Marija Marija Marija

протеини

🍕 Киноа Пица 🍕

Киноа пица - Хедер
киноа пица

Оваа киноа пица беше првата пица од „алтернативно“ тесто што си ја направив кога решив дека ќе намалам консумирање на бело брашно. Ова беше одамна (не така далечната 2015) и се уште не знам зошто ја немав објавено до сега – веројатно ми е беше толку секојдневие, па поинтересно ми беше да пробувам со други алтернативи.

Ако петок е храна – ќе беше пица!

Затоа што сите сакаат петок и сите сакаат пица! Оваа киноа пица е уште една здрава варијанта како замена за обично тесто за пица. Не дека е лошо понекогаш да јадете и обична пица, но секогаш кога можете, трудете се да си правите сами дома, за да знаете точно што и колку ставате.

Богата со протеини

Лесна, здрава и вкусна киноа пица

Инаку, киноата е една од ретките житарки којашто ги содржи сите 9 есенцијални аминокиселини што ја прават комплетен протеин, иако по составот е јаглехидрат. не содржи глутен, а во една шоља киноа има 8,2 грама протеин и 222 калории. И доколку на пицата си ставите доматен сос, тофу, печурки, маслинки и брокула, ќе имате СУПЕР балансиран оброк!

Како и повеќето мои рецепти, така и оваа киноа пица се прави многу лесно и потребно ви е само блендер. Едноставно накиснете си киноа претходната вечер и следниот ден ќе имате вкусна пица за ручек дома или на работа. Ова ја прави одлична за „meal-prep“ и додава на причините зошто треба да си ја направите.

Доколку си љубител на пица, сакаш да пробаш уште некоја поздрава опција, а се уште немаш направено киноа пица, те охрабрувам да ја направиш оваа киноа пица уште денес. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍕 Киноа Пица 🍕 Read More »

🍉Мозаик салата со тофу и авокадо 🍉

мозаик салата - Хедер

Што е мозаик салата?

Мозаик салата најчесто се прави со лубеница, краставица и фета сирење (плус босилек). Но во принцип нема да погрешите каква комбинација и да направите – важно да имате повеќе бои на чинијата со овошје и зеленчук исецкани на коцки и наредени како мозаик.

Оваа мозаик салата можете да ја јадете како оброк или како прилог со друго јадење – во зависност од содржината што ќе ја употребите. Мојата верзија со тофу и авокадо е оброк – бидејќи ги содржи сите макронутриенти:

  • Масти: авокадо и маслиново масло
  • Јаглехидрати: лубеница, краставица, диња, домат
  • Протеини: тофу

И тоа се состојките на мојата салата. Вашата, секако може да има и други варијации.

мозаик салата
mozaik salata

Како да ја направите?

Е тоа е предизвикот! А јас лично, многу сакам предизвици! Предизвиците не мотивираат, не менуваат, прават да поместуваме граници. Па така, предизвикот за денес, беше оваа мозаик салата. Навидум едноставна, но, потребно е малку подолго време на подготовка. Сепак, иако е покомплицирана од којабило друга салата, не се обесхрабрувајте, сепак е еден многу, многу забавен предизвик!

Целата „мака“ е сецкањето на коцките. Мене референтна коцка ми беше тофуто – бидејќи веќе беше исецкано. Потоа по него ги сечев сите овошја и зеленчуци. Мислам дека најтешко беше да се исецка авокадото и доматот.

А после следи забавниот дел – редењето! Овде редете како сакате, за да добиете шарен можзаик на вашата чинија!

Зошто да ја направите?

Затоа што е многу забавна за подготовка и сервирање, и бидејќи изгледа многу поинаку од обична салата. Лубеницата и краставицата се навистина освежувачки спој на вкусови – крцкав и лесен. Тофуто е тука за растителен протеин а авокадото за здрави масти. А дилемата и понатаму останува – дали доматот е овошје или зеленчук 🤣

Доколку се уште немаш пробано и направено мозаик салата, еве го твојот предизвик за денес. Те предизвикувам да ја направиш, бидејќи е забавна, вкусна, освежувачка, крцкава и здрава. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍉Мозаик салата со тофу и авокадо 🍉 Read More »

🫑 Полнети пиперки со Киноа 🫑

полнети пиперки со киноа - Хедер

Овие полнети пиперки со киноа, целер, кромид и домат се еден навистина превкусен ручек, а сепак малку поинаков од класичните полнети пиперки на коишто сме научени.

Полнета пиперка, за мене е едно прекрасно јадење – во секоја варијанта и облик. Црвени, зелени, со ориз, со печурки – со што и да се, МНОГУ ги сакам. Па така и овие полнети пиперки со киноа ми беа превкусни.

Потеклото на полнетите пиперки

Во нашата кујна, полнетите пиперки се останати во наследство од Отоманската империја, но кога го пишував овој пост всушност читав малку повеќе за историјата на полнетите пиперки и бев фасцинирана од фактот дека пиперки се полнеле и се полнат буквално во секој крај од светот, на различни начини и со различни состојки, но во основа правејќи го истото јадење.

полнети пиперки со киноа
полнети пиперки со киноа

Полнети пиперки со Киноа

Најчесто, во Македонската кујна, пиперките се полнат со бел ориз и мелено месо. Јас месо не јадам веќе 20 години, па во мојата кујна, пиперките се полнат со ориз, печурки, ореви (и понекогаш) праз. Исто така, најчесто кај нас пиперките се полнат со длабење и се готват во доматен сос и масло.

Сакајќи да пробам друга варијанта малку поздрава (не дека белиот ориз не е здрав, ама киноата е малку подобра) решив пиперките да ги направам со оваа комбинација. Споредбата е следна:

🍚 Калории во 1 шоља бел ориз: 716
🍛 Калории во 1 шоља киноа: 626
🍙 Јаглехидрати во шоља бел ориз: 151,1 гр.
🍲 Јаглехидрати во шоља киноа: 109,1 гр.
🍥 Протеини во шоља бел ориз: 4 гр.
🌾 Протеини во шоља киноа: 24 гр.

Исто така, не е чудо што киноата стана една од најконзумираните и најбараните здрави намирници во светот, благодарение на високото ниво на минерали и влакна, како и фактот дека киноата е целосен протеин, што значи дека ги содржи сите девет есенцијални аминокиселини. Ова ја прави една од ретките растителни целосни извори на протеини.

Доколку си љубител на зелено кари, еве ти прилика да го пробаш моето. Те охрабрувам, бидејќи се прави за 30тина минути и е превкусно и супер здраво! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🫑 Полнети пиперки со Киноа 🫑 Read More »

🍪 Бисквити со Таан и Сусам 🍪

бисквити со таан и сусам - Хедер

Меки, крцкави, вкусни

Морам да признаам дека многу ми е криво што кога првично го објавив овој рецепт за моите бисквити со таан и сусам, лани на инстаграм, немаше некој посебен интерес. Се надевам дека сега откако ги објавувам овде, ќе почнете да ги правите затоа што се без масло. Може да ги направите и без шеќер, сочни крцкави и со многу богат вкус. 😍

За да ги направите, потребни ви се точно 9 состојки, од кои таанот ја има клучната улога. Но, целиот спој на вкусови одлично се инкорпорира во ова крцкаво а сепак меко бисквит-колаче.

Слично како и слатко-горките бомбици со таан, така и овие бисквит-колачиња се мегу моите лични фаворити што ги правам многу често. Бонус на вкусот е што имаат добра количина на растителни протеини.

Бисквити со Таан и Сусам
Бисквити со Таан и Сусам

Ги правите еднаш и после ги правите засекогаш!

Не преувеличувам, ама овие бисквити со Таан и Сусам МНОГУ добро одат со чај или кафе. Одлични се за ужина „во од“, дома или во канцеларија. Но, поважно, навистина се прават пребрзо и прелесно.

Се прават во четири едноставни чекори:
1. Ги мешате сите состојки во еден сад
2. Правите топчиња со еднаква големина (земајте со лажица или мерилка за да ви се исти)
3. Ги валкате во сусам
4. Ги редите на тавче за печење и ги сплескувате со дно од чаша (за да добиете бисквити)

Плус, супер се за да ги правите до вашиот тодлер, бидејќи валкањето во сусам и сплескувањето со чаша мислам дека се посебно забавни за малите.

Таан и Сусам

Иако таанот е всушност путер од сусам, мислам дека вкусот на овие бисквити го почајува сусамот од горе. Мислам дека малку работи се повкусни од запечен сусам, нели? Инаку, за придобивките од таанот имам напишано по некој збор во објавата за мојата гранола со таан. Придобивките се многу, слободно прочитајте, сигурна сум дека ќе ве мотивираат да почнете да јадете таан. А тостиран сусам, доколку не додавате во останатите јадења (на пример салати), мислам дека МОРА да почнете! Дава неверојатен вкус и крцкавост. Ајде сега кон рецептот за овие бисквити со таан и сусам и да ги направите под итно. 🤣

Доколку се уште ги немаш пробано и направено моите бисквити со таан и сусам, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи се прават за 5 минути и се печат за 7. А превкусни се! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍪 Бисквити со Таан и Сусам 🍪 Read More »

🥗 Веган Капрезе салата 🥗

веган капрезе - Хедер
Веган Капрезе салата

Мојата веган капрезе салата е здрава, брза и многу едноставна варијанта на класичната капрезе салата. Состојките се тие: домат, свеж босилек и единствено моцарелата се заменува со Тофу (за најдобар вкус, јас го маринирам со малку маслиново, сол, оригано и нутритивен квасец). Сосем за крај, малку балзамова крема и по некое каперс(че) за декорација и тоа е тоа.

Потекнлото на Капрезе салатата 🇮🇹

Инаку, првата приказна за потеклото на салатата Капрезе датира од Италија некаде по Првата светска војна. Приказната вели дека еден италијански ѕидар сакајќи да изрази почит и патриотизам кон Италија, решил да направи оброк што ќе биде визуелна презентација на тробојното знаме. Сепак, нејзиното оригинално потекло е од Капри (по што и го носи името). Се служи како antipasti (предјадење) а не како contorno (прилог салата).

Инаку, првото печатено спомнување на Caprese салатата е на менито на хотелот Quisisana – за којшто се верува дека е местото кадешто оваа салата е настаната.

Што ви треба за да ја направите оваа веган капрезе салата

Состојките, како што веќе знаете, треба да го формираат знамето на Италија 🇮🇹
💚 Босилек, 🤍 Тофу, ❤️ Чери (или обични домати). Плус зачини за подобар вкус и балзамова крема за финиш. А за комплетно автентичен вкус, пропрскајте и малку квалитетно маслиново масло. И тоа е тоа!

Воодушевувачка за сечие око…

А и за секој вкус! Оваа веганска капрезе салата е вистинска автентична копија на оригиналот. Солена, слатка, лесна и мноооогу освежувачка! Плус, балансирана и здрава! Веќе знаеме дека тофуто е одличен извор на растителен протеин. Само за споредба моцарелата е доста калорична, додека тофуто има 76% помалку калории. На 100 гр. моцарела има 318 калории, додека тофуто има 76 калории. Дополнително, за односот на макронутриенти, моцарелата има помалку протеини, помалку јаглехидрати и повеќе масти во споредба со тофуто по калорија. Соодносот е следен: Моцарела има сооднос на макронутриенти од 27:3:70 а тофу, 39:9:52 за протеини, јаглени хидрати и масти од калориите.

И уште еден, многу значаен податок. Тофуто има повеќе диететски влакна од моцарелата, 0,3 гр. 100 гр. додека моцарелата не содржи значителни количини.

vegan caprese salad
Доколку сте љубители на капрезе салата, пробајте ја мојата веганска варијанта. Освен што е вкусна, е многу поздрава, понекалорична и протеински побогата од класичната. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥗 Веган Капрезе салата 🥗 Read More »

🥮 Ролнички од тиквичка 🥮

ролнички од тиквичка - Хедер
ролнички од тиквичка

Овие ролнички од тиквичка се нискокалорични, со пониско количество на јаглехидрати а многу протеини (поради полнењето од тофу и нутритивен квасец). Релативно лесно се прават, а и многу лесно се јадат. 🤣 Добро се избалансирани и се еден супер здрав и лесен (подеднакво и за подготвување и за консумирање) оброк!

Како наједноставно да ги направите овие ролнички од тиквичка

Најдобро е, доколку имате мандолина (алатка за сечење) или пак алатка за лупење зеленчук или за сечење кашкавал. Тиквичките е важно да се исечени на тенки ленти. Но, ако сте вешти со нож, можете и да ги исечете.

Уште еден многу важен чекор (што сите најчесто го забораваат кога прават оброци со тиквичка) е да ги исцедите тиквичките. Тиквичките се богати со вода и доколку водата не ја исцедите, овие ролнички многу лесно ќе ви станат чорба. За да ги исцедите, наредете ги на подебел слој кујнска хартија, посолете ги и покријте ги со уште еден таков слој кујнска хартија. Оставете ги да отстојат за да ја пуштат водата.

Како лазања, само поздраво

Доколку некогаш сте подготвувале лазања, процесот ви е веќе познат. На дното на тавчето ставате малку доматен сос пред да почнете да редите. Така е и со овие ролнички од тиквичка. Во тавчето ставете доматен сос, потоа, на секоја резанка тиквичка ставате од тофу смесата, заролнувате и редите. Можете да ги редите и хоризонтално и вертикално (како што ги редев јас). Од горе можете да наросите вегански кашкавал или пак павлака од индиски ореви.

rolnichki od tikvichka
rolnichki od tikvichka

Само 274 калории во цела порција

Целиот рецепт е за две порции, значи една порција има вкупно 274 калории, нема додадено масло, има 28 грама растителен протеин и 26,6 грама јаглехидрати, од кои 10,6 се растителни влакна. Значи, нето јаглехидрати, 16 гр. Пресметкиве ги пишувам само во случај да внимавате на внесот на јаглехидрати.

Инаку, овој оброк е доста ниско калоричен па добро е да го искомбинирате со свежа салата (марула, младо кромитче и димено тофу со авокадо или маслинки) оди супер. Секако, комбинациите и начинот на послуќување ги оставам на вас. Доколку сакате да направите поголема количина, слободно зголемете ја количината на намирниците. Во секој случај, не го заборавајте нутритивниот квасец, за да имате добра количина на комплетен протеин.

Исто така, полнењето може да ви биде и со друга протеинска смеса (на пример сејтан или темпе, па дури и со некои од веганските бургери) само што во тој случај ќе треба прво малку да ги запржите. Секако, доколку го менувате полнењето, ќе се сменат и засметаните вредности на макронутриенти.

rolnichki od tikvichka
Доколку се уште немаш пробано моите ролнички од тиквичка, еве супер прилика. Ова е еден одличен летен оброк, прилично се лесни, а во исто време многу вкусни и здрави. Ова е една нова лазања богата со протеини и растителни влакна а малку јаглехидрати. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥮 Ролнички од тиквичка 🥮 Read More »

🍳 Тофу омлет 🍳

тофу омлет - Хедер

Ова сум го кажала неколку пати, но ќе го повторам пак: една маана на тофу е што е бесвкусно. Но, една од предностите на тофу е што може да има каков вкус и да посакате, зависно како ќе го зачините и подготвите. Ова значи дека можете да додавате различни вкусови и секој пат да имате поинакво вкусен тофу-оброк. Овој тофу омлет е доказ за тоа. Плус, неверојатно ама и на изглед и на вкус е ИДЕНТИЧЕН како да е од јајца. Сликите се доказ 👇🏻

не може да се јајца порака

👈🏻 Реакција та на Диме (маж ми) беше priceless. Па набргу потоа заклучивме дека ова не е омлет, туку е Тофлет 🤣

Инаку Тофуто, освен што може да се прави во омлет, може да се прави и како кајгана, да биде фил во галети, пити и фритати. Буквално замена за јајца, урда, сирење (со соодветни зачини). Исто така, тофуто е еден од најдобрите извори на растителен протеин. Во една порција од 100 калории, тофуто има 11 грама протеини (односно 8 грама протеин на 100 грама тофу). За споредба, 100 калории мелено говедско месо обезбедуваат 8,9 грама протеини, а порција сирење со 100 калории содржи 6,2 грама протеини.

Но, да се вратиме на мојот тофу омлет

Јас го правев со меко „свилено“ тофу (silken tofu) што кај нас за жал го нема. Но, го направив и со обично тофу и излезе подеднакво вкусно – имам оставено забелешка во начинот на подготовка кога се користи тврдо тофу.

Задолжително го правам со нутритивен квасец и многу зачини. Го наполнив со веганска моцарела, чери домати и маслинки. Од горе наросив сол со тартуфи и копар и си потскокнував од среќа колку беше вкусно. Исто така, можете да го направите со пропржен млад кромид, печурки, спанаќ и вегански чедар. А, одлично оди и со свежа краставичка, хумус и маслинки. Како и да го искомбинирате – „тофлетот“ е превкусен, ве најадува и ви обезбедува супер количина на протеин.

Зошто овој Тофу омлет е добар за вас

🤒 Содржи неколку антиинфламаторни, антиоксидантни фитохемикалии што го прави одличен додаток на антиинфламаторната диета.

💪🏻 Одличен извор е на „целосен“ протеин – што значи дека има добро избалансиран профил на аминокиселини – покрај влакна, калиум, магнезиум, железо, бакар и манган.

🦴 Содржи високи количини на калциум и витамин Д, што е добро и за здравјето на коските.

🩺 Може да помогне во намалувањето на „лошиот“ ЛДЛ холестерол.

👸🏻 Изофлавоните во сојата може да и помогнат на кожата да изгледа помлада со помалку фини брчки.

Сепак, поради бројните придобивки, повеќе за тофуто мислам дека ќе објавам во засебен пост.

tofu omlet
Доколку си еден од оние што мразат тофу, мислам дека МОРАШ да го пробаш мојот тофу омлет (тофлет).🤣 Те охрабрувам да го направиш уште денес за појадок или ручек (причините зошто се набројано погоре) и доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍳 Тофу омлет 🍳 Read More »

Овес и овесна каша: чудотворна житарка и моќен оброк

овесна каша - Хедер

Во овој водич ќе прочитате:

овес и овесна каша

Што е овес и овесна каша?

Овес и овесна каша – еден од најпопуларните појадоци на денешницата. И со причина. Овесот спаѓа меѓу најздравите житарки на земјата. Станува збор за интегрална житарка без глутен, и одличен извор на многу важни витамини, минерали, влакна и антиоксиданси.

Овесната каша пак, е оброк направен од овес во комбинација со течност како вода или млеко. Овесната каша е една од ретките „храни за душа“ којашто со генерации претставува нутритивно богат и вкусен појадок.

Верувале или не од овес и овесна каша нема да имате една, нема да имате пет, туку ќе имате десетици придобивки за вашето здравје.

Всушност, не сум ни сигурна дека еден текст ќе биде доволен за да ги опфатиме сите придобивки што ги имаат овесот и овесната каша. Притоа, фактот што е вкусен појадок (подеднакво и цели зрна и снегулки), одличен за енергичен и здрав почеток на денот, нема ни да го сметам за придобивка!

Овес и овесна каша за кожата, косата, губење на тежината и целокупното здравје

Да, убаво прочитавте. Широкиот спектар на здравствени придобивки од овес и овесна каша, го прават овесот една од најздравите опции што можете да ги изедете за појадок. Богат е со диететски влакна и минерали и може да помогне да се намали ризикот од бројни состојби, како што се дијабетес, гојност (дебелина) и срцеви заболувања. Плус, може да го подобри здравјето на вашата кожа и коса.

Поради високата содржина на вода и растворливи влакна, овесната каша помага во процесот на губење тежина и контролирање на нивото на глад. Примарниот тип на растворливи влакна во овесот е бета-глуканот, којшто помага во варењето, ја зголемува ситоста и го потиснува апетитот. Во цревата, бета-глуканот може да се поврзе со жолчните киселини богати со холестерол и да ги транспортира низ дигестивниот тракт и на крајот надвор од телото.

23 здравствени придобивки од овес и овесна каша

Како што веќе кажав, здравствени придобивки од овес и овесна каша има многу, но сега ќе ги наброиме најважните 23. Здравје, сите останати во некоја следна прилика. Притоа, нема да објаснувам преопширно, затоа што сакам да се обидете и да ги прочитате сите. Навистина сметам дека ќе ви користат.

1. Полн е со антиоксиданси

Целото зрно овес е богато со антиоксиданси и полифеноли. Но сепак, најзначајна е единствената група на антиоксиданси наречени авенантрамиди, кои се наоѓаат речиси единствено во овесот.

2. Содржи моќни растворливи влакна

Овесот е богат со бета-глукан, вид растворливи влакна. Во цревата, бета-глуканот делумно се раствора во вода и формира густ раствор сличен на гел.

овес и овесна каша

3. Може да го намали нивото на холестерол

Бета-глуканските влакна кои се наоѓаат во овесот може да помогнат во намалувањето на вкупниот и како и на „лошиот“ LDL холестерол. Исто така, антиоксидансите во овесот работат во тандем со витаминот Ц за да ја спречат оксидацијата на LDL.

