Marija Marija Marija

банана

🥚 10 Најдобри замени за јајце 🥚

замена јајце - Хедер

Во овој водич ќе прочитате:

Зошто замени за јајце?

Снемавте јајца, следите растителна или веганска исхрана или пак имате интолеранција на јајца а сакате да знаете кои се најдобри замени за јајце во рецептите?

Јајцето е една од најчестите состојки за готвење и печење. Има свои придобивки и може да биде витален дел од некој рецепт или јадење. Сепак, постојат ситуации и причини каде јајцата не можат да бидат дел од исхраната.

И тогаш што?

Кога би ја знаеле најсоодветната замена за печење, би можеле правилно да го замените јајцето, притоа замената да не влијае на што и да планирате да печете!

Токму затоа, во оваа објава вклучив дури 10 најдобри замени за јајце, од растително потекло. За секоја замена напишав кратко како се прави и колкава количина е потребна за да замени едно јајце. Исто така, имате и забелешка каде која замена најдобро функционира.

Секако, ова се намирници што јас ги користам. Доколку користите уште нешто, пишете ми во коментар за да испробам!

Каква улога играат јајцата во печењето?

Повеќето луѓе користат јајца за печење поради следните причини:

1️⃣ Влага: течниот дел од јајцата (белката) додава влага на финалниот производ при печењето.
2️⃣ Врзување: лепливата природа на јајцата помага да се држат заедно, особено во печива, како леб од банана.
3️⃣ Растење: јајцата се една од главните причини за волуменот и воздушната текстура (особено кога се комбинираат со прашок за пециво/сода).
4️⃣ Емулгирање: јајцата помагаат да се комбинираат состојки кои обично не би се мешале во нормални услови (како масло и вода).
5️⃣ Вкус и изглед: јајцата го подобруваат вкусот и изгледот на печениот производ. Тие, исто така, можат да дадат убав сјај/глазура на одредена храна, како на пример кај кифличките или лепчињата.

Зошто би имале потреба да ги замените јајцата во печењето?

Алергија или интолеранција на јајца: Многу доенчиња и мали деца имаат алергија на јајца. Во најголем број на случаи оваа алергија/интолеранција се надминува до 4-5 годишна возраст. Но, сепак, постојат случаи, кога алергијата останува и во текот на нивниот возрасен живот.

Растително-базирана / веганска исхрана: Некои луѓе (јас, меѓу нив) избираат да се хранат со храна од растително потекло или веганска исхрана, па затоа избегнуваат животински производи како млеко, месо или јајца.

Ограничен пристап: Често знае да се случи да немате јајца при рака, да сте заборавиле да купите или едноставно некој го изел последното, а баш сакате да испечете некое колаче.

ленено јајце - замени за јајце

10 замени што можете да ги користите место јајца во печење

1. Ленено „јајце“

Лененото „јајце“ е термин што често го среќавате во моите рецепти. Тоа е првата од моите 10 најдобри замени за јајце. И не знам колку пати до сега сум објаснувала што значи ленено јајце и како се прави – па од таму и појде целата идеја за овој пост! Лененото јајце се прави многу лесно! Потребно е да сомелете 1 лажица ленено семе и да ја накиснете во 2.5 лажици вода. Тоа е дозата за 1 ленено „јајце“. Сомелениот лен накиснат во вода формира гел кој потоа ја врши својата работа за влага, згуснување итн. Веројатно лененото јајце е и најчестата замена на обичното.

Најдобро функционира во: слатки лебови, колачиња и палачинки.

2. Пире од јаболка

Пирето од јаболка се прави многу лесно и едноставно со варење на јаболка и може да замени јајце во некои рецепти. Во повеќето рецепти, можете да замените едно јајце со ¼ шоља пире од јаболка. Јас секогаш си правам пире од јаболка дома, затоа што е многу лесно и затоа што сум сигурна дека нема да содржи додаден шеќер. Се прави многу лесно и потребни ви се: 250 гр. јаболки, 1/4 шоља вода, 1 к.л. сок од лимон, 1/8 к.л. цимет. Ставете се во тенџерче на оган и оставете да зоврие. Откако ќе зоврие, намалете и варете на тивко 10-тина минути или додека јаболката не омекнат. Потоа испасирајте и ставете во тегличка.

Најдобро функционира во: мафини и брз леб.

3. Банана

Слично на пирето од јаболка, пасираната банана е уште една супер замена за јајце на база на овошје. За едно големо јајце користете половина шолја испасирана банана.

Најдобро функционира во: браунис, торти и колачи

банана - замени за јајце

4. Свилено тофу

Доколку сте на сајтов подолго, знаете колку многу користам тофу. Рецепти имам многу, затоа што е одличен извор на растителен протеин. Инаку, тофуто е кондензирано млеко од соја преработено и притиснато за да формира цврсти коцки. Свиленото тофу е помеко поради неговата поголема содржина на вода. За да замените едно јајце, потребна ќе ви биде ¼ шоља свилено тофу.

Најдобро функционира во: француски тост, колачиња и брз леб

5. Аквафаба

Аквафабата е течноста којашто се добива од остатоците од варени гравови или мешунки. Наутот е вид на грав и аквафаба е всушност течноста во конзервата. Кога велам дека не треба да ја фрлата – еве уште една причина зошто. За да замените едно јајце, потребни ви се само 3 лажици аквафаба.

  • 1 лажица аквафаба = 1 жолчка од јајце
  • 2 лажици аквафаба = 1 белка од јајце
  • 3 лажици аквафаба = 1 цело јајце.

Најдобро функционира во: Макарунс, пуслици, маренг крем и слични рецепти од белка.

6. Агар-Агар

Агар-агарот е алтернатива за желатин, бидејќи за разлика од желатинот што се добива од колаген од коски од крави и свињи, агар-агарот се добива од алга. Одличен е за сите кои сакаат да ги избегнат животинските протеини од желатинот. За да замените едно јајце со агар-агар, измешајте 1 лажица прашок од агар-агар со 1 лажица вода.

Најдобро функционира во: чизкејк, пудинг и мус.

7. Јогурт

Да, можете да користите и јогурт (најчесто грчки, од кокос или соја) како замена за јајце. 1/4 шоља јогурт заменува едно цело јајце. За да се осигурате дека вкусот на јадењето што го правите нема да се смени, секогаш користете јогурт без дополнителни вкусови..

Најдобро функционира во: бисквити, колачи и кекси и мафини.

јогурт - замени за јајце

8. Чиа „јајце“

Многу слично како и со лененото семе, така и чиа семето е една од 10те најдобри замени за јајце. Постапката за чиа-јајцето е идентична: 1 лажица чиа семе накиснета во 3 лажици вода = 1 чиа јајце.

Најдобро функционира во: брзи лепчиња, вафли, колачиња

9. Брашно од наут

Брашното од наут, штом ќе се измеша со вода, делува како одлично врзивно средство, како и средство за нараснување исто како јајцата, што го прави совршен додаток за рецепти. И, како што јајцата содржат протеини, така и брашното од наут е преполно со растителни протеини. За да замените едно јајце, едноставно измешајте 3 лажици брашно од наут со 3 лажици вода додека не добиете густа и кремаста смеса. Доколку сакате да замените екстра големо јајце, употребете по 4 лажици. А доколку сакате дополнително густа замена за јајца, брашното од наут наместо со вода, промешајте го со растително млеко.

Најдобро функционира во: колачиња, мафини, прќени лепчиња (француски тост)

брашно од наут - - замени за јајце

10. Сода бикарбона + јаболков оцет

Доколку рецептот што го правите бара јајца за да нарасне, тогаш можете да се обидете јајцата да ги замените со мешавина од сода бикарбона и јаболков оцет. Кога ќе се спојат, тие предизвикуваат мала хемиска реакција која обезбедува лесна, воздушна текстура на колачите. Одовде, содата и оцетот спаѓаат во најдобри замени за јајце. Замената за 1 јајце е 1 кафена лажичка сода и 1 супена лажица јаболков оцет.


Што можеме да заклучиме?

Јајцето е една од најчестите состојки за готвење и печење. Има свои придобивки и може да биде витален дел од некој рецепт или јадење. Јајцата најчесто додаваат влага на финалниот производ при печењето, помагаат за врзување поради нивната лепливата природа, јајцата се една од главните причини за волуменот и воздушната текстура, помагаат да се комбинираат состојки кои обично не би се мешале во нормални услови (како масло и вода) и во некои рецепти го подобруваат вкусот и изгледот на печениот производ. Најчести причини поради кои јајцето треба да се изостави од исхраната е Алергија на јајца, растително базирана / веганска исхрана или пак недостапност. 10 најдобри замени за јајце се: Ленено „јајце“ - мелено ленено семе накиснато во вода, пире од јаболки, испасирана банана, свилено тофу, аквафаба, агар-агар-, јогурт, чиа „јајце“ или мелено чиа семе накиснато во вода, брашно од наут и сода бикарбона + јаболков оцет.

