Marija Marija Marija

ужина

🍓 Вафли со јагоди и киноа 🍓

вафли со јагоди и киноа - Хедер

Вафли со јагоди и киноа, затоа што ако не се палачинки, тогаш се вафли! Шала на страна, откако го купив тостерот за мали вафли, мислам дека вафли правам еднаш неделно. И секој пат е нов експеримент од вкусови, секој пат различни, но секој пат многу брзи, лесни и вкусни! Овој пат, решив да ги објавам овие вафли од јагоди и киноа затоа што се подогни за целото семејство (вклучително, нормално, и бебе)!

Јас ги направив со вкупно 8 состојки и ми излегоа навистина многу вкусни. Крцкави од надвор а меки и сочни од внатре! Плус, богати со многу диететски влакна, витамини и растителни протеини!

Одлични се за пролетниот период со свежи јагоди, но, можете да ги направите и со замрзнати (секако претходно одмрзнете ги). За да ги направите овие вафли со јагоди и киноа, потребен ви е само блендер и тостер. И желба нормално!

вафли со јагоди и киноа

Зошто да ги направите овие вафли со јагоди и киноа?

Затоа што киноата е суперхрана што треба често да ја вклучувате во вашата исхрана. За киноата имам пишувано многу во моите рецепти, но ако ви треба повеќе инфо, еве неколку рецепти што ќе ви ги издвојам:
1️⃣ солена гранола,
2️⃣ воздушести палачинки од киноа,
3️⃣ барови од амарант и киноа,
4️⃣ колаче од киноа и овес,
5️⃣ полнети пиперки со киноа,
6️⃣ киноа пица,
7️⃣ печена киноа,
8️⃣ палачинки од киноа,
9️⃣ тортиљи од киноа,
1️⃣0️⃣ гранола со киноа,
1️⃣1️⃣ чоколадна киноа торта,
1️⃣2️⃣ „месо“ од киноа и леќа

вафли со јагоди и киноа

Плус, јас сум ептен голем љубител на јагоди и се што има јагоди, за мене е 😍😋 Така што ова се две супер причини. Плус, се прават многу брзо и лесно (само би блендер) и се baby-friendly! И тоа е тоа. Целиот рецепт е подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку си љубител на вафли, еве едни многу вкусни, брзи, лесни и суперздрави вафли од јагоди и киноа. Те охрабрувам да ги направиш и пробаш бидејќи буквално нема причина да не ги направиш (освен доколку си алергинеч на јагоди). И секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍓 Вафли со јагоди и киноа 🍓 Read More »

🍫 Здрави Твикс Барови 🍫

твикс барови - Хедер
твикс барови

Овие твикс барови ми се едни од 4-те омилени чоколадни десерти, заедно со Баунти, Сникерс и Марс (уште не ми е објавен, ама ќе биде наскоро). За разлика од вистинските чоколади коишто се процесирани и преполни со шеќери, моите се релативно поздрави, од целосни состојки и со контролирана количина на природен шеќер. 😍

Признавам, можеби фоткиве не се најубавите фотки од твикс барови, но затоа, вкусот компензира за тоа!

За постов, сакав да се видат сите слоеви, па тешко ми беше да го исечам стврднатото чоколадо, но вообичаено цели ги поливам со чиколадо и тогаш немам проблем со сечење 😆

Во секој случај, како и да решите да ги направите, нема да погрешите, бидејќи се навистина совршени кога имате потреба од благо.

Совршениот карамел за совршените твикс барови

твикс барови

Карамелот е навистина совршен и од само 3 состојки (без прегорен шеќер, нормално). Да се разбереме, не велам дека не е калоричен и дека треба да го изедете цел наеднаш, но велам дека освен што има природен шеќер од урмите, има и протеин и здрави масти од путерот од кикирики и диететски влакна. Значи не внесувате само празни калории. А дека ќе ве заблажи, е тоа ви гарантирам!

Инаку, овие твикс барови се прават навистина многу лесно. Вообичаено карамелот го правам само со урми и вода, но овој пат урмите ги киснев во топло млеко и има разлика! Доколку сакате да намалите калории, слободно можете млекото да го замените со вода. Целата постапка ја имате подолу во постот а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео.

Зошто да ги направите уште денес?

Инаку, од нутриционистички аспкт, мора да ги направите затоа што се МНОГУ ВКУСНИ! Да бидеме реални, не мора во секое залче да бараме научни и нутриционистички причини зошто да го изедеме. Иако за овие твикс барови има: содржат антиоксиданси, протеини, здрави масти… сепак доволна причина е тоа што се малку подобра опција од кој било купечки десерт, бидејќи не содржат процесирани состојќи, преработен шеќер, емулгатори и останати додатоци што не можеме да ги прочитаме. Ете така, мојот совет е овој, а останатото е на вас!

Доколку и ти како мене си љубител на Твикс, тогаш овие твикс барови се десертот шо мораш да си го направиш. Те охрабрувам, бидејќи се навистина вкусни и се прават многу лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍫 Здрави Твикс Барови 🍫 Read More »

🫓 Крекери од Леќа 🫓

крекери од леќа - Хедер
крекери од леќа

Овие крекери од леќа се многу вкусни, многу здрави и полни со растителни протеини, здрави масти и диететски влакна. И тоа е се што недостасува на купечките крекери. Се прават многу брзо и лесно а можете да ги модификувате по вкус. Главната улога во подготовката на овие крекери е црвената леќа па затоа додека го читате овој пост, станете и закиснете си една шоља црвена леќа во поголема тегла со вода. Така, уште утре ќе можете да си ги направите овие крекери.

Крекери од леќа за појадок, ручек, вечера или пак за ужина

Добро прочитавте. Овие крекери од леќа можете да ги јадете буквално во секоја варијанта. Со јогурт и салата или тофу кајгана и хумус за појадок. Како замена за крутони во голема протеинска салата за ручек. Со маслинки и домат за вечера. Или пак доколку имате потреба да грицкате, мојата препорака е да не посегате по друго сем по овие крекери од леќа, така ќе грицкате паметно и здраво.

Леќа сега, леќа засекогаш

Леќа е една од оние намирници што ја јадеме можеби секој втор ден. Дали се тоа тортиљи/врапови, палачинки, дали се вафли, или манџа, дали се ќофтиња, лепче или пак намаз (наскоро) леќата е сеприсутна. И со причина. Во една шоља леќа има 46 грама растителен протеин, 21 грам диететски влакна и само 4,2 грама масти.

И ете така, многу лесно протеинскиот бар ќе го замените со протеински крекер (особено ако во моментот повеќе ви се јаде нешто солено).

Инаку, јас ги правев со ленено семе, семки од сончоглед и тиква и сусам, но вие можете да додадете што имате дома или што ви одговара на вкус. Исто така, моето комбо на зачини мене ми е превкусно, но вие можете да го модификувате по ваш вкус. Затоа се одлични – базата е иста но комбинациите се бескрајни!

крекери од леќа
крекери од леќа

Уште неколку причини зошто да ги направите овие крекери од леќа

Голем дел од причините веќе ги поминав погоре, но ајде уште некоја причина плус (доколку ви треба). Леќата е одличен извор на витамини од групата Б, железо, магнезиум, калиум и цинк. Исто така е одличен извор на растителни протеини и диететски влакна.

Одличен извор е на полифеноли кои го подобруваат здравјето, имаат силни антиоксидантни и антиинфламаторни својства со потенцијални ефекти кои ги инхибираат клетките на ракот.

Го штити срцето така што помага во губење на тежината, спречување на акумулација на хомоцистеин во телото и подобрување на нивото на холестерол и крвниот притисок.

Доста ви се причини нели? Но ајде уште една: МНОГУ се вкусни! Затоа скролнете малку за да го видите целиот рецепт, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Доколку сакаш здрави грицки или здрава солена ужинка, пробај ги моите крекери од леќа. Лесно се прават, богати се со протеин, многу се вкусни и здрави! Ќе го направат грицкањето да е со помалку грижа на совест. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫓 Крекери од Леќа 🫓 Read More »

🥄 Солена гранола 🥄

Солена гранола - Хедер

Океј, солена гранола звучи тотално невообичаено, па дури можеби и чудно. Како би јаделе солена гранола? Во што би ја додале? Хмм.. Би рекла, би ја јаделе исто како и секоја друга гранола – со лажица 🤣 Ајде сега шала на страна, затоа што оваа гранола дефинитивно вреди да се проба. Може да се јаде со неутрален (или закиселен) јогурт, како додаток во сендвичи, паста, салати. Многу е вкусна, верувајте! Но, освен тоа, исто така е нутритивно богата, полна со омега-3 и други здрави масти, влакна, протеин, магнезиум, витамин Е, Б3, Б6, антиоксиданси и минерали.

Додадете му „crunch“ на секое јадење

Ако сте како мене и сакате секогаш нешто крцкаво во оброците, тогаш оваа гранола е дефинитивно за вас! Дава предобар солен крцкав шмек и е супер додаток во кој било оброк. Плус, ако (пак како мене) секогаш имате залиха од сварена киноа, тогаш дефинитивно станете и направете ја гранолава. Се прави навистина брзо и лесно, а брзо и се пече – готова е за 10-тина минути. А еве и неколку идеи како да ја јадете:

🥑 На авокадо тост,
🥗 Во салата,
🍝 Во паста,
🍛 Со рижото,
🍚 Со мојот солен печен овес,
🍶 Со јогурт,
🥣 Со тарана,
🥜 За ужинка место грицки

Ова се неколку идеи што први ми паднаа на памет, мислам дека ќе ми текнат уште, ама ако ја направите и ако ви дојде инспирација за уште некое комбо, споделете го во коментар под овој пост.

солена гранола

Доколку сакате пикантно или луто, слободно додадете од вашиот омилен лут сос или заменете ја томато пастата со Gochujang паста (јас тоа го направив) и во двете варијанти е врвна! Така што… скролнете надолу во овој пост за да го видите целиот рецепт, а секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Доколку и ти како мене сакаш крцкави додатоци во јадењата, тогаш дефинитивно мораш да ја пробаш мојата солена гранола. Те охрабрувам, бидејќи веројатноста и ти да се навлечеш е ГОЛЕМА. Многу е вкусна и навистина лесно се прави. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🥄 Солена гранола 🥄 Read More »

🍄 Пате од печурки 🍄

пате од печурки - Хедер

Веќе подолго време се канам да направам пате од печурки. Но, сакам да направам и уште некој нов намаз, бидејќи одамна немам направено. И еве бидна конечно. И не само што бидна, вкусот е предобар.

Мислам дека одамна немам уживано во некој намаз како што уживав во ова пате од печурки. Секако, за вкусови не се расправа. Знам дека нешто што ми е превкусно на мене, нема да му биде на некој друг. Но, мислам дека ова пате од печурки дефинитивно вреди да се проба.

Во пресрет на слави и празници

Посни намази се особено погодни во празничниот период и периодот на слави. Супер се бидејќи можете да ги послужите со крекери и некој зеленчук и да имате супер мезе. Затоа периодов сем ова пате од печурки, ќе се обидам да направам уште некој намаш што се надевам ќе ви се најде во периодот на пости, слави и празници.

Пате од печурки
Пате од печурки

Зошто пате од печурки

Искрено, затоа што е вкусно и се прави релативно брзо. Стои неколку дена во фрижидер и од дозата во рецептот ќе наполните тегла од 270 грама.

Јас го правев со микс печурки и мислам дека во најголема мера поради тоа и ми се допадна толку, но вие можете да експериментирате и да се обидете само со шампињони или со вашите омилени печурки.

Во рецептот же забележите дека користев и мисо. Мисо паста е всушност традиционален јапонски додаток во исхраната и се прави од ферментирани зрна (најчесто соја или грав). Дава супер шмек и кај нас го има во азиската продавница во Скопје. Но доколку немате, слободно можете да го изоставите. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот. А имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку сакаш брзи и лесни домашни намази, тогаш дефинитивно треба да го пробаш ова пате од печурки. Има длабок вкус и се прави многу лесно. Така што, доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍄 Пате од печурки 🍄 Read More »

🍓 Двослоен протеински пудинг 🍓

двослоен протеински пудинг - Хедер

Овој двослоен протеински пудинг, всушност е варијација на мојот протеински чоко пудинг. Подеднакво протеинска, но малку поосвежителна опција. Се прави буквално исто (лесно) а е навистина многу вкусен. Употребете го омилениот засладувач за да си ја подесите блажината, или пак доколку сакате киселкаст вкус, изоставете го комплетно. Инаку во однос на подготовката важи истото – јас го правам со свилено тофу. Но, може да се направи и со обично тофу, но треба да додадете повеќе млеко, да го блендате подолго и крајниот резултат да биде silky smooth.

Десерт, ужина и протеински буст

Овој двослоен протеински пудинг можете да го јадете како десерт, ужина или по вежбање како протеински буст. Нема многу калории што е уште една предност за сите оние коишто внимаваат на дневен внес.

двослоен протеински пудинг
двослоен протеински пудинг

Зошто двослоен протеински пудинг?

За придобивките од тофуто имам доста пишувано во моите претходни рецепти со тофу, а најопфатно објаснив овде. Затоа, нема да ви објаснувам зошто овој двослоен протеински пудинг е здрав. Едноставно ќе ви кажам: освен што е здрав, направете си го бидејќи е вкусен!

Јас го правев со малини, но вие можете да го направите со јагоди, боровници или пак микс од шумско овошје – подеднакво вкусен во сите варијанти.

И така, решив овој пост да е краток и едноставен, баш како и самиот пудинг па нема да должам повеќе. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и видео од целата подготовка кај мене на инстаграм во reels.

Доколку сакаш брза и протеинска ужинка а да не е купечки пудинг, тогаш мојот двослоен протеински пудинг е за тебе! Многу вкусен и освежителен, со 12 грама протеин и само 190 калории, минимално засладен се прави буквално во секунди (не во минути). Така што, доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍓 Двослоен протеински пудинг 🍓 Read More »

🥥 Трослојни барови 🥥

трослојни барови - Хедер
трослојни барови

Како и сите мои барови, така и овие трослојни барови се прават многу лесно, освен ако имате бебе и ако треба да снимате reel за на инстаграм. Е тогаш ќе ви требаат три дена како мене 🤣 Шала на страна, многу се освежителни и вкусни, не се многу благи (а може да бидат и уште помалку, доколку го изоставите засладувачот).

Во однос на состојките: имаат вкупно 12 состојки за сите 3 слоја + чоколадото од горе, што исто така е опционално (но секако, препорачливо). Потребен ви е процесор за храна или блендер и калапче или силиконска модла. Јас ги правев во калап за мафини, но можете да ги направите во какво било тавче, само обложете го со хартија за печење.

Во однос на вкусот: неверојатно освежителен! Само еден бар е доволен да ви ги засити потребите за благо (и повеќе од тоа). Навистина се многу вкусни

Како да си ги направите овие барови трослојни барови

Без да снимате видео – јас го направив тоа за вас и можете да го најдете кај мене на инстаграм во reels. Остатокот е лесен: правите прв слој, па во замрзнувач. Правите втор слој, ставате врз првиот, па во замрзнувач. Правите трет слој, ставате врз вториот, па во замрзнувач и на крај по желба полевате со црно чоколадо.

Пред да ги јадете, извадете ги од замрзнувач и ставете ги малку во фрижидер, за да се отпуштат. Направете си топло кафе и опуштете се во топло-ладно уживање.

И како и секогаш, скролнете надолу за целиот рецепт…

трослојни барови
трослојни барови

Вкусни, едноставни и (релативно) поздрави

Легитимно велам дека овие трослојни барови се релативно поздрави. Ако сме реални, изобилуваат со здрави масти од јатките и кокосовото млеко. Имаат шеќер од урмите (што е природен, но сепак е шеќер). Но исто така имаат и многу антиоксиданси од урмите и од шумското овошје па ете баланс. Дури си мислам дека на кокос слојот може да му се додаде и протеин во прав па да бидет и малку побалансирани. Штета што ова ми текна пишувајќи го последниот пасос од постов, откако веќе ги направив… Ајде, следна тура…

Инаку, од оваа доза мене ми излегоа 8 големи барчиња. Вие можете да ги направите во големината што вам ви одговара, но тоа секако ќе ја примени калориската вредност засметана на крајот од овој пост.

Овие трослојни барови се еден од оние десерти што едноставно мора да ги направиш барем еднаш. Многу се освежителни и вкусни и се прават навистина лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥥 Трослојни барови 🥥 Read More »

🥣 Карамела Гранола 🥣

Карамела Гранола - Хедер

Уште една нова, овој пат карамела гранола, затоа што гранола засекогаш! Пред да преминам на рецептот сакам да објаснам како настана оваа гранола и воедно, односно како го „навлеков“ маж ми на гранола. Факт е дека гранола дома имам секогаш и една вечер седејќи со друштво, дојде со теглата и ме праша:
– „Марија што е ова?“ Му објаснив, проба и ептен му се допадна (пробаа и другарите, и одобрија).

Е, за жал, овие неколку месеци откако се роди Каи, признавам дека ми нема текнато да си направам гранола и пред некој ден токму маж ми ме потсети:
„Како се викаше она крцкавото што го јадеш и многу што ми се свиѓаше?“
– Гранола.
„Епа ај те молам направи ми.“

И тоа беше тоа, решив дека морам да направам, па неможејќи да се сетам која ја имал пробано, и воедно неможејќи да се решам која да си ја направам, направив нова. Ете така настана оваа карамела гранола.

И конечно за мојата карамела гранола

Како и сите мои граноли, така и оваа карамела гранола, се прави навистина брзо и лесно. Едиснтвена разлика е тоа што ви треба блендер или процесор за да го направите карамелот од урми. А кога сме на темата карамел од урми, сакам да ја искористам оваа прилика и да ве потсетам на еден можеби подзаборавен рецепт, што дефинитивно треба да го пробате:

🍊 Највкусните чоколадни бомбици со бадеми & портокал 🍊


Целата доза е готова за 15тина минути (од подготовка до печење) и потоа можете да си ја комбинирате со смути, овесна каша или чиа пудинг и свежо овошје. И традиционално, во секој рецепт за гранола го потенцирам фактото дека доколку ја направите дома ќе знаете дека внесувате нутритивно богат и балансиран оброк полн со здрави масти, јаглехидрати и дури и протеини. Исто така, ќе знаете точно колку шеќер (секако природен) внесувате. И тоа е тоа… Уште само малку скрол за рецептот, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видевце.

Доколку си љубител на гранола, не барај изговори (и победи ја мрзата) и направи си ја мојата карамела гранола. Те охрабрувам, е многу, ама сериозно многу вкусна. Плус, нели, се прави многу лесно и брзо. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija  или остави ми коментар под овој пост.

🥣 Карамела Гранола 🥣 Read More »

🥞 Полнети палачинки 🥞

Полнети палачинки - Хедер

Овие полнети палачинки, не се којзнае колку револуционерен рецепт, но се супер забавни и дефинитивно малите јадачи ќе сакаат да ги правите често.

Тестото е многу едноставно и лесно, со само 3 состојки: млеко, банана и овесно брашно. А забавниот дел е полнењето. Јас ги полнев со црно чоколадо, путер од кикирики и чиа џем од малина.

Додека да почнам да подготвувам палачинки од состојки што до сега не сум ги правела, можете да си ги направите овие полнети палачинки, затоа што се навистина превкусни (и поважно) прелесни!

Секако, можете да употребите различно полнење, односно, се што ви се допаѓа вам. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу, а кратко видео од подготовката имате и кај мене на инстаграм во reels.


Бонус: Мини овошни палачинки 🥞

Супер е кога во еден пост има два рецепти, нели? Овие мини овошни ги направив со истото тесто и се забавував со овошјето. Едноставно исецкав јагоди и банани и ги извалкав во смесата. Потоа кратко ги испеков и voila ги добив овие мини палачинчиња, преполни со овошје. Рецептот и начинот на подготовка е подолу во овој пост. А, кратко видео имате кај мене на инстаграм во reels.

Без разлика дали ќе се одлучите за полнетите палачинки или пак ќе се одлучите за мини овошните палачинки, тестото е исто, се прави брзо и лесно и двете опции се супер вкусни. Така што, очекувам да ги пробате во вашата следна палачинка сесија!

(‼️) Како и за повеќето палачинки, и за овие е МНОГУ важно да ги печете на нелепливо тавче. 

Доколку се уште ги немаш направено моите полнети палачинки, очекувам да ги направиш уште следниот викенд. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни а и многу забавни! А како втора опција, можеш да ги направиш и мини овошните палачинки за уште позабавен вкус. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или да ми оставиш коментар под овој пост.

🥞 Полнети палачинки 🥞 Read More »

🫓 Медитерански крекери 🫓

Медитерански кренери - Хедер
медитерански крекери

Моите медитерански крекери, се уште едни во низата здрави крекери, а штом ги пробате, веднаш ќе посакате да сте покрај море, бидејќи вкусот е навистина неодоливо летен. Сем што се многу вкусни, многу се и здрави и дефинитивно треба да ги пробате. Јас ги правев со брашно од хељда, но можете да ги направите и со овесно брашно.

Крекери за појадок, ужина, ручек

Овие медитерански крекери можете да ги јадете за појадок со тофу кајгана и свеж домат и краставица. Можете да ги грицкате за ужина, додека гледате филм или пак да ги послужите со вашата омилена салата. Во која форма и да решите да ги консумирате, нема да згрешите – навистина се супер и на вкус а и во составот. Имаат 3 од 7-те најздрави семиња што можете да ги консумирате, плус брашно од цели зрна хељда. А маслинките, каперсите и сушените чери домати во целост го надополнуваат вкусот.

Зошто баш овие медитерански крекери?

Од неколку причини: се прават во еден сад, брзо и едноставно. Богати се со протеини, минерали, витамини, омега 3 и незаситени масти. Крцкави се и имаат многу убав летен вкус. Како и да е, се многу подобра опција отколку да грицкате купечки, преработени крекери.

Затоа и најтопло ви препорачувам да ги пробате. Навистина се многу лесни за правење. Целиот рецепт и начинот на подготовка ви е напишан подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку си љубител на крекери, а воедно сакаш да јадеш поздрава опција, ти ги препорачувам овие медитерански крекери. Имаат навистина преубав вкус, крцкави се и многу, многу поздрави код кои било купечки. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫓 Медитерански крекери 🫓 Read More »

🥠 Љубовни колачиња 🥠

tahini-date-cookies-header
љубовни колачиња

Сите заслужуваме да се почестиме со овие љубовни колачиња со само 3 состојки. Доколку ме следите на инстаграм, веројатно веќе сте запознаени со мојата опсесија со комбинацијата таан и сируп – што да правам, врвна ми е! Епа еве и во форма на колачиња!

Освен што се многу вкусни и што се прават многу лесно, овие љубовни колачиња се направени од само 3 (плус црно чоколадо) состојки што се добри за вас (овес + таан + сируп од урми).

Таанот освен што е богат со селен, делува и како антиоксиданс, и ја намалува инфламацијата.

А за плус антиоксиданси можете да им направите вдлабнатини и да ги наполните со стопено црно чоколадо – и без ова се вкусни, ова е само „јагода на шлагот“

Многумина веќе ги пробаа, но доколку си еден од оние што се уште ги нема направено овие љубовни колачиња со таан, те охрабрувам да ги направиш уште денес и доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🥠 Љубовни колачиња 🥠 Read More »

🫘 Чоколадни мафини со Грав 🫘

мафини со грав - Хедер
мафини со грав

Овие чоколадни мафини со грав, се уште еден супер експеримент од мојата кујна. Супер за кога ви се јаде благо а од друга страна сакате да внесете и протеини. Патем, луѓето што мислат дека со растителна исхрана не може да се внесат протеини, не се запознаени со моќта на гравот!

Сè што треба да знаете за црниот грав

Како и другите мешунки, како што се кикиритките, грашокот и леќата, црниот грав содржи висока содржина на протеини и диететски влакна. Но, црниот грав исто така содржи и неколку други клучни витамини и минерали кои имаат одлични бенефити врз нашето здравје. Можете да го јадете на секаков начин, а овие чоколадни мафини се само уште една идеја плус. Инаку, еве некои од најзначајните продобивки од црниот грав:

Го помага здравјето на коските

Железото, фосфорот, калциумот, магнезиумот, манганот, бакарот и цинкот што инаку црниот грав ги содржи, придонесуваат за градење и одржување на структурата и силата на коските.

Го намалува крвниот притисок

Црниот грав има ниско количество на натриум, а содржи калиум, калциум и магнезиум, минерали коитшо помагаат при намалувањето на крвниот притисок.

Ја подобрува дигестијата

Поради високата содржина на диететски влакна, црниот грав помага во спречување на констипацијата и одржување на здрав дигестивен тракт. Плус, црниот грав обезбедува гориво за здравите бактерии во дебелото црево.

Помага во управувањето на дијабетесот

Храната богата со диететски влакна, помага во намалувањето на нивото на гликоза во крвта кај лицата со Тип 1 дијабет. Дополнително, и лицата со дијабетес тип 2 може да имаат подобрени нивоа на шеќер во крвта, липиди и инсулин..

Да се вратиме на моите чоколадни мафини со грав

Доколку сакаш сочен и чоколаден десерт, но сепак сакаш да внимаваш на калорискиот внес или пак доколку водиш евиденција за внес на протеини, тогаш моите чоколадни мафини со грав се полн погодок. Немаат воопшто масло, јас ги засладив со јаворов сируп, но може да се засладат и со сируп од урми или пак да ги направите комплетно без засладувач. Дополнително, содржат и антиоксиданси поради какаото. Јас има додадов смрзнати јагоди, што е сосем опционално, но тоа ги направи уште посочни и повкусни. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео за подготовка.

Доколку си љубител на интензивен чоколаден вкус и сочни десерти, а сепак сакаш тие да бидат здрави тогаш дефинитивно те охрабрувам да ги пробаш овие чоколадни мафини со грав. Се прават лесно и многу се вкусни и сочни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫘 Чоколадни мафини со Грав 🫘 Read More »