4. Помага во регулирање на шеќерот во крвта

Овесот помага да се намали нивото на шеќер во крвта, особено кај луѓето со прекумерна тежина или оние кои имаат дијабетес тип 2. Повторно за ова е задолжен бета-глуканот којшто исто така може да помогне при чувствителност на инсулин.

5. Го одржува дигестивното здравје и помага во справување со констипацијата

Влакната во овесот помагаат во регуларната работа на дебелото црево и помагаат да се спречи констипација (запек). Ја зголемуваат тежината и содржината на вода во столицата, што го олеснува нејзиното минување и го олеснува празнењето.

6. Го зајакнува имунитетот

Овесот, исто така му помага на организмот да се избори со многу несакани болести. Бета-глуканот им помага на неутрофилите побрзо да отпатуваат до местото на инфекцијата и да го подобрат нивниот потенцијал да се изборат или комплетно да ги елиминираат бактериите што ги наоѓаат.

7. Ве држи сити подолго и го помага процесот на слабеење

Овесот не само пто е вкусна храна за појадок, туку и многу заситува. Консумирањето храна што ве држи сити подолг временски период, може да ви помогне да јадете помалку калории и да изгубите тежина. Како и за повеќето до сега набројани бенефити и за ова е задолжен Бета-глуканот. Тој може да го зголеми чувството на ситост со одложување на времето што му е потребно на вашиот стомак да се испразни од изедената храна.

8. Го подобрува квалитетот на сонот

Овесот содржи мелатонин и сложени јаглехидрати коишто можат да помогнат повеќе триптофан да влезе во мозокот и да ви помогне да спиете.

овес и овесна каша
овес и овесна каша

9. Ја зголемува енергијата и атлетскиот перформанс

Поради тоа што овесот е одличен извор на јаглехидрати и протеини, како и калории и енергија, освен што ќе ви го даде потребното количество на енергија, се покажа дека го подобрува метаболизмот и атлетските перформанси. за да ги почувствувате бенефитите, потребно е да го консумирате 45 минути до 1 час пред вежбање.

10. Може да го намали ризикот од рак на дебело црево

Истражувањата покажуваат дека секои дополнителни 10 грама влакна во исхраната на една личност го намалува ризикот од развој на колоректален карцином за 10%!

11. Може да го намали ризикот од развој на детска астма

Истражувањата покажуваат дека раното воведување на овес кај дечињата, пред да наполнат 6 месци, се поврзува со намален ризик од развој на детска астма.

12. Помага во справување на хипертензијата (високиот крвен притисок)

Антиоксидансите на авенантрамид во овесната каша го зголемуваат производството на азотен оксид, кој ги шири и релаксира крвните садови, предизвикувајќи пад на крвниот притисок.

13. Помага во одржување на здравјето на коските

Овесот има многу минерали неопходни за здравјето на коските. Пред сè, богат е со силициум. Овој минерал има улога во формирањето и одржувањето на коските. А, исто така може да помогне во лекувањето на постменопаузалната остеопороза.

14. Може да ги намали симптомите на менопауза

Зголемениот внес на влакна може да ја ублажи раздразливоста предизвикана за време на менопаузата, а овесот се верува дека прави чуда од овој аспект.

15. Помага во третманот за Акни

Сигурно не сте знаеле дека употребата на овес и овесна каша може да го впие вишокот маснотии на вашата кожа и да помогне во лекувањето на акните.

16. Ја хидрира кожата

Овесот може да ги отстрани мртвите клетки од кожата и да делува како природен хидратантен крем. Бета-глуканот формира фина фолија на вашата кожа. Плус, тој продира длабоко во кожата и ја нуди многу потребната влажност.

17. Помага во третирањето на сува и раздразнета кожа

Овесот има директни антиоксидантни и антиинфламаторни својства – и ова може да помогне во лекувањето на чешањето поврзано со сува и иритирана кожа.

18. Ја осветлува кожата

Фактот дека овесот се користи во производи како пилинг за тело, сапуни и креми за пилинг ни кажува колку тој може да биде корисен. Некои истражувања утврдиле дека користењето овес за лице (мешавина од овес во прав и млеко) секое утро, помага во осветлување на кожата.

19. Природен чистач на кожата

Овесот содржи соединенија наречени сапонини кои делуваат како природни средства за чистење и ја отстрануваат нечистотијата и маслото од порите. И, патем, не предизвикуваат иритација.

oves i ovesna kasha

20. Помага во справување со првутот

Овесот помага во справување со првутот, со тоа што го третира чешањето на скалпот и го спречува вишокот маснотии и нечистотија.

21. Може да помогне при опаѓање на косата

Својствата на овесот кои помагаат во лекувањето на првутот помагаат и во спречување на опаѓање на косата. Овесот може да ги зајакне фоликулите на косата и да ја прави вашата коса посилна. Богат е и со Омега-6 масни киселини, коишто помагаат да се поправи оштетената коса.

22. Одличен за време на бременоста

Целите житарки, како што е овесот, се богати со влакна, витамини и растителни соединенија. Овесот содржи и одлично количество растителни протеини. Исто така, содржи и неколку клучни витамини коишто често се дефицитарни кај бремени жени, како на пример витамини Б, диететски влакна и магнезиум.

23. Одлична храна за вашето најмалечко

Овесот е богат со влакна, Магнезиум, Железо и Цинк. Бидејќи е мек, но ја задржува структурата, овесната каша е одличен начин за воведување текстура во исхраната. Високиот хранлив профил на овесот ќе биде од корист за растот и развојот на бебето. Исто така, лесен е за дигестивниот систем на вашето бебе. Помага во заситувањето и апетитот, и спречува појава на гасови. Делува како природен лаксатив и помага во спречување на констипација (запек).


♥️ БОНУС: Специјално за вас приготвив водич со 10 печени овесни оброци, сите до еден превкусни (проверено) и навистина многу лесни и брзи за правење. Преземете го водичот на копчето подолу 👇🏻

Што можеме да заклучиме?

Овесот спаѓа меѓу најздравите житарки на земјата. Станува збор за интегрална житарка без глутен, и одличен извор на многу важни витамини, минерали, влакна и антиоксиданси. Овесната каша е направена од овес во комбинаица со течност како вода или млеко којашто со генерации претставува нутритивно богат и вкусен појадок. Овесто е богат со диететски влакна и минерали и може да помогне да се намали ризикот од бројни состојби, како што се дијабетес, гојност (дебелина) и срцеви заболувања. Плус, може да го подобри здравјето на вашата кожа и коса. Поради високата содржина на вода и растворливи влакна, овесната каша помага во процесот на губење тежина и контролирање на нивото на глад. Примарниот тип на растворливи влакна во овесот е бета-глуканот, којшто помага во варењето, ја зголемува ситоста и го потиснува апетитот. Во цревата, бета-глуканот може да се поврзе со жолчните киселини богати со холестерол и да ги транспортира низ дигестивниот тракт и на крајот надвор од телото.

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

Овес и овесна каша: чудотворна житарка и моќен оброк Read More »

🍨 Сладолед од црно чоколадо и портокал 🍨

На Малта јадев ПРЕДОБАР вегански сладолед од црно чоколадо и портокал и толку ми беше вкусен што се опседнав да го направам дома. Барем во некоја приближна варијанта.

Бев скептик, ама сепак успеав да постигнам релативно близок вкус. Далеку е од италијанското „џелато“ од Малта, ама и мојот сладолед од црно чоколадо и портокал е многу вкусен. Дефинитивно вреди да се проба.

Се прави многу лесно, потребен ви е само процесор за храна или блендер, вкупно 8 состојки и 10 минути.

За црното чоколадо и какаото веќе знаеме дека се моќни антиоксиданси. Исто така, знаеме дека совршено си одговараат со порктокал (ако не знаете, клик овде). А овој сладолед е далеку подобра опција од кој било купечки, бидејќи единствениот шеќер е од бананите. Плус има здрави масти од путерот од лешник и витамин Ц од портокалот. За да го избалансирам, му додадов и дозерка протеин со вкус на чоколадо, но тоа е сосем опционално.

Лето, повели, спремни сме 😍

Најчесто сладоледот се смета за „забранета“ или „лоша“ храна па често пати се избегнува. Јас лично мног сакам сладолед и кога ќе наидам на вегански, секогаш пробувам. Ем си ја хранам душата, ем како во случајов, собирам инспирација за нови рецепти.

Не гледајте на храната како на „лоша“ или „добра“. Трудете се тоа што го консумирате да биде умерено и пред се балансирано. Убаво е да избегнувате шеќер и процесирана храна, но ништо лошо нема да се случи доколку некогаш се „почастите“.

Сепак, за да сте сигурни дека ќе јадете сладолед со убав состав, здрав и без додаден шеќер, направете си го овој сладолед од црно чоколадо и портокал. Така со сигурност ќе се разладите во топлите летни денови и нема да имате грижа на совест!

Доколку се уште немаш направено ниту еден од моите сладоледи, пробај го прво овој! Те охрабрувам, бидејќи е лесен, вкусен, здрав и без додаден шеќер. Плус, може лесно да се избалансира. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍨 Сладолед од црно чоколадо и портокал 🍨 Read More »

🍳 Тофу Кајгана 🍳

тофу кајгана - Хедер

Тофу кајгана правам многу често, и неколку пати до сега имам објавувано рецепти на мојот инстаграм профил. Причината – секој пат тофу кајганата ја правам различно. Дали станува збор за различна комбинација на зачини, или пак различни додатоци, убавината е во тоа што буквално секој пат имам различно вкусен оброк. Инаку, зошто треба да јадеме тофу веќе имам набројано во постот за тофу омлет. А уште неколку придобивки ќе најдете подолу.

Совршено балансиран појадок

Инаку, оваа тофу кајгана ми е една од омилените опции за појадок. Одлична е доколку сте љубител на солен појадок (наспроти кашите и пудинзите). Искомбинирана со авокадо или маслинки и свеж зеленчук како пиперка, домат или краставица – е совршено балансиран оброк со сите макронутриенти. Растителен протеин од тофуто (плус, секогаш нутритивен квасец), масти од авокадото/маслинките и јаглехидрати од зеленчукот.

Тофу кајгана
Тофу кајгана

Различна комбинација, секој ден

Добро, не мора да јадете тофу кајгана секој ден (можете да го пробате и омлетот) или да пробате некој друг појадок, ама можностите се бескрајни.

Во 100 грама тофу, има само 76 калории и 8 грама протеини – имајте го ова на ум кога ќе го составувате вашиот следен појадок. Особено, доколку водите евиденција за внес на манутрикронутриети на дневно ниво.

Исто така, оваа тофу кајгана може лесно да ја ставите и во сендвич, со печурки и кисели краставички. Буквално секоја комбинација е одлична!

Уште неколку прични зошто оваа Тофу кајгана е добра за вас

🫀Протеинот од соја (како што е тофуто) може да го намали ризикот од срцеви заболувања. Експертите веруваат дека комбинацијата од влакна, протеини и изофлавони што ги содржи тофуто, може да предизвика придобивки за здравјето на срцето. Оваа специфична комбинација, се чини дека е покорисна за намалување на нивото на холестерол отколку суплементите од соја.

😵‍💫 Тофуто може да заштити и од дијабетес тип 2.

🧠 Неодамнешните студии забележуваат дека изофлавоните од соја може да ја подобрат меморијата, вниманието и целокупната функција на мозокот кај некои возрасни.

tofu scramble
Доколку се уште не сакаш тофу, пробај ја мојата тофу кајгана.🤣 Те охрабрувам да ја направиш уште денес за појадок или ручек затоа што е многу вкусна и добро избалансирана. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍳 Тофу Кајгана 🍳 Read More »

🎃 Протеински бомбици од тиква и кокос 🎃

бомбици тиква и кокос - Хедер
бомбици од тиква и кокос

Овие протеински бомбици од тиква и кокос се МНОГУ вкусни, здрави и се прават многу брзо и лесно! Впрочем, сите мои бомбици се прават брзо и лесно – мислам дека тоа им е и поентата. Плус, треба и да се поздрава опција за десерт или ужина! Епа, буквално нема причина да не ги направите овие бомбици!

Зошто баш „бомбици“

Името генерално многу ми е смешно, но од друга страна, другата опција е да ги виам топчиња – што исто така не е лошо, ама некако сме навикнати на бомбици, нели?

Инаку, сами по себе бомбициве се победа! Доколку не користите протеин, ќе им се намали протеинската вредност, а протеинот можете да го замените со кокосово брашно или со мелен кокос.

Бомбици од тиква и кокос или вкусот на есента 🍂

Есен или периодот кога се прави сè од тиква. Па такви се и овие бомбици од тиква и кокос! Инаку комбинацијата е баш супер, некако слатка и егзотична (особено доколку сте љубител на кокос како мене).

Зошто треба да јадеме тиква

Тиквата е многу е хранлива и богата со со витамини и минерали – особено со витамин А и калиум. Д0полнително на ова е дека е нискокалорична – има само 26 калории на 100 грама.

Содржи антиоксиданси како што се алфа-каротен, бета-каротен, бета-криптоксантин и многу други, кои може да ги заштитат вашите клетки од оштетување од слободните радикали. Бета-каротенот е каротеноид кој вашето тело го претвора во витамин А. Всушност, ова е нашиот природен крем за сончање, односно ја штити кожата од надворешните влијанија (но кремите за сончање се и понатаму задолжителни за употреба). Тиквата исто така содржи и витамини Ц и Е, како и лутеин и зеаксантин, кои можат да помогнат да ја одржите вашата кожа силна и здрава.

бомбици од тиква и кокос

Поради сите хранливи материи што ги содржи, наспроти ниското количество на калории, тиквата може да ви биде добар пријател, доколку сакате да изгубите тежина.

Доколку сакаш брзи и едноставни бомбици, а се уште ги немаш направено моите протеински бомбици од тиква и кокос, еве прилика да ги направиш. Те охрабрувам, бидејќи се топат во уста! А, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🎃 Протеински бомбици од тиква и кокос 🎃 Read More »

Нутритивен квасец: сите придобивки

нутритивен квасец - Хедер

Во овој водич ќе прочитате:

Што е Нутритивен квасец?

Доколку се прашувавте „Што е нутритивен квасец?“, тогаш мислам дека сте на вистинското место. Овде ќе прочитате и ќе дознаете што е оваа состојка, зошто и како се користи. Нутритивен квасец е е деактивирана форма на пекарски или пивски квасец од групата Saccharomyces cerevisiae. Имајте на ум дека клучниот збор овде е деактивиран. Ова значи дека ја нема активната состојка што значи дека не треба да го ставите при подготовка на следниот леб или кифлички, бидејќи од него нема да нараснат (но, ќе имаат вкус на сирење). И покрај тоа што потекнуваат од истата габа, инстант квасецот и нутритивниот квасец ја немаат истата функција и не можат да се заменат еден со друг.

Нутритивни вредности

Доколку следното прашање ви беше „Како го добил името?“ тогаш одговорот е многу едноставен – токму поради нутритиентите што ги содржи. Нутритивниот квасец е одличен извор на витамини и минерали. Ги содржи и сите девет есенцијални амино киселини, што го прави целосен протеин како оние што се наоѓаат во производите од животинско потекло. Целосните протеини се важни хранливи материи кои помагаат во функциите како поправка на ткивото и апсорпција на хранливи материи. Тие исто така може да спречат губење на мускулите. Нутритивниот квасец содржи калциум, калиум, железо, витамин Б12, тиамин, рибофлавин, цинк, фолат. Во само 2 лажици има: 50 калории, 8 грама протеин, 1 грам масти, 5 грама јаглехидрати, 4 грама диететски влакна. Нема шеќер, нема глутен и нема соја па е погоден за луѓето со алергии или нетолерантност.

Зошто и како се користи нутритивен квасец

Нутритивниот квасец има специфичен вкус на сирење и поради тоа, најчесто се користи како додаток во вногу јадења, сосови, кремови… Јас овие моќни жолти гранули ги додавам во јадења како омлет од тофу, плескавици од тиквички, разни сирења, како што е на пример мојот вегански пармезан. Всушност, секој пат кога сакам нутритивно да збогатам некој солен оброк или да му дадам вкус на сирење, додавам лажица нутритивен квасец.

Придобивки од консумирањето на нутритивен квасец

1. Го подобрува здравјето на срцето и го намалува ризикот од дијабетес

Влакната во хранливиот квасец и бета-глуканот, може да го намали нивото на холестерол, е исто така нискогликемиска храна и може да помогне во регулирањето на шеќерот во крвта.

2. Го зајакнува имунитетот

Бета-глуканот исто така го зајакнува имунолошкиот систем. Нутритивниот квасец, исто така, содржи високи количини на антиоксиданси, кои можат да подобрат одредени имунолошки реакции.

3. Го подобрува здравјето на кожата, ноктите и косата.

Нутритивниот квасец може да помогне во борбата против проблемите со косата, кожата и ноктите, како што се тенки, слаби нокти и акни и други проблеми со кожата, губење на косата, проретчена коса, кршливи нокти итн.

4. Го намалува чувството на замор и ја зголемува енергијата

Внесувањето на доволна количина на витамин Б12 помага во намалување на чувството на замор. Заедно со Б12, другите Б витамини во нутритивниот квасец помагаат храната да се претвори во енергија. Овој процес му помага на вашето тело да одржува здрав метаболизам и постојано ниво на енергија. Инаку, количината на витамин Б12 што се содржи во нутритивниот квасец е релативно поголема од дневната потребна количина на вашето тело, па со додавање на само 1 лажица во исхраната гарантирано го исполнувате а можеби и надминувате препорачаното ниво.

5. Помага во побрзо закрепнување по напорна физичка активност

Доколку сте активен вежбач, токму нутритивниот квасец може да ви помогне побрзо да закрепнете после напорен тренинг а и да го подобри вашето расположение. Квасецот ги обновува белите крвни зрнца кои се изгубени за време на вежбањето и токму оваа регенерација на клетките помага при обновување на мускулите, зајакнување на имунолошкиот систем и намалувње на воспалението. Исто така, нутритивниот квасец содржи и високо ниво на цинк, минерал кој помага во поправка и регенерација на мускулите.

6. Помага во одржување на здрава бременост

Фолната киселина помага во заштитата на растечките фетуси од вродени дефекти, како што е spina bifida. Но, дури и доколку не сте бремени (или не планирате), фолатите и фолната киселина сепак играат важна улога во многу витални функции на телото, вклучително и производство на клетки и поправка на гените

7. Помага во спречување на појава на Анемија кај лицата што јадат исклучиво растителна храна (Вегани)

Недостаток на витамин Б12 може да предизвика анемија, замор и, во крајни случаи, невролошки проблеми. Поради високата количина на витамин Б12, нутритивниот квасец особено се препорачува како додаток во веганската исхрана.

8. Помага во ублажување на IBS

Нутритивниот квасец може да помогне во ублажување на синдромот на нервозно дебело црево, значително намалувајќи ја абдоминална болка и непријатност кај пациентите коишто страдаат од овој синдром.

Потенцијални ризици од нутритивниот квасец

Иако нутритивниот квасец се смета за безбеден за консумирање кај повеќето луѓе, сепак може да предизвика проблеми кај лица кои се чувствителни на производи од квасец или лица кои земаат одредени лекови. Доколку спаѓате во некоја од овие категории, задолжително консулитрајте се со вашиот лекар пред да почнете да користите нутритивен квасец во вашата дневна исхрана за да избегнете потенцијални несакани ефекти.

1. Доколку патите од Мигрена

Производите од квасец содржат тиамин, аминокиселина која помага во регулирањето на крвниот притисок. Иако е невообичаено, тиаминот може да предизвика дополнителни силни главоболки кај луѓето кои патат од мигрена.

2. Доколку имате алергии, нетолерантност или чувствителност на храна

Луѓето со чувствителност на производи од квасец не треба да консумираат нутритивен квасец. Тој исто така, може да ги влоши симптомите кај луѓе со воспалителни болести на цревата, како што е на пример Кроновата болест.

Што можеме да заклучиме

Нутритивниот квасец е е деактивирана форма на пекарски или пивски квасец од групата Saccharomyces cerevisiae, но сепак ја нема истата функција како инстант квасецот не е негова замена. Нутритивниот квасец е одличен извор на витамини и минерали. Ги содржи и сите девет есенцијални амино киселини, што го прави целосен протеин како оние што се наоѓаат во производите од животинско потекло. Има специфичен вкус на сирење и поради тоа, најчесто се користи како додаток во вногу јадења, сосови, кремови. Придобивките од консумирањето на нутритивен квасец се многубројни а меѓу најзначајните може да се извојат: го подобрува здравјето на срцето и го намалува ризикот од дијабетес; го зајакнува имунитетот; го подобрува здравјето на кожата, ноктите и косата; го намалува чувството на замор и ја зголемува енергијата; помага во побрзо закрепнување по напорна физичка активност; помага во одржување на здрава бременост ; помага во спречување на појава на Анемија кај лицата што јадат исклучиво растителна храна (Вегани); помага во ублажување на IBS. Иако нутритивниот квасец e безбеден за консумирање, сепак може да предизвика проблеми кај лица кои се чувствителни на производи од квасец или лица кои земаат одредени лекови. Затоа, доколку имате некоја ваква состојба, задолжително консултирајте се со вашиот лекар.

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

Нутритивен квасец: сите придобивки Read More »