🥬 Палачинки со грашок и спанаќ 🥬

Овие палачинки со грашок и спанаќ се уште едни во серијата здрави палачинки, но овој пат солени 😍

Ми се јадеше солен појадок но сакав да внесам повеќе витамини а да не внесам премногу калории и така некако излегоа овие супервкусни и супер меки палачинчиња.

Се прават многу лесно и имаат само 4 состојки (плус зачини). Јас ги искомбинирав со хумус и чери домати за витамин Ц и здрави масти. Вие можете да ги искомбинирате и со грчки јогурт, доколку не јадете исклучиво растителна исхрана. Всушност мислам дека како и да ги искомбинирате овие палачинки со грашок и спанаќ, ќе добиете превкусен и супер здрав солен појадок.

Уште една предност е што не треба да користите воопшто масло. А, доколку дома имате пребирлив јадач, со овие палачинки со грашок и спанаќ ќе внесе минимум 2 зеленчука.

палачинки со грашок и спанаќ

Конечно и солени палачинки за појадок

На сајтов имам објавено навистина многу палачинки но најчесто се во блага варијанта. Не знам зошто немам повеќе солени палачинки, но еве, овие палачинки со грашок и спанаќ го кршат мразот во тој домен. многу се вкусни и секако здрави, со преубава зелена боја, како за почеток на денот (особено ако е тмурен). Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во објавава а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels

Зошто палачинки со грашок и спанаќ?

Како за почеток, грашокот е супер извор на витамини Ц и Е, цинк и други антиоксиданси кои го зајакнуваат вашиот имунитет. содржи и витамин А и Б, а може да помогне при намалување на инфламацијата и хронични состојби, вклучувајќи дијабетес, срцеви заболувања и артритис.

Моќта на спанаќот веќе ни е позната (фала на Попај). Освен што е богат со железо, спанаќот има висок извор на зеаксантин и каротеноиди коишто помагаат во исфрлање на слободните радикали од телото. Помага при намалување на шеќерот во крвта, здравјето на коските и очите. Има антиинфламаторни својства и може да ја намали хипертензијата. Доволно аргументи, нели? Плус, малку калории 😍

(‼️) Како и за повеќето палачинки, и за овие е МНОГУ важно да ги печете на нелепливо тавче. 

Доколку се уште ги немаш направено моите палачинки со грашок и спанаќ, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи се навистина супер појадок! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или да ми оставиш коментар под овој пост.

🥬 Палачинки со грашок и спанаќ 🥬 Read More »