Marija Marija Marija

портокал

🍊 Гранола со Портокал 🍊

Гранола со Портокал - Хедер
Гранола со Портокал

Ако си како мене и сакаш гранола, никако не смееш да ја направиш мојата гранола со портокал. Совршено крцкава, дозирано слатка, но сепак здрава. Одлична за да го започнеш денот, бидејќи не само што ќе те засити, туку и ќе ти го крене расположението. Се прашуваш зошто никако не смееш да ја направиш? Паааа затоа што има потенцијал да ти стане опсесија 🙂

Знам, знам, за секоја следна гранола го пишувам истото, верувам дека е до мене. Ама вистина секој нов вкус, за мене е нова авантура. Па така, по гранолата со тиква, со таан, со хељда, со чоколадо, со Киноа, со морков, со сусам и суви кајсии, гранола чашките, и секако солената гранола, оваа гранола со портокал е уште едно вкусно доживување.

Зошто гранола со портокал?

Прво, ајде да бидеме искрени. Мирисот на свежо рендана кора од портокал има некоја посебна магија. Го буди сетилото за мирис, слично како мирисот на печено јаболко со цимет, нели? А кога тој мирис ќе се спои со вкуснот на печен орев, карамелниот вкус на мед, аромите на ѓумбир, кардамом, цимет и малку ванила… верувај ми, нема подобар начин да го започнеш денот.

И така, ако си љубител на гранола, оваа верзија со портокал, пријатно ќе те изненади. Има богат поцитрусен, вкус и поинаква свежина од сите други граноли до сега. Со добар додаток, доволно е богата за да биде супер појадок – не само ужинка.

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка, го имате подолу во овој пост, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels

Гранола со Портокал

Потсетување: Домашна vs. купечка гранола

Мислам дека во секоја објава со гранола го кажувам ова, па ајде и овде да се потсетиме зошто сакам сама да си правам гранола:

  • Ја контролирам количината шеќер. Многу од купечките граноли се преполни со додадени шеќери и сирупи. Кога ја правам дома, користам сируп од умри, мед или јаворов сируп – и толтоа во ограничена количина, без претерување.
  • Ги бирам состојките. Сакам да знам што има во мојата чинија. Целосно зрнести овесни снегулки, органски јатки и семиња… и секако – свежо рендана кора од органски портокал.
  • Го добивам вкусот што го сакам. Ако сакам повеќе крцкава гранола – ја печам малку подолго. Можеш да си играш со текстура и вкус – и тоа е вистинската убавина на домашната гранола.
Сакаш гранола? И јас! И затоа нема да престанам со експерименти на оваа тема. Доколку сакаш гранола што е освежителна, ароматична, со длабок и богат цитрусен вкус, тогаш не се двоуми. Направи ја оваа гранола со портокал. А доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍊 Гранола со Портокал 🍊 Read More »

🍨 Сладолед од црно чоколадо и портокал 🍨

На Малта јадев ПРЕДОБАР вегански сладолед од црно чоколадо и портокал и толку ми беше вкусен што се опседнав да го направам дома. Барем во некоја приближна варијанта.

Бев скептик, ама сепак успеав да постигнам релативно близок вкус. Далеку е од италијанското „џелато“ од Малта, ама и мојот сладолед од црно чоколадо и портокал е многу вкусен. Дефинитивно вреди да се проба.

Се прави многу лесно, потребен ви е само процесор за храна или блендер, вкупно 8 состојки и 10 минути.

За црното чоколадо и какаото веќе знаеме дека се моќни антиоксиданси. Исто така, знаеме дека совршено си одговараат со порктокал (ако не знаете, клик овде). А овој сладолед е далеку подобра опција од кој било купечки, бидејќи единствениот шеќер е од бананите. Плус има здрави масти од путерот од лешник и витамин Ц од портокалот. За да го избалансирам, му додадов и дозерка протеин со вкус на чоколадо, но тоа е сосем опционално.

Лето, повели, спремни сме 😍

Најчесто сладоледот се смета за „забранета“ или „лоша“ храна па често пати се избегнува. Јас лично мног сакам сладолед и кога ќе наидам на вегански, секогаш пробувам. Ем си ја хранам душата, ем како во случајов, собирам инспирација за нови рецепти.

Не гледајте на храната како на „лоша“ или „добра“. Трудете се тоа што го консумирате да биде умерено и пред се балансирано. Убаво е да избегнувате шеќер и процесирана храна, но ништо лошо нема да се случи доколку некогаш се „почастите“.

Сепак, за да сте сигурни дека ќе јадете сладолед со убав состав, здрав и без додаден шеќер, направете си го овој сладолед од црно чоколадо и портокал. Така со сигурност ќе се разладите во топлите летни денови и нема да имате грижа на совест!

Доколку се уште немаш направено ниту еден од моите сладоледи, пробај го прво овој! Те охрабрувам, бидејќи е лесен, вкусен, здрав и без додаден шеќер. Плус, може лесно да се избалансира. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍨 Сладолед од црно чоколадо и портокал 🍨 Read More »

🍊 Колач со портокал и брусница 🍊

колач со портокал и брусница - Хедер

Овој колач со портокал и брусница прв пат го правев во Декември, некаде околу новогодишните и божиќните празници, кога и го објавив на мојот инстаграм профил. Нови фотографии немам, и не планирам да имам, овие многу ми се допаѓаат. Новогодишни се и се дел од посебна категорија кадешто има само новогодишни рецепти. Овој колач со портокал и брусница е прв во низата, бидејќи е толку воздушест и мек и преубав на вкус. Плус нели, вегански, без глутен и од здрави состојки.

А, кога за некои рецепти велам дека мора да ги направите, навистина го мислам тоа. Сметам дека вредат да се пробаат, затоа што вкусовите толку убаво одат заедно, што би било штета да не успеете да ги пробате. Овој колач е еден од тие рецепти. Портокалот е совршен вкус за новогодишно печење – целиот дом мириса преубаво, а брусницата уште повеќе го надополнува вкусот.

Плус, вкусот го збогатува и кокосовиот крем што го ставив како глазура од горе. Секако, не мора да го правите, но навистина МНОГУ убаво одговара во целава комбинација. За појадок или ужина со кафе и чај во студени зимски денови е број еден комбинација. Но, верувам дека е подеднакво вкусен и на пролетно сонце! 😍

колач со портокал и брусница
Доколку се уште го немаш пробано овој колач со портокал и брусница, еве прилика да го направиш! Те охрабрувам, бидејќи е навистина вкусен. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍊 Колач со портокал и брусница 🍊 Read More »

🍊 Највкусните чоколадни бомбици со бадеми & портокал 🍊

almond-orange-truffles-header

Во фрижидер најчесто имам тегла со карамел од урми којшто го употребувам во различни комбинации (често само црпнувам со лажица и ставам малце свежи боровинки). Овие чоколадни бомбици со бадеми и портокал беа еден таков „искористи-го-карамелот-од-урми десерт“. Плус, комбинацијата чоколадо-портокал мислам дека се уште е непобедена, па кога на тоа ќе се додаде карамел од урми и бадеми го добивате ова вистинско овошно-марципан совршенство! Но, уште кога прв пат ги објавив на мојот инстаграм профил, кажав дека сепак ќе мора да ги направите за да се уверите дека се навистина најдобри 🤪

чоколадни бомбици со бадеми и портокал

Бадемите се едни од најздравите јатки. Содржат многу здрави масти, диететски влакна, протеини, магнезиум и витемин Е. Го намалуваат нивото на шеќер во крвта, го намалуваат крвниот притисок и го намалуваат нивото на холестерол. Од останатите моќи, бадемите го намалуваат гладот што може да помогне во процесот на губење тежина.

Полифенолите во урмите придонесуваат за намалување на инфламацијата, а освен овие антиоксиданси, јадејќи урми внесувате и железо, витамин Б6, калиум (за подобро срце) и здрав природен шеќер што не е полн со празни калории.

Ете така, освен што овие чоколадни бомбици со бадеми и портокал се многу вкусни исто така се супер здрав десерт. 💪🏻

Доколку си еден од ретките што се уште ги нема пробано и направено овие чоколадни бомбици со бадеми и портокал, еве прилика да ги направиш. Те охрабрувам, бидејќи се навистина вкусни и лесни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍊 Највкусните чоколадни бомбици со бадеми & портокал 🍊 Read More »