: 9,3 гр.
Масти: 5,95 гр.
Влакна: 1,73 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .