Торта од тофу? Да. И не, не треба да им кажеш на гостите од што е направена. 😄
Доколку го следиш мојот серијал „Дали е тофу?“, веќе знаеш дека идејата е да покажам колку различни начини постојат за користење на (надалеку омразеното) тофу во секојдневната исхрана. Не само во солени јадења, не само како замена за месо и не само во азиски рецепти. Во овој серојал покажувам дека тофуто може да биде база за кремасти сосови, намази, сладолед, печива… па дури и за торта.
Овојпат од него направив десерт кој е богат со протеини, има кремаста текстура и е доволно вкусен за да помине и кај оние кои не се особено воодушевени од идејата за тофу во слатко.
А најдобриот дел? Не мора да изгледа или да има вкус како „здрав десерт“. Може едноставно да биде торта.
А дека е здрав, нема ни збор. Оваа торта од тофу е засладена со урми и јаболки. Буквално има 7 состојќи. Па, поздрава и не може да биде. Јас и додадов црно чоколадо и малку мед од горе, што е апсолутно опционално.


Тофу, па тофу. Зошто токму тофу?
Тофуто е еден од најдобрите извори на растителни протеини. Но, неговата текстура е еднакво интересна кога станува збор за десерти.
Свиленото или добро изблендирано тофу (како во овој рецепт) има неутрален вкус и мазна (мека) структура, што значи дека лесно ги прифаќа вкусовите со кои ќе го комбинирате. Во оваа торта од тофу, урмите, ванилата, циметот и јаболките го даваат главниот есенски вкус. А, тофуто придонесува за структурата, мекоста и протеинската вредност.
И затоа и сакам да експериментирам со тофу. Наместо секогаш да бараме состојка која ќе замени нешто друго, можеме да ја искористиме нејзината природна текстура и карактеристики и да создадеме нешто сосема ново. Баш како оваа торта од тофу.
Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го има во рецептот подолу, а едно кратко видео има и кај мене во reels на инастаграм.
Зошто мора да ја пробаш оваа торта од тофу?



Прво затоа што оваа торта од тофу има и нутритивна смисла. „Здрава торта“ е прилично широк поим. Со самото тоа што некој десерт е направен без рафиниран шеќер, не значи автоматски дека е најдобрата храна на светот.
Затоа повеќе сакам да гледам на десертот како на дел од целокупната исхрана, а не како на нешто што мора да биде „совршено“.
Оваа торта од тофу сепак има една голема предност: наместо класична база која главно придонесува со јаглехидрати и масти, овде имаме состојка која носи значителна количина растителен протеин.
Плус, во оваа торта, секоја состојка има своја улога. Јаболката носат природна сладост и сочност, овесните снегулки ја даваат основата и придонесуваат со сложени јаглехидрати и растителни влакна, циметот го носи оној топол, препознатлив вкус на домашна торта, а тофуто е состојката што ја збогатува со протеини.
Нема потреба од долга листа на состојки за да добиете нешто интересно.
И токму затоа ова е еден од оние рецепти што сакам да ги имам при рака: едноставен е, заситува, а сепак делува како вистински десерт.


Доколку си љубител на здрави десерти и топли есенски вкусови, а сепак внимаваш што јадеш и колку протеини внесуваш, тогаш оваа торта од тофу дефинитивно мораш да ја пробаш! Те охрабрувам да ја направиш и пробаш најбрзо што можеш, и доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коменар под овој пост.
🍰 Торта од Тофу 🍰
Equipment
- процесор за храна
Ingredients
- ½ шоља Овесни снегулки
- 8 Урми, поголеми, без семка
- 350 гр. Тофу
- 1 с.л. Ванила екстракт
- 1 с.л. Путер од лешник
- 1 к.л. Цимет
- 1 шоља Растително млеко
- 3 помали Јаболки, исецкани на тенки ленти
Instructions
- Јаболките тенки изрежете ги на ливчиња.
- Во процесор за храна ставете неколку ливчиња јаболки (останатите сочувајте ги) и сите останати состојки и блендајде додека да добиете густа смеса.
- Тавче за печење (околу 20 цм или помало) обложете со хартија за печење. На дното наредете ги ливчињата јаболки, за да го покриете дното.
- Врз јаболките истурете ја и израмнете ја тофу смесата рамномерно.
- Од горе наредете го остатокот од ливчињата.
- Печете во претходно загреана рерна на 160 степени, 30тина минути.
- Оставете убаво да се олади пред да исечете.
- Опционално, полејте со стопено црно чоколадо и мед.
Вкупно парчиња: 8
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција: (**без декорација, само торта)
Калории: 133.26 kcal.
Протеини: 6.7 гр.
Јаглехидрати: 16.57 гр.
Масти: 4.1 гр.
Влакна: 8.34 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .
