Marija Marija Marija

🥞 Протеински палачинки со бадеми и јаболка 🥞

Протеински палачинки - Хедер

Овие протеински палачинки со бадеми и јаболкa се уште еден во низата рецепти за палачинки. Вкусни се, лесни и здрави и можете да ги јадете за појадок или ужина. Плус, совршени се за викенд. Протеински се, затоа што ги правев до протеин во прав. Плус немаат никаков додаден шеќер, богати се со здрави масти и антиоксиданси.

Поради составот, погодни се за дијабетичари, бидејќи бадемите имаат гликемиски индекс 0.

Исто така, бадемовото брашно е богато со витамин Е и други антиоксиданси коишто имаат супер бенефити за кожата, но и го намалуваат ризикот од срцеви заболувања.

Сето ова, ги прави овие палачинки со помалку јаглехидрати, што е супер опција за појадок. Инаку, вкусот ќе го диктира протеинот што ќе го користите. Јас користев растителен протеин со вкус на солен карамел и излегоа ПРЕВКУСНИ!

протеински палачинки
протеински палачинки

Направете си сос од јаболка

Овие протеински палачинки ги правев со сос од јаболка, којшто јас го правам многу лесно. Лупам и сецкам јаболка, ставам малку вода и цимет и ги варам додека да испари водата и да омекне јаболкото. Потоа пасирам и додавам во рецепти.

Можете да ставите и засладувач или ванила, но мене циметот и блажината од јаболката ми е сосем доволна.

Секако, можете да употребите и купечки сос од јаболка, но моја препорака е да го прочитате составот, бидејќи голем дел од купечките сосови имаат голема количина на додаден шеќер.

Како да ги направите овие протеински палачинки?

Со само 6 состојки, овие протеински палачинки се прават многу лесно. Количините можете да ги модификувате во зависност од вкусот и количината што сакате да ја добиете. Протеинот можете да го замените со тапиока брашно или густин – но со тоа, палачинките ќе ја изгубат својата протеинска вредност. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels.

Доколку сакаш да пробаш палачинки коишто имаат помалку јаглехидрати и понизок гликемиски индекс, а се богати со протеин, тогаш ти препорачувам да ги направиш моите протеински палачинки. Се прават прилично лесно, здрави се и многу вкусни. Додај си го омилениот вкус на протеин и уживај во здрав појадок за супер почеток на денот. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🥞 Протеински палачинки со бадеми и јаболка 🥞

Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • нелепливо тавче за палачинки

Состојки

  • 1 шоља Бадемово брашно
  • 1 дозерка Протеин во прав замена: ¼ шоља тапиока брашно или густин
  • 1 ½ к.л. Прашок за печиво
  • ¼ шоља Сос од јаболка
  • 2 с.л. Кокосово масло, растопено
  • шоља Растително млеко доколку не користите протеин, додадете само ½ шоља млеко, постепено, додека да добиете густина

Инструкции

  • Во подлабок сад додадете ги сите состојки една по една.
  • Најдобро е да ги додавате прво сувите, а потоа и течните состојки.
  • Убаво измешајте додека да добиете густа, еднолична смеса, како за американски палачинки.
  • Печете на загреана нелеплива тава, по 2-3 минути од страна (додека да се појават меурчиња).
  • Послуќете со топинзи и додатоци по желба.

Вкупно порции: 10-12 палачинки
(препорачана порција: 4 палачинки)
Нутритивни вредности од порција: (** без топинзи, само палачинки)
Калории: 359,3 kcal.
Протеини: 14,7 гр.
Јаглехидрати: 12,7 гр.
Масти: 27,9 гр.
Влакна: 5,56 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .