Marija Marija Marija

ручек

🧆 Протеински Палента Топчиња 🧆

протеински палента топчиња - Хедер
протеински палента топчиња

Искрено, овие протеински палента топчиња не беа рецепт што го планирав. Од малку познати факти за мене, издвојувам дека ич не сум љубител на палента!

Ама, Каи многу сака палента и секој пат пробувам нови варинајти и комбинации со палента. Па така настанаа и овие протеински палента топчиња. Во еден од оние денови кога фрижидерот не е сосем празен… ама не те инспирира. Освен палента, имав и неколку состојки што секогаш ги чувам „за секој случај“ и желба да направам нешто брзо, хранливо и различно од вообичаеното.

И како за некој што не сака палента, решив дека сепак ќе направам нешто едноставно а вкусно. Нешто крцкаво однадвор, меко одвнатре. Нешто што ќе ме држи сита подолго.

И така настанаа овие предобри протеински палента топчиња! На Каи вообичаено палентата му ја правам со котиџ или грки јогурт, ама оваа протеинска верзија денес е со крскаво тофу! Пре-до-бри!

Ако се искомбинираат со свежа салата (и уште малце тофу) се супер ручек. Јас ги јадев за појадок, со протеински хумус и свежа краставичка, ама може и да бидат супер ужинка. Баш се лапни-голтни. Лесно се прават и стојат во фрижидер (иако кај нас не издржаа). Едно топче има 41 калорија и 2.2 грама растителен протеин! А целиот рецепт и начинот на подготовка го има подолу во овој пост и кај мене на инстаграм во reels.

протеински палента топчиња

Зошто овие протеински палента топчиња?

Затоа што некој што не јаде палента ви кажува дека се многу вкусни! Навистина се. Но и затоа што

  • се прават од едноставни состојки
  • можеш да ги адаптираш според вкус
  • одлични се и за возрасни и за деца
  • совршени се кога сакаш нешто „comfort“, ама сепак хранливо

А кога велам можеш да ги адаптираш според вкус, мислам на тоа дека можеш да сакаш какви било додатоци, или друг извор на протеин и пак да добиеш вкусен оброк. Иако, јас дефинитивно препорачувам да ја пробаш прво оваа комбинација!

Така што, доколку сакаш брз и едноставен рецепт, што не одзема премногу време, богат е со растителен протеин и диететски влакна, вусен е и различен, тогаш дефинитивно направи ги!

Можеби најубавиот дел од овој рецепт не е само вкусот, туку чувството дека со малку состојки можеш да направиш нешто што навистина ќе ти го разубави денот. Нешто едноставно, а толку задоволувачко. Ако ги пробаш, ќе ми биде баш драго да ми пишеш како ти испаднале. Или уште подобро, во која твоја верзија ќе ги претвориш…

протеински палента топчиња
Доколку сакаш палента, направи ги овие протеински палента топчиња. Доколку не сакаш палента, тогаш дефинитивно направи ги овие палента топчиња - ќе те предомислам (мене ме предомислија!) И секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧆 Протеински Палента Топчиња 🧆 Read More »

🍠 Полнети Палачинки од Компир 🍠

Овие полнети палачинки од компир љубов на прво залче! Плус, се супер идеја за релативно брз ручек. Јас ги правев со мешавина од обичен и сладок компир, но можете да ги направите и само со обичен. Плус, можете да ги полните со што сакате и тоа ги прави одлични! Со што и да ги наполните, ќе бидат подеднакво вкусни. Јас овој пат ги полнев со: млад кромид, морков, брокула, печурки и тофу. И за многу кратко време добив многу вкусен и здрав оброк што може да се искомбинира со салата и хумус, или пак како прилог со друго јадење.

Крцкави се од надвор а меки и сочни од внатре. Може да им ставите и вегански (или обичен) кашкавал и внатрешноста ќе биде уште помека и растеглива. И покрај тоа што велам дека овие полнети палачинки од компир се идеја за ручек, сепак, се супер опција и за појадок, но и за вечера. Слободно наполнете ги и само со тофу, и ќе добиете супер протеински полнети палачинки од компир. Протеини засекогаш!

полнети палачинки од компир
полнети палачинки од компир

Како да ги направите овие полнети палачинки од компир?

  1. Сварете го и испасирајте го компирот
  2. Згответе го зеленчукот или соодветно подгответе го полнењето што ќе го изберете
  3. Формирајте палачинки, ставете од смесата, поклопете

Подолу го имате целосниот рецепт и начинот на подготовка а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Зошто да ги пробате овие полнети палачинки од компир?

Од повеќе причини (главните секако се дека се вкусни, дека се прават брзо и дека се многу вкусни):

  • Имаат супер количество на растителни влакна, антиоксиданси, растителни протеини, витамини и минерали
  • Имаат релативно малку калории но голема нутритивна густина, што ги прави супер за слабеење.
  • Немаат глутен, лесни се за варење, не ја оптоваруваат работата на црниот дроб и се идеални за балансирани оброци во здрава исхрана.
  • Благодарение на комбинацијата на калиум, магнезиум, фосфор и витамин B6, компирот помага во одржување на здрави мускули, коскено ткиво и правилна работа на нервниот систем.
  • Кога варениот компир ќе се олади, дел од неговиот скроб се трансформира во резистентен скроб – тип на јаглехидрат кој не се вари целосно и служи како храна за добрите бактерии во цревата.

Ова придонесува за подобра дигестија и порамномерно ниво на шеќер во крвта.

полнети палачинки од компир
Еве уште една идеја за ручек, брз, лесен и многу вкусен! Полнети палачинки од компир. Се прават многу едноставно и може да се полнат со што ти душа сака, па со тоа секој пат ќе имаш различен рецепт! Те охрабрувам да ги пробаш и секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍠 Полнети Палачинки од Компир 🍠 Read More »

🫔 Пити со Оризова хартија 🫔

пити со оризова хартија - Хедер

Има јадења кои не само што го хранат стомакот, туку некако успеваат да ја нахранат и душата. Моите пити со оризова хартија полнети со тофу и спанаќ се токму такв: лесни, кревки, но полни со вкус!

Сè почна од желбата да направам некоја безглутенска пита, но во исто време, нешто што ќе биде полесно, и што ќе може да се јаде и топло и ладно, без да тежи, а сепак да биде полно со вкус и текстура.

Оризовата хартија е како платно на кое можеш да насликаш што сакаш. А такво е и тофуто – навидум без вкус, а прима секаков вкус што е му се даде. Е сега прашањето,

Зошто повторно полнење со спанаќ и тофу

Да, веќе имам една пита со спанаќ и тофу, но оваа верзија ја направив поинаква, подноставна и со многу подлабок вкус. Се фокусирав на зачините и аромите за тофуто и не додавав други додатоци.

пита со оризова хартија

Така што, ако бараш идеја за вкусен и малку поразличен оброк или мезе, овие пити со оризова хартија се одличен избор. Полни се со хранливи состојки, лесни за подготовка и изгледаат убаво на маса (идеални и за секојдневен ручек, но и кога имаш гости). Инаку, од целата доза во овој рецепт излегуваат 4 големи пити, со вкупно 664 калории и 30 грама протеин. Ова ги прави овие пити со оризова хартија помалку калорични од четврт бурек и со повеќе протеини! Плус, количината е голема, може и да не ја изедете цела порција 🙂 И да, многу подобра опција од бурек!

Зошто токму оризова хартија?

Оризовата хартија е одлична алтернатива за класичното тесто или кори. Без глутен е, брзо се работи со неа и добива убава, лесно крцкава текстура кога се пече. Плус, не тежи во стомакот како некои класични пити. А периодов правам многу рецепти со оризова хартија: солени пролетни ролнички, слатки ролнички со јаболка… И мислам дека низата само ќе ја дополнувам! И да не дожам премногу, целиот рецепт и начинот на подготовка е објаснет подолу а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку ти се јаде пита или бурек, ама внимаваш на калорискиот внес и сакаш да се храниш малку поздраво (и без глутен) тогаш овие пити со оризова хартија се полн погодок! Полнети се со тофу и спанаќ, богати со протеини, виамини, минерали и диететски влакна и готови за 20 минути! Мислам дека повеќе причини и нема потреба да набројувам. А, да! Превкусни се! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija  или остави ми коментар под овој пост.

🫔 Пити со Оризова хартија 🫔 Read More »

🌶️ Протеинска пита со многу зеленчук 🌶️

протеинска пита - Хедер

Оваа протеинска пита со многу зеленчук, ја направив сосем случајно, ама излезе толку вкусна што стана дел од нашето редовно мени. Супер е за појадок, ручек па дури и вечера. Богата е со растителни протеини, диететски влакна, витамини и минерали. Со еден збор, има се што ви треба за богат и нутритивен оброк.

Јас ја правев со 11 состојки, плус зачини, ама во основа имате 5, и се останато е зеленчук и можете да употребите буквално што ви душа сака. Инаку, оваа протеинска пита е протеинска, затоа што во основата има леќа и тофу, па оттаму и високата протеинска вреност (има 37гр. протеин од порција) и 600 калории.

Брз, здрав и избалансиран ручек

Комбинацијата на леќа, тофу и зеленчук (и печурки како во мојот случај) создава балансиран оброк кој е богат со протеини и влакна, а истовремено многу лесен за подготовка. Плус, супер е тоа што можете да си ја направите од претходната вечер и да имате готов балансиран оброк за следниот ден. Оваа протеинска пита е хранлив, заситувачки и превкусен оброк! Само е важно една работа да не заборавите – да накиснете леќа!

Како да ја направите оваа протеинска пита со многу зеленчук

Еден супер факт за оваа протеинска пита е што се прави во процесор за храна и потребен ви е само тој сад. Буквално ги ставате состојките во него, блендате и мешате и тоа е тоа. Јас зеленчукот малку го зготвев, што е сосем опционално и зависи од зеленчукот што ќе го употребите. Тиквичката и морковот апсолутно можете да ги ставите и свежи и да ви излезе уште побрза. А можете да додадете и свежи или сушени чери (исто врв).

Протеинска пита

Леќата е супер-храна што често е потценета. Таа е богата со растителни протеини, железо, магнезиум и растителни влакна, што ја прави одлична за одржување на енергијата и за поддршка на дигестивниот систем. Тофуто е исто така одличен извор на растителни протеини, па комбинацијата на овие две состојки, заедно со свеж и сезонски зеленчук, создава оброк кој е подеднакво вкусен и заситувачки.

Неколку совети плус:
– На дното на тавчето за печење ставам малку маслиново и палента, за да не се залепи и за да биде крцкава (доколку тавите ви се лепат, задолжително ставете хартија за печење).
– Користам многу зачини, за уште побогат вкус.
– Од горе наросувам многу сусам.
– Корнфлексот го кршам со рака и го додавам внатре пред печење, за да крцка повеќе.
– Ја јадам со свежа салата за уште повеќе зеленчук и дополнителна свежина.
– Доколку сте љубител на лут сос, препорачувам!

И не само што е вкусна и лесно се вари, оваа протеинска пита е полна со антиоксиданси, витамини и минерали. Без глутен, без млечни производи и без рафинирани масти!

И на кратко тоа е тоа. Оваа протеинска пита со многу зеленчук е навистина превкусна и супер здрава! Можете да си ја комбинирате со зеленчукот што го имате дома и секој пат ќе биде различна, но подеднакво вкусна. Целиот рецепт и начинот на подготовка е објаснет подолу а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку ти се јаде пита, дефинитивно направи ја оваа пита со спанаќ и тофу. Многу потсеќа на грчката спанакопита, па можеби и да е повкусна. Не е мрсна (внимаваме на маслото, нели) а богата е со протеини, витамини, минерали и антиоксиданси. Секако, доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija  или остави ми коментар под овој пост.

🌶️ Протеинска пита со многу зеленчук 🌶️ Read More »

🥘 Грчка мусака (без месо) 🥘

грчка мусака - Хедер
грчка мусака

Еве, конечно стигнав да го напишам рецептот за мојата верзија на грчка мусака (без месо). Иако со две модификации, сепак е навистина превкусна и одличен оброк за целото семејство! Кои се модификациите? Прво, класичната грчка мусака се прави со рагу од мелено месо – што во мојот случај беше заменето со црвен грав, тофу, печурки и мелени ореви. Второ, класичната грчка мусака се прави со дебел слој бешамел сос, којшто јас го заменив со пире од компири за уште побогат (и поздрав) вкус!

И, иако веќе имам објавено рецепт за една мусака, оваа е поинаква и дефинитивно многу вкусна!

Бидете креативни со полнењето

Основата ми е секогаш иста – дебел слој од модри патлиџани. Но филот, односно рагуто може да ви биде различно:

  • Печурки и доматен сос,
  • Печурки и мелени ореви,
  • Печурки, мелени ореви и црвен грав,
  • Соја парчиња и печурки,
  • Леќа и доматен сос,
  • Тофу и доматен сос…

Буквално можете да ги пробате сите варијанти додека да ја најдете онаа што најмногу ви се допаѓа! Јас до сега ја правев 4 пати и секој пат е различна. Еднаш ја правев со печурки и леќа, еднаш само со печурки, еднаш со печурки и грав и еднаш со печурки и тофу. Овој рецепт е со печурки и тофу, но слободно ставете што ви душа сака…

грчка мусака

Зошто не бешамел?

Јас генерално се трудам да избегнувам бешамел сос – не само поради тоа што не може да се направи растителен бешамел, може. Но пред се поради поголемото количество на калории што бешамелот ги состои.

Варениот компир, од друга страна, иако од секогаш го бие лош глас (дека јаглехидрат), е всушност многу нискокалоричен. Во 100 гр. варен компир има 87 калории и 77% вода! Ве најадува но не ве гои, наспроти популарното мислење дека компирите дебелеат. Дебелеат да, ако се дупло пржени, со неколку преливи, кечап и мајонез, стопен кашкавал и слично.

Во овој случај, варениот компир ми е супер опција, помалку масти а подеднакво вкусен!

Овој рецепт е за 4 порции, и една порција со само 403 калории (а најадува супер!)

Како да ја направите оваа грчка мусака (без месо)

Подготовката е лесна, но ќе ви биде потребно малку време, поради грилувањето на модриот патлиџан и варењето на компирот. Она што треба да го направите е тенко да го исечете модриот патлиџан на кришки, да го запечете на грил тава додека да омекне и да го наредите за да си го направите првиот слој. Потоа си го правите филот, го редите врз модрите патлиџани и на крај го ставате пирето од компири. Печете и тоа е тоа. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате најдолу во овој пост, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Еве уште еден рецепт за сите фанови на мусака! Овој пат во грчки стил, само малку поздрава варијанта и секако - без месо. Многу е вкусна (одобрена од бебе) и многу лесно може да се модификува - па затоа и те охрабрувам да ја направиш. Секако, доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥘 Грчка мусака (без месо) 🥘 Read More »

🍝 Паста со Протеински сос, сушени чери и печурки 🍝

pasta so proteinski sos, susheni cheri i pechurki

Многу се двоумев околу името на овој рецепт, бидејќи паста со протеински сос, сушени чери и печурки ми се чинеше предолго. Но, сфатив дека се е небитно кога пред вас стои оваа паста, накремаста и највкусна на свет! Иако знам дека рецептите со тофу не ми поминуваат најдобро (дали од предрасуди или од ограничена понуда на тофу), ве уверувам дека овој МОРАТЕ да го пробате. Свилено тофу има во Азиската продавница во Скопје, или пак купете си ако одите во Солун – верувајте ми, нема да зажалите. Плус, една порција содржи 36 грама растителен протеин, што за паста без месо е супер, нели!

Како Алфредо, само подобар

Нескромно, овој протеински сос е многу вкусен и потсеќа на добро познатиот алфредо сос, само што е поздрава и подобра варијанта, има повеќе протеин а е подрднакво кремаст. Се двоумев дали да го правам само со сушени чери или само со печурки, но на крај ри реков what the hell ќе го правам со двете! И не знгрешив! Се прави со само неколку состојки, брзо и лесно.

паста со протеински сос, сушени чери и печурки
паста со протеински сос, сушени чери и печурки

За сите состојки и начинот на подготовка, скролнете подолу во постов, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео. Ќе ми значи доколку го лајкнете или споделите. А уште повеќе ќе ми значи доколку го пробате!

Како да ја направите оваа паста со протеински сос?

Подолу имате слика од амбалажата на свиленото тофу, за да си направите скриншот и да го купите – прави многу разлика. Можете да го правите и со обично тофу, но ќе ви треба повеќе вода и многу повеќе блендање за да ја добиете оваа silky-smooth текстура. Но, да се вратам на сосот – има само 4 состојки: тофу, вода, нутритивен квасец и мисо (што е опционално, но препорачливо) додека останатите состојки се: сушени чери, малку од нивното масло, младо кромитче, лук и печурки. И секако, паста по избор.

Иако за секоја паста што ќе ја направам викам дека е најдобра што сум ја направила, оваа паста со протеински сос, сушени чери и печурки мислам дека е дефинитивно најдобрата (или барем до следната 🤣)

Во однос на пастата, моја препорака е доколку најдете секогаш да употребите интегрална или паста од цели зрна.

Don’t be upsetti, eat some Spaghetti!

Се одјавувам со паста шали и секако, ве чекам да ги пробате и да ми кажете дали ви де допаднале

паста со протеински сос, сушени чери и печурки
Доколку си љубител на паста и сакаш да пробаш нов, кремаст и многу вкусен сос, во исто време богат со протеини, тогаш дефинитивно треба да ја пробаш оваа паста со протеински сос, сушени чери и печурки. Многу е кремаста, вкусна, и богата со протеини. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍝 Паста со Протеински сос, сушени чери и печурки 🍝 Read More »

🥪 Крцкав киноа тофу сендвич со намаз од сончоглед 🥪

Киноа Тофу сендвич - Хедер
Крцкав киноа тофу сендвич

Оваа објава има многу долго име но содржи три рецепти: крцкав киноа тофу сендвич и намаз од сончоглед, односно: крцкаво киноа тофу + сендвич + намаз од сончоглед. И сега мислам дека се оправдав, нели? Инаку, сендвичов излезе многу спонтано. Првично, замислата ми беше да го направам тофуто посебно, а намазот да ми биде посебна објава. Но, решив дека можам да ги искомбинирам, и на едно место да имате повеќе рецепти. Секако, можете се да си направите посебно.

Инаку, овој крцкав киноа тофу сендвич излезе превкусно и мене ми беше врвен ручек, богат со растителни протеини.

Се прави многу лесно. Јас го печев во air-fryer (без воопшто масло) но можете и да го испржите (јас избегнувам пржење максимално) .

А доколку не сакате да го јадете како сендвич, можете да го послужите со салата и многу свеж или печен зеленчук.

Како да го направите ова Киноа тофу?

За сендвичот нема што многу да објаснувам, а крцкавото киноа тофу исто така се прави брзо и лесна! Потребни ви се 3 сада во кои ќе го извалката тофуто. Еден со брашно, еден со млеко и еден со киноа (претходно сварена). Инаку, јас во фрижидер секакош имам сварена киноа. Пред се, затоа што ми е супер за meal-prep а и за рецепти како овој или како вафлите со киноа и јагоди.

За миксот од брашно можете да употребите што сакате (или што имате дома). Јас употребив брашно од наут и нутритивен квасец (за повеќе протеини).

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Крцкав киноа тофу сендвич
намаз од сончоглед

Како да го направите намазот од сончоглед?

Исто така, многу лесно. Прво треба да го накиснете сончогледот во зовриена вода, минимум 2 часа. Потоа процедувате, ги додавате состојките и блендате. И тоа е тоа. Можете да го јадете како додаток во сендвичи и тортиљи, како дресинг во салати (со малку повеќе лимон) или како прилог во други јадења, бидејќи е супер извор на здрави масти (и е многу вкусен). Мене лично овој намаз ми е замена за мајонез.

И така, сосем за крај на овој пост стигнавме и до сендвичот. Јас користев купечко лепче, но ако знаете да си направите дома, тоа ви е плус! На лепчето мачкате од намазот од сончоглед, па го ставате тофуто, па микс зелена салата, домат, краставица и вегански кашкавал (ова е опционално). И тоа е тоа. Брз, избалансиран и многу вкусен ручек со 53 грама протеин и 700 калории.

Доколку сакате сендвич, но малку поздрава варијанта, направете си го овој крцкав киноа сендвич со намаз од сончоглед. Содржи 53 грама растителен протеин и намирници што ги имате дома и што не се процесирани. Многу е вкусен и дефинитивно поздрава варијанта од кој било купечки. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥪 Крцкав киноа тофу сендвич со намаз од сончоглед 🥪 Read More »

🍔 Бургер од Леќа 🍔

бургери од леќа - Хедер

Овој бургер од леќа е уште еден во низата бургери што често ги правам (а заборавам да ги објавам на сајт). Па еве, конечно да си ја поправам грешката!

Кога станува збор за плескавици, секогаш ја избирам опцијата да ги правам дома. Тогаш точно знам какви состојки имаат, си ги зачинувам по вкус (а кога е вкус во прашање, не правам компромиси). Плус, имитациите на месо, не му одговараат на мојот стомак, па ги избегнувам.

Малку наука

Леќата, иако содржи супер количина на растителен протеин, сепак сама по себе не е комплетен протеин, бидејќи не ги содржи сите есенцијални амино-киселини. Поради тоа, леќата (и останатите мешунки) е добро да се комбинираат со зрна, како на пример ориз, овес, пченица, ‘рж или пченка. Зрната во овој случај се комплементарни протеини за мешунките. Тие содржат цистеин и метионин што ѝ недостигаат на леќата, а леќата пак обезбедува лизин што зрната не го содржат доволно.

бургер од леќа
бургер од леќа

Како да го направите овој бургер од леќа

Како и повеќето мои оброци и рецепти, така и овој бругер од леќа, се прави прилично лесно. Се што ви треба е процесор за храна и неколку едноставни состојки (најголем акцент овде е на зачините). Исто така, потребно е да ја накиснете леќата минимум 3 часа претходно.

И иако постов се вика бургер од леќа, овие плескавици можете да ги јадете и само со салата или со прилог ориз, компир или буквално што ви душа сака.

Богати се протеини, многу се вкусни и здрави и дефинитивно заслужуваат да се најдат на вашето неделно мени. Потребните состојки и целиот начин на подготовка го имате подолу, а имате и кратко видео кај мене во reels на инстаграм.


Инаку, ова е уште еден рецепт кадешто мојата домашна павлака се вклопи одлично! Јас ја смешав со малку лут сос и зачини и добив мноооогу вкусен сос! Во однос на лепчето, мојата препорака секогаш е лепче од цели здрна, но за жал јас искористив какво имав дома…

Од овој рецепт излегуваат 4 големи бургери и 4 мали (за деца) или пак 6 големи бургери или 3 порции. Бонус: baby-approved се!

1 порција, односно 2 плескавици содржат скоро 19 грама растителен протеин, и ако додадете уште некој извор, како на пример тофу, ќе добиете супер протеински ручек.

бургер од леќа
Доколку си љубител на бургери но немаш проблем да пробуваш нови вкусови, тогаш ти го препорачувам овој бургер од леќа. Вкусен е и многу здрав, богат со протеини и растителни влакна и е супер лесна опција за ручек за целото семејство! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍔 Бургер од Леќа 🍔 Read More »

🌯 Тофу Гиро 🌯

тофу гиро - Хедер
тофу гиро

Тофу гиро, затоа што ние што не јадеме месо, нема причина зошто да треба да патиме, нели? Ако сум комплетно искрена, од гиро памтам само како мириса (бидејќи често одам во Грција, ама вкусот вооптшо не памтам каков е). Но, без разлика, ова мое тофу гиро излезе превкусно, прекрцкаво, преароматично и пребогато со растителни протеини. Овој рецепт содржи дури 40гр. протеин.

Јас го направив во готови пити, со микс зелена слата, домати маринирани со балзамико и зачини и цацики од мојата веганска павлака. Вие можете да си додадете и компирчиња во air-fryer со многу малку масло и многу зачини (крцкање насекаде).

И освен што ова тофу гиро е крцкаво и сочно, многу вкусно и веднаш ќе ве транспортира на море, и е супер опција за вашиот следен ручек.

Како да го направите ова Тофу Гиро?

Постапката е навистина брза и лесна! Мене ми требаа: 15 минути за маринирање и печење на тофуто, 5 минути за одмрзнување и затоплување на питата, 30 минути за киснење на индиските и правење на цацикито и неколку секунди да склопување на гирото. А толку ми беше вкусно, што јадењето беше буквално 2 минути 😂

Значи вкупно 50 минути, од кои 30 се за киснење на индиските ореви. Доколку си ги накиснете од претходно, ќе имате готов оброк за 20тина минути. Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

тофу гиро
тофу гиро

Зошто да го направите ова Тофу Гиро?

Затоа што може да направите пауза од месо, а сепак да добиете подеднакво вкусен оброк. Исто така, затоа што е брз оброк а сепак е направен дома, од целосни состојки. Затоа што нема мајонези, многу сол и шеќер од купечки сосови. Но и затоа што нема премногу маснотии. И секако, затоа што е вкусно!!

И како некој што постојано експериментира со вкусови и опции на тофу, морам да признаам дека сум ПРЕЗАДОВОЛНА и прегорда како ми испадна ова. Дефинитивно често ќе си го правам, но од друга страна, нема да престанам со испробување на нови опции и вкусови.

Доколку сакате гиро а во исто време ви треба и пауза од месо - повелете рецепт! Моето Тофу Гиро е совршениот избор за вас. Направен од целосни состојки (можете да си ги направите сами и питите ако преферирате) крцкаво и сочно, освежително и вкусно и полно со протеини - буквално нема причина да не го пробате! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🌯 Тофу Гиро 🌯 Read More »

🥩 Бечко Тофу (Тофу Шницли) 🥩

Тофу шницли - Хедер

Ова крцкаво бечко тофу (тофу шницли) се всушност рекреација на добро познатата „Бечка“ шницла, само во растителна варијанта. И освен што е многу крцкаво и вкусно, исто така е богато со растителни протеини. Овој рецепт содржи дури 34гр. протеин.

Можете да го послужите само со салата или пак како додаток со ориз, компири, кари или некое друго омилено јадење.

Јас го правам во air-fryer со многу малку масло, но доколку сакате можете да го испржите во тавче. Многу е крцкаво и сочно, како и да решите да го подготвите. Плус, маринадата му дава навистина супер шмек. Јас користев мисо паста и лут сос, но тоа е сосем опционално, можете да ги изоставите или да употребите барбикју сос (или нешто по ваша желба).

Зошто ќе ви се допадне ова Бечко Tофу (Тофу Шницли)?

Затоа што пред сè, е МНОГУ крцкаво и МНОГУ вкусно но и поради тоа што се прави лесно и брзо. Плус, богато е со протеини (а тоа е big deal во денешно време). Исто така, затоа што можете да го комбинирате со повеќе оброци (или да го јадете самостојно). Но, и поради тоа што е супер за meal-prep.

Јас го правев со вкупно 14 состојки (од кои 2 се секако опционални а во овие 14 ги вклучив и зачините) и иако звучат многу, ве уверувам дека навистина не се. Постапката е прилично едноставна и брза.

Сигурна сум дека можам да набројам уште причини зошто ќе ви се допадне моето бечко тофу (тофу шницли) (мислам најмногу поради името 😆) но оставам на вас да го направите и пробате.

Крцкаво и многу блиску до вкусот што го знаете

А тајната е (верувале или не) да го замрзнете тофуто. Науката зад замрзнатото тофу е многу интересна! Маринирано свежо тофу влијае само на надворешниот вкус на тофуто, но, ја остава средината бесвкусна (какво што е и тофуто по природа). После многу обиди и тестирања, најдобриот начин маринада навистина да му додаде вкус и „месна“ текстура – е прво да го замрзнете.

Значи, го вадиме од пакувањето, го цедиме, го ставаме во сад, го замрзнуваме (целосно), целосно го одмрзнуваме, го цедиме од вишокот вода и го притискаме со хартија (или крпа) за целосно да излезе водата. Е дури потоа го маринираме!

Доколку сакате поздраво благо за празниците, тогаш ви препорачувам да го пробате моето брауни со јапонски јаболки. Сега им е сезона и ова е супер начин да ги искористите. многу е вкусно, не е многу благо и се прави навистина лесно. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥩 Бечко Тофу (Тофу Шницли) 🥩 Read More »

🥠 Пита триаголници со зеленчук и тофу 🥠

Пита триаголници - Хедер
Пита триаголници со зеленчук и тофу

Овие пита триаголници со зеленчук и тофу, се совршена замена за купечка пита или банички. А една од моите „toxic traits“ е дека многу сакам тесто. Пити, банички, кифлички… Толку многу ги сакам, што за мое добро се трудам нивното консумирање да го сведам на минимум. Но, од време на време си правам поздрави варијанти, како на пример мојата пита со спанаќ и тофу, мојата протеинска проја, или пак некое од лепчињата со леќа, ленено семе, микс семиња или сладок компир.

Така сум сигурна дека си ја задоволувам потребата, а притоа не јадам празни калории без никаква нутритивна вредност. Туку напротив, внесувам многу диететски влакна, протеини и витамини и минерали.

Така настанаа и овие пита триаголници со зеленчук и тофу. Имав кори од хељда и првично сакав да ја правам питата со спанаќ, но решив дека од едно пакетче кори, ќе излезат 2 рецепти (вториот наскоро).

Како да си ги направите овие пита триаголници со зеленчук и тофу

Како и секогаш, кај мене на инстаграм во reels имате кратко видео од подготовката. А целиот рецепт е објавен подолу во овој пост. Но, на кратко, овие пита триаголници со зеленчук и тофу се прават навистина лесно. Супер е тоа што можете да користите буквално каков зеленчук имате дома, па секој пат ќе имате различен вкус. За мене тофуто е задолжително, заради извор на протеин, а секогаш додавам плус уште некој извор на расителен протеин за уште подобар баланс.

Конкретно филот во овој рецепт го правев со грашок и леќа, плус морков, кромид, целер, спанаќ, брокула, карфиол и тофу. Навистина превкусно и презаситувачко полнење. Јас ги јадев за ручек, но можете да си ги направите од вечерта претходно и да ги јадете за појадок.

Пита триаголници со зеленчук и тофу
Пита триаголници со зеленчук и тофу

Полнење по ваш вкус, ем супервкусно ем суперздраво!

Велам по ваш вкус, затоа што она што може да се најде во пекарите е веќе познати. Месо, сирење, спанаќ и евентуално праз или зелка. Но вакво зеленчуково полнење нема да најдете во нитуедна пекара. Експлозија од вкусови и симбиоза на здрави состојки се она што треба да ве мотивира да си ги направите. И секако, разноликоста и прилагодливоста. Еднаш наполнете ги со печурки, спанаќ и тофу. Следен пат наполнете ги со хељда, печурки и тофу… Или пак со киноа, брокула, моркови и леќа… Впрочем, со што ви душа сака.

Само имајте го на ум следново – колку повеќе зеленчук, толку позаситувачки и хранливи ќе ги направите. А тоа го сакаме. Вкусен и нуртитивно богат оброк што ќе ги задоволи потребните на микро и макро ниво.

Доколку и ти како мене си љубител на „all things тесто“ тогаш ти препорачувам да си ги направиш овие пита триаголници со зеленчук и тофу. Јас употребив многу зеленчук, но ти можеш многу лесно да ги модификуваш со зеленчукот што го имаш дома. Направи си ги, затоа што се многу вкусни и дефинитивно поздрави од коебило печиво што ќе го купиш надвор. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥠 Пита триаголници со зеленчук и тофу 🥠 Read More »

🍲 Мусака со компири 🍲

мусака од компир - Хедер

Многу сакам мусака! Најмногу ја сакам со модар патлиџан, но и оваа со компири ми е високо на врвот. Вообичаено мусака правам со мојата смеса од леќа, печурки и ореви, но овој пат имав од веганското мелено, па решив да го искористам. И морам да признаам дека излезе превкусна! 13 состојки + зачини и отприлика час и половина за превкусен оброк. Знам, мусака не е од најбрзите оброци, но е дефинитивно многу вкусен и „cosy & comforting“ оброк.

Мене лично мусака секогаш ќе ме потсеќа на баба ми (правеше ненадминлива мусака со модри патлиџани) ама потајно се надевам дека така ќе викаат и за мојата мусака.

Мојата верзија е богата со зеленчук (секогаш може повеќе) и многу, ама многу убав вкус!

мусака со компири

Потеклото на мусака

Сигурна сум дека сите веќе добро знаете, но да се потсетиме. Мусака е јадење на база на модар патлиџан или компир, најчесто со мелено месо. Најмногу се прави (и е најтипична) на Балканот и на Блискиот Исток, но има многу многу локални и регионални варијации. Интересен е фактот дека модерната грчка мусака е создадена во 1920-тите од Николаос Целементес. Најчесто, завршниот слој се прави со крем од млеко и јајце или млеко и брашно (бешамел). Во Грција (а и кај нас) мусаката се прави во неколку слоеви и се служи топла, за ручек. Она што ми беше интересно е, кога ја креирал, Целементес предложил и веганска варијанта за деновите на православниот пост. Исто така, Романија, има веганска верзија и наместо со месо се прави со печурки или мешавина од пржен кромид и ориз.

Верзиите во Египет, Турција и остатокот од Блискиот Исток се сосема различни. Во Египет, messa’aa може да се направи веганска или вегетаријанска, но и со месо. Но, во сите варијанти, главната состојка е пржениот модар патлиџан. Исто ака, во Турција, мусака се состои од тенко исечен и пржен модар патлиџан во сос од месо и домати. А пак, во Саудиска Арабија muṣagga‘a се јаде топла, но во другите арапски земји често се јаде ладна.

А сега, мојата мусака со компири

Мојот завршен слој не е со јајца и брашно, туку крем и млеко од соја. Ја направив со компир и во помалку слоеви, односно компир, фил, компир, прелив и ја јадевме за ручек. Кога ја правам со модар патлиџан, го печам. Преполна е со зеленчук, зачини, а супер шмек и даде и сенфот. Инаку, кога ја правам со модар патлиџан, кратко го печам (не го пржам) но ајде тоа нека биде посебен рецепт, таман со филот од леќа, ореви и печурки.

мусака со компири

И ете така, доколку немате идеја што да зготвите, имате компири и зеленчук, направете си ја одаа мусака. Превкусен ручек што инстантно ќе ве врати во детството или пак ќе ве транспортира во грчка таверна. Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу во овој пост, а секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката. И секако, погледнете ја целата категорија ручек, сигурно ќе се инспирирате што да зготвите следно.

Доколку си љубител на мусака, оваа моја верзија навистина многу потсетува на оригиналот. Малку е поздрава бидејќи не е пржена и нема јајца и брашно и направена е со комплетно растителни состојки (месото го заменив со веганско). Вкусна е и дефинитивно вреди да се проба (посебно за време на пости. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍲 Мусака со компири 🍲 Read More »