Marija Marija Marija

тиква

Тиква и зошто треба да ја јадеме

Тиква - Хедер

Во овој водич ќе прочитате:

тиква

Тиква: најесенското парче зеленчук, што е всушност овошје

Тиквата вообичаено ја сместуваме во категоријата зеленчук, иако всушност, во теорија (и според науката) тиквата е овошје, бидејќи содржи семиња. Но, според нејзината хранлива вредност, дефинитивно повеќе припаѓа во категоријата зеленчук отколку овошје.

Но едно е сигурно, без разлика во која категорија ќе ја сместите, ништо не „вреска“ повеќе есен од тиквата. Голем удел за тоа има западот со прославувањето на Haloween, кога се е во знак на Jack-o-Lantern. Но, виновен е и Starbucks, со своето добро познато Pumpkin Spice Latte (со милион калории 😀)

И освен што е популарнен и сеприсутен есенски симбол (пити, лепчиња, лате…), тиквата има голема хранлива моќ. Навистина е суперздрава и според мене, дефинитивно спаѓа во категоријата на суперхрана, што дефинтивно треба да ја консумирате често. Освен што има малку калории, богата е со диететски влакна, витамини и минерали, и помага во зајакнувањето на нашиот имунитет. А освен тоа, тиквата може да се подготви на многу начини и во многу рецепти. Подгответе ја печена, на пареа/во air-fryer, варена, блендирана, во сосови, чорби, манџи, кари, десерти…

Многу повеќе од само Jack-o-Lantern

Да, дефинитивно повеќе бенефит од тиквата ќе имате доколку ја изедете, отколку како декорација на маса (или како што е на западот за време на Haloween 🎃🎃) а еве и зошто:

👁 БетаКаротен: моќен антиоксиданс што освен што ја дава портокаловата боја, телото го претвора во витамин А.
👀 Витамин Ц и витамин Е: антиоксиданси што го подобруваат здравјето на очите и спречуваат дегенеративио оштетувања.
🫀 Диететски влакна, калиум и витамин Ц: го подобруваат здравјето на срцето.


6 импресивни придобивки од тиква

1. Го намалува ризикот од хронични заболувања

Слободните радикали се молекули произведени од метаболичкиот процес на телото. Иако многу нестабилни, тие имаат корисни улоги, како што е на пример, уништувањето на штетните бактерии. Сепак, прекумерните слободни радикали во телото создаваат состојба наречена оксидативен стрес. Оксидативниот стрес е поврзан со хронични болести, вклучувајќи срцеви заболувања и одредени ракови. Тиквата содржи високо ниво на антиоксиданси, како што се алфа-каротен, бета-каротен и бета-криптоксантин, што можат да ги неутрализираат слободните радикали. Ова спречува оштетување на клетките и помага во намалување на ризикот од хронични заболувања.

палачинки од тиква

2. Го подобрува имунитетот

Тиквата е полна со хранливи материи што можат да го зајакнат вашиот имунолошки систем. Како прво, богата е со бета-каротен, кој вашето тело го претвора во витамин А. Истражувањата покажуваат дека витаминот А може да го зајакне вашиот имунитет и да помогне во борбата против инфекциите. Тиквата е исто така богата со витамин Ц, што го зголемува производството на белите крвни зрнца, им помага на имуните клетки да работат поефикасно и раните да зараснуваат побрзо. Добар извор е на витамин Е, железо и фолат – коишто исто така помагаат во подобрувањето на имунолошкиот систем.

3. Го штити видот

Витаминот А, Лутеинот и Зеаксантинот, заедно со витамините Ц и Е, кои функционираат како антиоксиданси, може да ги спречат слободните радикали да ги оштетат вашите очни клетки.

4. Помага во слабеењето

Тиквата е нутритивно богата храна. Односно, е неверојатно нискокалорична (се состои од околу 94% вода) и покрај тоа што е преполна со хранливи материи. Едноставно кажано, ако сакате да изгубите во тежина, почесто јадете тиква (можете да консумирате повеќе, во однос на другите извори на јаглехидрати). Уште поважно, тиквата е одличен извор на растителни влакна, што може да ви помогне да го намалите апетитот.

5. Ја подобрува работата на срцето

Тиквата содржи хранливи материи коишто можат да го подобрат и здравјето на вашето срце. Богата е со калиум, витамин Ц и влакна, кои се поврзани со здравјето на срцето. На пример, студиите покажуваат дека луѓето со поголем внес на калиум имаат помал крвен притисок. Тиквата, како што веќе неколку пати споменав, е богата со антиоксиданси, коипшто може да го заштитат „лошиот“ ЛДЛ холестерол од оксидација. Кога честичките на ЛДЛ холестеролот оксидираат, тие може да се згрутчат по ѕидовите на крвните садови. Ова може да доведе до зголемен ризик од срцеви заболувања.

6. Помага за поздрава и поубава кожа

Полна е со хранливи материи кои се одлични за кожата. Како прво, богата е со каротеноиди како бета-каротин, кој вашето тело го претвора во витамин А. Всушност, со само 250 гр. варена тиква, ќе постигнете 245% од препорачаната доза на витамин А. Исто така, студиите покажуваат дека каротеноидите можат да делуваат како природна заштита од сонце. Тие помагаат да се заштитат клетките на кожата од оштетување од штетните УВ зраци. Исто така, тиквата е богата со витамин Ц, којшто е неопходен за здрава кожа. Потребен му е на вашето тело за да создаде колаген, протеин кој ја одржува кожата силна и здрава. Исто така, антиоксидансите што ги содржи, докажано ја зајакнуваат одбраната на вашата кожа од УВ зраците.

крофни со тиква

БОНУС: Многу е лесна за инкорпорирање во исхраната

гранола со тиква

Тиквата е вкусна, разноврсна и лесно се додава во исхраната. Има сладок вкус, и токму затоа е една од најчестите состојки во јадења како крем, пити и палачинки. Сепак, одлична е и во солени јадења како што се печен зеленчук, супи и тестенини.

Семките од тиква (сите знаат дека се јадат) се исто така преполни со хранливи материи и имаат многу здравствени придобивки. На пример, семките од тиква може да го подобрат здравјето на мочниот меур и срцето, добар извор се на растителен протеин итн.

Најлесен начин да ја консумирате е да ја зачините и да ја испечете. Јас лично многу ја сакам во чорба и во сос од тестенини. Рецепт за чорбата за некој ден ќе објавам овде, а рецепт за сос за тестенини имате во мојата 30-дневна програма за растителна исхрана. За потсетување, еве уште неколку рецепти со тиква:

🧁 Мафини, 🍮 Карамели, 🍞 Лепче, 🌯 Врапови, 🍩 Крофни, 🥣 Гранола, 🥞 Палачинки, 🥧 Брауни, 🌮 Тортиљи, 🍳 Омлет


Што можеме да заклучиме?

Тиквата е суперхрана, богата е со калциум, калиум и магнезиум, што помагаат во регулирање на работата на срцето и одржување на низок крвен притисок. Иако има малку калории, бидејќи е богата со диететски влакна, прави да се чувствувате сити подолго време, што може да ви помогне во слабеењето или одржувањето на тежината. Богата е со антиоксиданси, особено витамин а, витамин ц и каротеноиди коишто помагаат во подобрување на имунитетот, заштита од разни болести, здравјето на очите, коските и кожата. Одличен извор е на цинк, но и го подобрува расположението и сонот. Плус, многу е вкусна и лесно може да се употреби и во слатки но и во солени оброци.

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

Тиква и зошто треба да ја јадеме Read More »

🎃 Тиква Карамели 🎃

тиква карамели

Овие тиква карамели се втор рецепт за карамели, но прв со тиква. И одлични се! Вистинско есенско десертче! Имаат само 7 состојки и се прават многу лесно и едноставно, буквално во еден сад. По желба можете да си ги прелиете со црно чоколадо (најчесто сите ја имаат таа желба), но и не мора. Во секоја варијанта се вкусни,

А освен што се вкусни се и супер здрави, природно засладени со урми и со многу диететски влакна што же го забрзаат варењето.

Плус, мислам дека единствено печено јаболко со цимет е повеќе есен од печена тиква, нели?

Инаку, овој пат, мојот карамел од урми го правев со кокосово млеко наместо со вода и доби супер шмек. Секако, доколку не сте љубител на кокос, можете да си го направите класично, со вода. Јас често си правам поголема количина и си го чувам во тегличка во фрижидер па го употребувам во различни комбинации.

И тоа е тоа, деталниот рецепт за моите тиква карамели го имате малку подоле, а кај мене на инстаграм во reels имате и едно кратко видевце. Ќе ми значи доколку го лајкнете, споделите или зачувате.

Доколку си љубител на тиква, тогаш мислам дека мора да ги пробаш овие тиква карамели. Те охрабрувам, бидејќи се навистина вкусни и се прават многу лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🎃 Тиква Карамели 🎃 Read More »

🥐 Вегански Кроасани 🥐

Овие вегански кроасани се еден мој постар рецепт што до сега не ми беше објавен на сајт. Зошто – ни замата не знам. Но, се си има своја причина, па така еве им дојде редот.

Океј, овие вегански кроасани не се класични кроасани со путер, но се далеку поздрава опција со целосни состојки. Посни се, крцкави од надвор и меки и сочни внатре и одлично одат со кафе или чај.

Можете да ги јадете за појадок, ужина па дури и вечера. А мирисот на цимет ќе ви го исполни домот додека се печат.

Мене ми се супер опција во есенските и зимските денови – иако признавам, знам да си ги направам и во лето 🫢

вегански кроасани
вегански кроасани

Играјте си со полнењето

Јас до сега ги имам правено во најразлични варијации и полнења: со црно чоколадо, со домашна нутела, со чиа џем, со чоколаден крем, со замрзнати боровинки – и во сите комбинации излегуваа превкусни! Последно, овие вегански кроасани ги направив со Mama’s Food какао кремот од тиква и повторно беа превкусни.

Инаку, пишувајќи го овој пост, сфатив дека истото тесто може да се направи и во форма на штрудла, па ќе пробам следен пат да ги наполнам со смеса од суво овошје, за бадник! Мислам дека ќе бидат полн погодок.

Секако, доколку пробате некоја друга варијанта пред мене, оставете ми коментар со импресии.

Како да ги направите овие вегански кроасани?

Како што би правеле и кифлички, само без путер, без јајца, без масло. Всушност – многу полесно од традиционален кроасан, којшто да бидеме реални – се прави многу тешко. Па така, доколку сакате едноставна а здрава варијанта – ова е тоа. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels.

Доколку се уште ги немаш пробано и направено моите вегански кроасани, еве прилика. Те охрабрувам, бидејќи се прават прилично лесно, здрави се и многу вкусна. Плус, можете да си играте со полнењето и секој пат да добиете различен вкус! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🥐 Вегански Кроасани 🥐 Read More »

🌯 Врапови/тортиљи со тиква 🌯

тортиљи/врапови со тиква - Хедер

Не знам дали привршувам со рецептите од тиква за оваа сезона, ама овие врапови/тортиљи со тиква, ептен ми се погодија. Меки се, сочни, имаат само 3 состојки и се прават многу брзо и лесно. Супер се за појадок, ручек а богами и за вечера. За сите што ќе се прашуваат – не, тиквата не доминира, само ги прави многу меки и сочни.

Јас не им додадов никаков зачин затоа што сакав да ги пробам и во солена и во слатка варијанта и без зачини функционираа одлично. Сепак, доколку сакате да ги направите солени можете да им додадете сол, куркума и црвена пипер. А доколку сакате да ги направите благи, можете да им додадете цимет, ванила и малку кокосов шеќер.

И ете така, овие тортиљи/врапови со тиква се уште еден прелесен блендај-испечи-намачкај-замотај рецепт со одлични состојки и супер здрав за вашето здравје. Плус, совршени за пребирливи јадачи што не сакаат (а треба) да јадат тиква!

Врапови/тортиљи со тиква
Врапови/тортиљи со тиква

Зошто врапови/тортиљи со тиква?

Затоа во неколку наврати имам објаснето дека тиквата е многу здрава, но ајде да повториме. Освен бета каротинот, тиквата е богата со витамин Ц, витамин Е, железо и фолат – со што помага во зајакнување на имунолошкиот систем. Плус, вкусна е и прилично достапна, особено во есенскиот период. Би било жално да не ја искористите на сите можни начини. А чисто за уште едно потсетување, еве неколку идеи што се можете да направите со тиква:

Но, да се вратам на овие врапови/тортиљи со тиква. Најважно од се за да ги направите е – нелепливо тавче. Не го занемаривајте ова! Како и секој пат, мојата препорака е да ги наполните со извор на протеин, и здрави масти, за да ги избалансирате и да имате комплетен и здрав оброк.

И тоа е тоа, целиот рецепт и начинот на подготовка ги имате подолу во рецептот, а имате и видео кај мене во reels на инстаграм.

Ова е уште една варијанта за домашни и здрави тортиљи/врапови - овој пат со тиква. Вкусот на тиквата воопшто не доминира, што значи доколку не додадете зачини можете да ги јадете и во солена и во слатка варијанта, а се многу меки и сочни и секако - ЗДРАВИ! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🌯 Врапови/тортиљи со тиква 🌯 Read More »

🍩 Крофни со тиква 🍩

крофни со тиква - Хедер
крофна

Овие крофни со тиква се првите крофни што ги правам, а причината е едноставна – немав калапче 🥹 Е сега, откако си набавив, животот е многу полесен… Мала шала, супер кај овие крофни со тиква е што можат да бидат обично колаче (доколку немате калап за крофни) или пак да ги ставите со калап за мафини. Фунцкионираат секако. Плус, се прават во еден сад, многу лесно и едноставно и се супер здрави. Секако, се печат и се готови за 30 минути од почеток до крај (со ладење).

Домот ќе ви мириса на божиќ

Иако „празничната сезона“ се уште не е почната, мене еуфоријата почнува да ме фаќа уште на почетокот на Ноември. Па денес кога ги направив овие крофни од тиква, целиот дом ми замириса толку убаво што се бочувствував како да е божиќно утро а не обична сабота во ран Ноември…

Тиква сега и засекогаш

Веќе знаете дека тиква сакам многу и додека е во сезона максимално ќе ги искористам сите нејзини бенефити и ќе направам многу рецепти. Доколку ви треба инспирација, како и повеќе информации за позитивното влијание што тиквата ги има за нашето здравје, разгледајте некои од моите останати рецепти со тиква:

Како да ги направите овие крофни со тиква

Имаат вкупно 9 состојки и се прават во еден сад. Се печат (не се пржат) и од почеток до крај ќе ви требаат 30 минути. Целиот рецепт го имате подолу во постов, а видео со начинот на подготовка имате и кај мене на инстаграм во reels.

Декорирајте ги по желба

Мојата декорација беше едноставна, многу малку сируп од урми и кокос. Одлично одат и со путер од лежник, а можете да ги прелиете со црно чоколадо и мрвки (доколку имате мали јадачи што сакаат шарени крофни). Не пробав, но сигурна сум дека можете да ги наполните со џем или чоколадо, доколку имате шриц за полнење. Во секој случај, како и да ги декорирате и послужите, овие крофни со тиква се полн погодок!

крофни со тиква
Доколку си љубител на крофни, тогаш дефинитивно треба да ги пробаш моите крофни со тиква. Печени се, здрави и многу вкусни. Плус, готови за 30 минути. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍩 Крофни со тиква 🍩 Read More »

🥣 Гранола со тиква 🥣

гранола со тиква - Хедер
гранола со тиква

Трендот дека секоја нова гранола што ќе ја направам, инстантно ми станува омилена – продолжува и со оваа гранола со тиква. Можеби е само поради златната есен и поради изобилството на тикви. Или поради прекрасниот мирис на цимет и печени јатки, не знам. Но знам дека оваа гранола со тиква, не само што е многу вкусна, туки е и многу здрава! Како и во претходните гранола објави, така и во оваа ќе нагласам дека (секогаш кога можете), без размислување правете си ја дома. Со гранолата направена дома секогаш имате увид што точно внесувате (и долколку сметате калориски внес) колку вашиот оброк ќе биде богат и балансиран со здрави масти, јаглехидрати и растителни протеини.

Зошто гранола од тиква?

А зошто да не? Зошто да правите една иста гранола, кога секој пат можете да експериментирате со вкусови и ароми и буквално секоја следна нарпавена гранола да ви биде ново кулирнарско искуство (подеднакво и за правење и за јадење)?

Плус, тиквата освен што е супер вкусна, исто е и многу здрава, а со оваа гранола со тиква, ќе можете лесно да „подметнете“ тиква дури и на оние што велат дека не се љубители на тиква (или на пребирливите јадачи, доколку имате такви).

Витамин А - бета каротенот е моќен растителен пигмент којшто и ја дава портокаловата боја на тиквата, и се претвора во витамин А којшто пак е супер важен за нашиот имунолошки систем, кожа и вид.
✨ Витамин Ц - тиквата е преполна со витамин Ц којшто е потребен за производство на колаген, подобрување на имунитетот и многу повеќе.
✨ Калиум - тиквата е одличен извор на овој минерал којшто е важен за функцијата на мускулите и нервите, како и за намалување на крвниот притисок.
✨ Диететски влакна - помагаат за добро варење, одржување на здавјето на дигестивниот систем како и даваат чувство на ситост. Тиквата е преполна со диететски влакна.
✨ Витамин Е - моќен антиоксиданс, витаминот Е е важен за намалување на оштетувањето предизвикано од слободните радикали, како и за здравјето на кожата.

Како да ја јадете оваа гранола?

Буквално КАКО САКАТЕ! За појадок, ужина, десерт па дури и за вечера. Еве неколку предлози како можете а ја искомбинирате:

  • Со растително млеко (без никакви додатоци)
  • Со јогурт (растителен или грчки), јаболко и цимет
  • Со овесна каша, боровници и путер од кикирики
  • Само како ужина – без ништо изгрицкајте ја

Целиот рецепт го имате подолу во овој пост додека видео со начинот на подготовка го имате кај мене на инстаграм во reels.

гранола со тиква
Доколку си љубител на гранола, не можам доволно да нагласам колку треба да си правиш гранола дома. Плус, те советувам да ја пробаш мојата гранола со тиква. Те охрабрувам, бидејќи е топла и есенска, тиквите се во сезона, многу е вкусна и навистина лесно се прави. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥣 Гранола со тиква 🥣 Read More »

🥧 Брауни од тиква 🥧

Ова брауни од тиква нема никакво брашно и има вкус како да е од нутела. Не преувеличувам – но сепак ќе оставам на вас да го пробајте и да кажете! Инаку, доколку го следите мојот инстаграм профил од поодамна, сигурни ќе се сетите на мојот мини-проект здрави браунис од зеленчук овошје и цели зрна (рецептите за сите, наскоро и овде). Почнав со 10 здрави браунис:
сладок компир,
тиквичка,
грашок,
цвекло,
спанаќ,
киноа,
малина,
авокадо,
црвен грав,
урми
За да колекцијата да продолжи со брауни од аквафаба и сега ова, брауни од тиква.

Океј, можеби почнувам по обратен редослед, но подобро е да започнам од некаде отколку од никаде, нели! Плус, сега е сезона на тикви и добро е да ги искористиме колку што може повеќе.

Брауни од тиква

Богат чоколаден вкус

Пред се поради блажината на тиквата и путерот од лешник, ова брауни од тиква има неверојатно кремаст и чоколаден вкус. Буквално како да јадете чоколаден крем, а всушност, јадете целосна и здрава храна. Има само 7 состојки, се прави во еден сад и готово е само за 30 минути, што го прави ова брауни од тиква совршен десерт кога немате време или кога имате остаток сварена тиква. Плус, доколку имате пребирливи јадачи дома – овој рецепт е полн погодок како да им „подметнете“ тиква без воопшто да приметат. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу, а кај мене во reels на инстаграм имате и видео!

Есенската убавица – тиквата

Освен што е многу вкусна (печена, варена, во чорба, во палачинки, во мафини… Тиквата е богата со витамини, минерали и антиоксиданси, што ја прави навистина неверојатно здрава. Уште повеќе, тиквата има релативно малку калории, што ја прави погодна доколку сакате да изгубите или одржите тежина. Хранливите материи и антиоксидансите во тиквата го зајакнуваат имунолошкиот систем, помагаат во заштитата на видот, и можат да го подобрат здравјето на срцето и кожата.

Брауни од тиква
Брауни од тиква

10 причини зошто мора да го пробате ова брауни од тиква

До сега мислам дека ги набројав сите причини, но ајде да сумираме:

  1. Многу е вкусно. МНОГУ
  2. Чоколадно е, меко и кремасто
  3. Нема никакво брашно, значи нема глутен
  4. Се прави многу лесно, во 1 сад
  5. Брзо се подготвува и се пече за 30тина минути
  6. Здраво е и е супер начин да вметнете тиква во исхраната
  7. Има вкус на нутела и тиквата нема шанси да ја осетите
  8. Супер сезонски рецепт, за да ја искористите тиквата кога е во сезона
  9. Доколку му додадете протеин, многу лесно ќе го избалансирате и ќе го направите протеинско брауни од тиква
  10. Богато е со витамини, минерали, диететски влакна и антиоксиданси, нешто со што купечките десерти не можат да се пофалат.

Можам да набројувам уште, но мислам дека е време да скролнете до рецептот и да го направите. Чекам коментари!

Доколку си љубител на брауни, сакаш поздрава варијанта, не сакаш да поминуваш часови во кујна а сакаш длабок чоколаден вкус, тогаш ова брауни од тиква е дефинитивно за тебе. Нема никакво брашно, нема глутен, минимано е засладено а има вкус на нутела. Чоколадно и превкусно!  Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥧 Брауни од тиква 🥧 Read More »

🎃 Палачинки од тиква 🎃

палачинки од тиква - Хедер
Палачинки од тиква

Моите палачинки од тиква се уште еден топол есенски појадок (или ужина) што ќе го исполни домот со неверојатно пријатна миризба. Како и сите останати мои рецепти, така и овие палачинки од тиква се прават многу лесно и брзо и поважно, многу се вкусни и здрави.

Плус доколку имате „picky eater“ дома, ова е супер начин да му подметнете тиква во оброкот. А тиква е еден од поздравите зеленчуци што секој треба да го јаде (во рецептите подолу има детално и зошто)! Чисто за инспирација, овде ви оставам уште неколку рецепти од тиква што може да ви се најдат:

Така, овие палачинки од тиква се супер за секоја сезона, ама особено се погодни во есен и зима, да ве стоплат и срцето и домот.

pumpkin pancakes

A pumpkin a day keeps the goblins away 🤣

Воздушести и меки, со топол но уникатен есенски вкус, овие палачинки од тиква се одличен викенд појадок што дефинитивно мора да го направите. А доколку ви снема тиква, еве иснпирација за друг вкус на палачинки, имам многу 😍

Како да ги направите овие палачинки од тиква?

Брзо и лесно – во 1 сад. Она што е најважно да имате е нелепливо тавче за палачинки. Толку! Сите состојки ги мешате во еден сад, печете и додавате топинзи. Деталниот рецепт го имате подолу, а целата постапка ја имате кај мене во reels на инстаграм.

палачинки од тиква

Инаку, овие палачинки од тиква можете многу лесно да ги направите протеински – се што треба да направите е наместо 1 шоља овесно брашно, да ставите 1/2 шоља брашно и дозерка протеин. Доколку смесата е ретка, додавајте овесно брашно по потреба.

Тиквата сама по себе нема многу протеини, но доколку ги послужите со семки од тиква и срца коноп, уште повеќе ќе ја зголемите протеинска вредност.

Инаку од дозата во рецептов излегуваат 2 порции или вкупно 8 поголемки палачинки (по 4 од лице).

Со што да ги послужите?

Јас ги правев неколку пати и секој пат ги пробував со различен топинг.

Супер одат со јаворов сируп, семе од коноп, пекани (а во тестото додадов ореви) и чачао парчиња. Исто така, одлична комбинација е со путер од бадем и боровница. А ги пробав и со путер од кикирики и мандарина (чудно но многу вкусно есенско комбо).

Инаку, одлични се да ги јадете и без ништо, поради тоа што сами по себе имаат супер вкус. Исто така, можете да ги искомбинирате со протеински јогурт и кокос или буквално со што ви падне на памет.

palachinki od tikva

(‼️) Како и за повеќето палачинки, и за овие е важно да ги печете на нелепливо тавче. 

Доколку си љубител на палачинки и сакаш да пробуваш нови вкусови, тогаш овие палачинки од тиква се must-try! Те охрабрувам да ги направиш, бидејќи се навистина вкусни, лесни и здрави. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🎃 Палачинки од тиква 🎃 Read More »

🧁 Мафини од тиква 🧁

Мафини од тиква - Хедер

Добредојде есен, тиква (pumpkin spice and everything nice) и добредојде на овие мафини од тиква.

Не сум сигурна зошто, но колку и да го сакаме летото сите некако потајно чекаме да дојде есен, да ни шушкаат суви листови под нозе, да уживаме во златно-жолтите и кафени бои и… да вклучиме рерна и да почнеме да правиме се од тиква.

Иако е веќе втора половина на Октомври и можеби доцнам со рецептите од тиква, сепак, мислам дека е ред да почнеме… Први на ред се овие мафини од тиква. Имаат 9 состојки, се прават во еден сад за 5 минути (ако не го сметаме печењето на тиквата) и се печат за 20 минути. Одлични се за појадок, ужина и дури и лесна вечера. Може да ги искомбинирате со свежо или замрзнато овошје, путер од јатки или семки или јогурт по вкус.

Зошто е добро да јадеме тиква?

Бета каротен: како и повеќето портокалови роднини (морковот и слаткиот компир), тиквите се богати со бета каротен. Во телото овој антиоксиданс се менува во витамин А – витамин инаку потребен за подобрување на видот, за заштита од бактерии како и за вашиот репродуктивен систем да работи како што треба.

Мафини од тиква

Исто така, им помага на срцето, белите дробови, бубрезите и на многу други органи да останат здрави. Само една шоља тиква може да обезбеди 200% од препорачаниот дневен внес на витамин А – а со тоа, очите ќе ви бидат благодарни, бидејќи Витаминот А помага за нивното здравје и да гледате појасно, особено во услови на слаба осветленост.

Подобрување на имунитетот: освен бета каротен, тиквата содржи и витамин Ц, витамин Е, железо и фолат – се што ќе помогне да го зајакнете вашиот имунолошки систем. Консумирањето повеќе тиква во вашата дневна исхрана може да им помогне на вашите имунолошки клетки да работат подобро за да ги заштитат бактериите и да го забрзаат заздравувањето на раните (доколку имате).

Намалување на холестеролот и крвниот притосок: тиквата е исто така преполна со калиум. Калиумот игра клучна улога за намалување на крвниот притисок. Исто така, тиквата (и семките од тиква) се преполни со минерали што го зголемуваат нивото на HDL холестеролот („добриот“ вид) и помагаат да се намали нивото на крвниот притисок.

Моите мафини од тиква

Овен што е здрава и што носи топло чувство на удобност на есента, тиквата е и МНОГУ вкусна. Плус, можете да ја консумирате на 101 начин. Испечете ја и јадете ја како десерт, направете чорба, направете лепче/колаче, бомбици или пак овие мафини! Која комбинација и да ја одберете, нема да погрешите, напротив, телото ќе ви биде благодарно!

mafini od tikva
Мафини од тиква

Најдобро од се е што мафиниве се минимално природно засладени со сируп од урми, но засладувачот можете комплетно да го изоставите или пак да го замените со кокосов шеќер или засладувач по ваша желба. Јас користев овесно брашно, но можете да употребите спелт, хељда, па дури и бело. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу и во reels кај мене на инстаграм.

Доколку се уште ги немаш направено овие мафини од тиква, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи се превкусни и се прават многу лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧁 Мафини од тиква 🧁 Read More »

🎃 Протеински бомбици од тиква и кокос 🎃

бомбици тиква и кокос - Хедер
бомбици од тиква и кокос

Овие протеински бомбици од тиква и кокос се МНОГУ вкусни, здрави и се прават многу брзо и лесно! Впрочем, сите мои бомбици се прават брзо и лесно – мислам дека тоа им е и поентата. Плус, треба и да се поздрава опција за десерт или ужина! Епа, буквално нема причина да не ги направите овие бомбици!

Зошто баш „бомбици“

Името генерално многу ми е смешно, но од друга страна, другата опција е да ги виам топчиња – што исто така не е лошо, ама некако сме навикнати на бомбици, нели?

Инаку, сами по себе бомбициве се победа! Доколку не користите протеин, ќе им се намали протеинската вредност, а протеинот можете да го замените со кокосово брашно или со мелен кокос.

Бомбици од тиква и кокос или вкусот на есента 🍂

Есен или периодот кога се прави сè од тиква. Па такви се и овие бомбици од тиква и кокос! Инаку комбинацијата е баш супер, некако слатка и егзотична (особено доколку сте љубител на кокос како мене).

Зошто треба да јадеме тиква

Тиквата е многу е хранлива и богата со со витамини и минерали – особено со витамин А и калиум. Д0полнително на ова е дека е нискокалорична – има само 26 калории на 100 грама.

Содржи антиоксиданси како што се алфа-каротен, бета-каротен, бета-криптоксантин и многу други, кои може да ги заштитат вашите клетки од оштетување од слободните радикали. Бета-каротенот е каротеноид кој вашето тело го претвора во витамин А. Всушност, ова е нашиот природен крем за сончање, односно ја штити кожата од надворешните влијанија (но кремите за сончање се и понатаму задолжителни за употреба). Тиквата исто така содржи и витамини Ц и Е, како и лутеин и зеаксантин, кои можат да помогнат да ја одржите вашата кожа силна и здрава.

бомбици од тиква и кокос

Поради сите хранливи материи што ги содржи, наспроти ниското количество на калории, тиквата може да ви биде добар пријател, доколку сакате да изгубите тежина.

Доколку сакаш брзи и едноставни бомбици, а се уште ги немаш направено моите протеински бомбици од тиква и кокос, еве прилика да ги направиш. Те охрабрувам, бидејќи се топат во уста! А, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🎃 Протеински бомбици од тиква и кокос 🎃 Read More »