Marija Marija Marija

🍠 Бисквити од сладок компир 🍠

бисквити од сладок компир - Хедер

Бисквити од сладок компир – невообичаени но многу вкусни и секако, здрави! Со само 4 состојки и вкупно 2 минути за подготовка и 12 за печење се навистина, ама навистина совршени кога ви треба да се заблажите, а притоа да не внесете никаков, ама НИКАКОВ шеќер.

Сладок компир за слатки бисквити

Многу сум среќна кога експериментите ми успеваат и се многу вкусни. Такви беа и овие бисквити од сладок компир. Имав 1 сладок компир испечен, што требаше да го изедам за ручек, но (pregnancy brain) го заборавив. Па, откако се сети дека ми стои неискористен, морав нешто да преземам. И вистина преземав! 🤣 Овие бисквит колачиња ми беа толку вкусни што че си ги правам многу често (плус може и некој да ги направи за вас)

Бисквити од сладок компир
Бисквити од сладок компир

Сите придобивки од слаткиот компир

Пред да почнам, сакам да напоменам дека овие бисквити од сладок компир не треба да ви биде првиот рецепт од сладок компир што ќе го направите. Почнете со мојата пица од сладок компир, затоа што е ВРВНА! Плус, во постот има набројано дел од придобивките од слаткиот компир.

Исто така, ви препорачувам да си ги направите и моите бургер лепчиња од сладок компир, затоа што се супер лесни и вкусни а и таму можете да проќитате уште нешто за слаткиот компир.

Но, ајде и овде малку. Каротеноидите во слаткиoт компир може да го намалат ризикот од рак. Соединенијата што се содржат во слаткиот компир можат да помогнат во контролирање на шеќерот во крвта.

Истражувањата, исто така покажуваат дека слаткиот компир може да го намали ЛДЛ или „лошиот“ холестерол, што може да ги намали проблемите со срцето. Одличен е за видот и за кожата. А во овие бисквити, одличен е и за расположението! 😍

Како да ги направите овие бисквити од сладок компир?

За помалку од 15 минути! Јас ги правев во air-fryer, но можете да ги направите и во рерна, само намалете го времето на печење или гледајте ги да не ви загорат. А што се однесува до подготовката, ќе ви одземе 2 минути и само 1 сад. Сето ова ги прави совршени за хектичните денови кога немате време за буквално ништо. Епа ќе имате време за овие бисквити од сладок компир. Од дозата во рецептот излегуваат 8 колачиња, но слободно дуплирајте ги состојките за да добиете повеќе. Стојат и неколку денови, доколку нели, не ги изедете веднаш.

Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и видео од целата подготовка кај мене на инстаграм во reels

Бисквити од сладок компир
Доколку сакаш брз, лесен и здрав десерт, ти препорачувам да ги направиш овие бисквити од сладок компир. Многу се вкусни и здрави, се прават многу брзо во air-Fryer. и немаат ама баш никаков шеќер. ОДоколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍠 Бисквити од сладок компир 🍠

Време на подготовка2 minutes
Време на готвење12 minutes
Вкупно време14 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • air-fryer доколку немате, може и во рерна

Состојки

  • 1 помал Сладок компир испечен и изгмечен (околу 160 грама)
  • 2 с.л. Путер од кикирики
  • ½ шоља Овесни снегулки
  • ¼ шоља Кокос

Инструкции

  • Во сад измешајте ги изгмечениот компир и останатите состојки додека убаво да се соединат.
  • Оформете колачиња и ставете ги во air-fryer да се печат, 12 минути.
  • Можете да ги печете и во рерна на 170, но ставете аларм после 8-мата минути и надгледувајте ги да не изгорат.
  • Тоа е тоа, оставете ги да се оладат и уживајте (стојат неколку денови без проблем).

Вкупно парчиња: 8
(препорачана порција: 2 колачиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 138,75 Kcal
Протеини: 3,95 гр.
Јаглехидрати: 18,625 гр.
Масти: 5,9 гр.
Влакна: 3,15 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи.  
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .