Marija Marija Marija

Страв од храна и како да го победиме?

Во овој водич ќе прочитате

страв од храна

Што е „страв од храна“ и зошто се појавува

Храната за многумина претставува еден од оние стравови со кои доколку не се соочиме на време, прераснуваат во психофизичка пречка во текот на животот. 

страв од храна

Аверзија и страв од храна (попознато како ситофобија/цибофобија) е прилично комплексна фобија која лесно може да премине во опсесија – па дури и болест – и да доведе до дополнителни посериозни нарушувања (психички и физички). Стравот и аверзијата од храна може да настане од повеќе причини: некој лош оброк од минатото (најчесто од градинка), некоја непријатна случка поврзана со одредена храна, гледиштата на пријателите и околината за храната, пораките од медиумите или од современтата “diet” култура, мода или останати културолошки идеи. Со текот на времето, оваа фобија може да предизвика анксиозност, сериозно да влијае на начинот на исхрана и да го ограничи истиот и да го загрози здравјето доведувајќи до болести и состојби како анорексија, абдоминална ангина или панкреатитис*.
Затоа секогаш имајте го ова на ум: „стравовите со коишто нема да се соочиме, прераснуваат во наши најголеми ограничувачи“ и не дозволувајте храната да биде еден од нив.

* Самиот страв од храна не може директно да доведе до абдоминална ангина или панкреатитис, но гладувањето како резултат од стравот од храна па потоа прејадувањето (и консумирањето мрсна храна) што најчесто се случува како последица од прејадувањето предизвикуваат заболувања како овие.

Што е „Food freedom“ и како да го постигнеме

Постојат многу различни дефиниции за поимот „Food freedom”, пред се поради неговата комплексност и опсегот на постапките што ги опфаќа. „Food freedom” може да се однесува на отфрлање на современите рестриктивни „диети“ дозволувајќи си да уживате во разноврсна храна во умереност (модерација). Овој поим може и да се однесува на одржување на здрав однос кон храната, преку балансиран и здрав живот. Исто така, може да се однесува и на одгледување на сопствена храна, за да бидете сигурни што точно внесувате во телото, итн.

Идеално би било да можеме да направиме комбинација од сите овие принципи за да постигнеме соодветен „Food freedom”, но поради условите во коишто живееме, јас би се задржала на модифицирана комбинација од првите две дефиниции. Па, јас „Food freedom” би го дефинирала како: „отфрлање на рестриктивните диети што ги наложува современото општество, развивање на здрав однос кон храната, како и отфрлање на стравовите кон храната и уживање во секаков тип на храна во умереност (модерација), пред сè фокусирајќи се на храната од растително потекло за подобрување на здравјето“. Можеби звучи комплексно и тешко, но навистина не е. Сè што треба да направите за да ја постигнете оваа состојба е да го промените размислувањето и односот кон храната. Потребно е да се соочите со стравот и да се спријателите со намирниците од кои стравувате. Но и да се помирите со храната и да почнете слободно и интуитивно да јадете здрави и балансирани оброци. А јас сум тука да ве водам низ секој чекор, колку и да е тежок!

sweet-potato-pizza

Што е „Свесно јадење“ и како да го постигнеме

„Свесно јадење“ или обрнување внимание на храната што ја јадете, целно и намерно, залак по залак, миг по миг, без осуда и презир, е пристап кон храната што се фокусира на сензуалното искуство кон храната на една индивидуа. Суштината на свесното јадење е да сте присутни во секој момент од секој ваш оброк, да му дадете значење и да го цените. Да создадете целосна присутност на искуството на јадење. Но и да ги почувствувате сите различни вкусови и ароми, да размислите за нивното потекло, за начинот на нивната подготовка и да бидете благодарни за тоа што денес се дел од вашиот оброк. Целта на свесното јадење не е губење на тежина, тоа е резултат којшто неминовно доаѓа штом почнете да го применувате. Свесното јадење се фокусира на процесот повеќе отколку на резултатот, а резултатот доаѓа како „последица“ на процесот. Моја препорака е да почнете да медитирате. Медитацијата ќе ви помогне да го постигнете најдобриот резултат на свесно јадење.

8 принципи на „Интуитивно јадење“

„Интуитивно јадење“ е концепт или филозофија на исхрана развиен од диететичарите Evelyn Tribole и Elyse Resch. Во фокус овде е самата индивидуа и сопствената контрола врз јадењето и пред се врз телото и неговите потреби. Во суштина, интуитивното јадење е уште еден начин да се промовира здравиот начин на исхрана. Овде се подразбира без „држење диети“ и без лош и презирачки став кон телото. Целата идеја се сведува на тоа, да комуницирате со вашето тело. Важно еда јадете само кога вистински ќе почувствувате глад и да престанте да јадете штом таа сензација на глад се изгуби. Со тоа, ќе избегнете прејадување.

страв од храна

>> Најчестиот пример (ситуација што треба да се трудите и да ја избегнете) кај секој од нас е следниот: „Гладен сум. -> Уф ама се прејадов“. Наспроти тоа обидете се да го постигнете следново: „Гладен сум. -> Се најадов, не сум повеќе гладен“. 

Еве неколку принципи што можат да ви помогнат:

  • Кажете им не на сите диети;
  • Почитувајте го гладот што го чувствувате;
  • Помирете се со секој вид на храна;
  • Откријте ја личната стапка на задоволство;
  • Почувствувајте кога не сте повеќе гладни;
  • Справете сè со вашите емоции (љубезно и не преку јадење);
  • Почитувајте го вашето тело и неговата моќ;
  • Ценете го вашето здравје и состојбата на вашиот организам;

Што можеме да заклучиме

Наспроти деведесетите години на минатиот век, денес диетите не се веќе во мода. Диететичарите сега се обидуваат да воведат најразлични концепти и филозофии на правилна исхрана што ќе ви помогнат да останете здрави или да зголемите/намалите тежина. Во основа, сè се сведува на вас и вашата контрола врз умот и телото. Без разлика кој правец или која филозофија ќе ја одберете, препуштете се целосно во истата и преземете контрола врз себе. Заборавете на рестриктивните диети, развијте здрав однос, отфрлете ги стравовите кон храната и потрудете се да уживате во секаков тип на храна во умереност (модерација), пред сè, фокусирајќи се на храната од растително потекло со цел подобрување на здравјето.

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .