🥞 Палачинки од цвекло 🥞
Палачинки од цвекло или уште едни солени и здрави палачинки, со впечатлива розова боја!
Да бидам искрена, овие супервкусни и супермеки палачинчиња излегоа од желбата да му послужам цвекло на Каи, а притоа да не биде преголем хаос и да сум сигурна дека ќе го изеде. И верувајте ми, не погрешив! Изеде 3 цели палачинки! 😍
Освен што се прават навистина многу лесно и имаат само 5 состојки (плус зачини), лесно се адаптираат и за бебиња. Едноставно, пред да додадете сол и прашок за печиво, извадете малку од смесата што ќе биде за вашето малечко. Во смесата за вас додадете сол и прашок за печиво, и тоа е тоа – прелесно! За бебе ги послужив со грчки јогурт и авокадо. А, за мене со тофу рикота (дел од мојот прирачник за растителна исхрана што наскоро ќе биде достапен) и авокадо. Но, што и да додадете и како и да ги искомбинирате овие палачинки од цвекло, ќе добиете превкусен и супер здрав солен појадок.





Не штедете на зачини!
Цвеклото само по себе има доста земјен вкус, па за да добиете на вкус употребете колку можете повеќе зачини. Јас ставив лук во прав, сув копар, сув власец, оригано и биена сол. И секако, нутритивен квасец за малку „cheesy-flavor“. Вие можете да употребите што ви душа сака (но лукот задолжително). И ете така, уште едни солени пачачинки, заедно со оние од грашок и спанаќ, што влегуваат во бројната понуда на палачинки намојата веб страна. Веќе две солени и многу мотивација за експериментирање со уште солени верзии на палачинки. А до тогаш, задолжително пробајте ги овие палачинки од цвекло. Целиот рецепт (којшто патем е многу едноставен) и начинот на подготовка го имате подолу во објавава. А трк до кај мене на инстаграм во reels бидејќи имате и кратко видео.
Зошто палачинки од цвекло?
Цвеклото не му е омилено на секој, и токму затоа се трудам да креирам што е можно повеќе рецепти со цвекло. Така, се надевам ќе ви помогнам да го внесете овој чудотворен корен со впечатлива боја и импресивен нутритивен профил. Еве неколку од рецептите со цвекло што ги имам објавено:
Во повеќето од овие постови имам пишано по збор-два за придобивките од цвеклото и зошто е добро да се јаде (одлична храна за 🧠 поради големата количина на фолат), но подолу имате мааалку подетално за неколку од најважните придобивки од цвеклото. Во моментов, мене најважна придобивка ми е што ова малечко со сласт ги изеде овие палачинки од цвекло и со ова сме еден чекор поблиску до убави и здрави навики во јадењето!
Инаку, освен што има малку калории, цвеклото е богато со многу витамини и минерали. Како што кажав претходно, собено е богато со фолат, витамин кој игра клучна улога во растот, развојот и здравјето на мозокот и срцето.

Уште придобивки од цвекло
Цвеклото исто така содржи добра количина на манган, кој игра улога во формирањето на коските, функцијата на мозокот итн. Плус, богато е и со бакар, важен минерал потребен за производство на енергија и синтеза на одредени невротрансмитери. Понатаму, цвеклото содржи висока концентрација на нитрати, кои можат да помогнат во намалување на нивото на крвниот притисок. Ова може да доведе до намален ризик од срцеви заболувања и мозочен удар. Ова исто така го имам спомнато претходно, но е супер важно, особено за спортисти – јадењето цвекло може да ги подобри атлетските перформанси со подобрување на употребата на кислород и издржливоста. Затоа, за да го максимизирате овој важен ефект, консумирајте 2-3 часа пред тренинг или натпреварување.
Цвеклото исто така содржи пигменти наречени беталаини, коишто поседуваат голем број антиинфламаторни својства. Одличен извор е на диететски влакна, кои се суперкорисни за дигестивното здравје и го намалуваат ризикот од неколку хронични здравствени состојби. Плус, нитратите во цвеклото може да ја подобрат функцијата на мозокот преку проширување на крвните садови и со тоа зголемување на протокот на крв во мозокот…. Мислам дека повеќе причини не ви се потребни зошто да ги направите моите палачинки од цвекло. Затоа, земете си го тавчето за палачинки и засукајте ракави…
(‼️) Како и за повеќето палачинки, и за овие е МНОГУ важно да ги печете на нелепливо тавче.
Доколку се уште ги немаш направено моите палачинки од цвекло, ова е знакот дека треба да ги направиш. Baby approved, многу лесни, многу вкусни и многу здрави, буквално нема причина да не ги направиш. Така што, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или да ми оставиш коментар под овој пост.…
🥞 Палачинки од цвекло 🥞 Read More »


