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

🥚 10 Најдобри замени за јајце 🥚 Read More »

🥑 Авокадо коцки 🥑

Овие авокадо коцки се еден малку поинаков десерт. Поинаков, затоа што се прави за 2 минути а е нутритивно пребогат и интензивен. Инаку, периодов сум во некоја зелена фаза, и во храната што ја јадам доминира зелената боја. Но, секако тоа не беше причината да ги направам овие авокадо коцки. Причината: нивнот состав. За бананата веќе имам многу детален пост, а за авокадото сум пишувала во неколку наврати, но ајде сега малку подетално.

Зошто Авокадо коцки?

Причина 1: нутритивниот состав

Авокадото е извор на многу хранливи материи, вклучувајќи здрави масти и диететски влакна. Содржи антиинфламатори и антиоксиданти и може да помогне во подобрување на здравјето во повеќе сфери. Авокадото е богато со хранливи материи што често се случува да недостасуваат во исхраната, како што се магнезиум, калиум, Б6, витамин Ц, витамин Е и фолат, а играат клучна улога во подобрување на имунитетот. Поради диететските влакна што ги содржи, авокадото го подобрува здравјето на дигестивниот систем. Исто така, може да помогне да во зголемување на нивото на HDL холестеролот што го штити срцето, а намалување на нивото на оксидираниот LDL холестерол.

Причина 2: подготовката

Се прават многу лесно и имаат само 5 состојки. Искористете еден сад и калапче за замрзнување, или пак замрзнете ги во оистиот сад. Ова една супер придобивка, затоа што не правите премногу неред дома. Јас ставив малку засладувач, но ако бананата ви е многу зрела, немате потреба. Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во објавава а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

авокадо коцки

Причина 3: вкусот

За вкусови не се расправа, но мене овие авокадо коцки ми се супер вкусни. Црното чоколадо им дава супер крцкав шмек а комбинацијата авокадо и банана е навистина супер.

Доколку се уште ги немаш направено моите авокадо коцки, те охрабрувам да ги направиш. Се прават многу лесно и едноставно а се многу нутритивно богати! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или да ми оставиш коментар под овој пост.

🥑 Авокадо коцки 🥑 Read More »

Банана и сите нејзини придобивки

банана - Хедер

Во овој водич ќе прочитате:

банана

Банана или вашата исцелителна централа

Банана е едно неверојатно здраво, вкусно и моќно свежо овошје што можете да го изедете. Фактот што е релативно лесно достапна и евтина, и особено важно, лесна за чување и складирање – ја прави одличен избор за секој што сака да се храни здраво. Но, поважно, бананата има неверојатни придобивки за вашето здравје. Еве дел од нив:

🤕 Важна храна за мозокот;
😵 Помага во намалување на анксиозност и депресија;
🥴 Се бори до габични инфекции и инфекции на уринарниот тракт;
🤒 Ја намалува инфламацијата предизвикана од патогените;
😵‍💫 Помага во балансирање на шеќерот во крвта;
😶‍🌫️ Помага во реизградба на невротрансмитерите;
🤮 Го смирува гастроинтестиналниот тракт и нервите;
🥱 Придонесува во справување со нарушувањата во спиењето;

🍌 Има aнти-вирусни и анти-бактериски својства;
🍭 Содржи клучна глукоза и е неверојатен прeбиотик;
🧽 Ја подобрува абсорбирачката функција на црниот дроб;

🌿 Богата со калциум, калиум и аминокиселини;
🪨 Може да помогне во превенција на создавање на камења во бубрезите;
🧠 Може да го намали ризикот од мозочен удар;
💪🏻 Им помага на мускулите да работат подобро;

Банана за среќно и здраво меше

Ова неверојатно моќно жолто овошје е важен извор на пребиотици. Тоа се јаглехидрати коишто не се варат, но се извор на храна за попопуларните пробиотици. А тоа се добрите бактерии кои се наоѓаат во вашите црева. Бананите најдобро се абсорбираат кога се целосно жолти, делумно тврди и со малку кафени точки на лушпата. А еве уште неколку придобивки од јадењето банана, или како бананата ќе му помогне на вашиот стомак и тело:

👁 Помага во третманот на некои гастроинтестинални инфекции;
💩 Го олеснува синдромот на нервозно дебело црево (IBS);
😵‍💫 Може да ги намали стомачните грчеви и нарушувања поврзани со стрес;
🥛 Помага во намалување на нетолеранцијата на лактоза;
👌🏻 Може да олесни некои симптоми на алергија;
🦠 Пробиотиците може дури и да помогнат настинките и грипот да бидат послаби;
🍌 Бананата може да ви помогне да се вратите во нормала после напорен тренинг...


Сите витамини и минерали во една банана

Витамин Б6

Витамин Ц

Една средна банана ви дава околу четвртина од витаминот Б6 што треба да го добивате секој ден. Со тоа, редовното консумирање на банана, го помага метаболизмот. Исто така, овој витамин игра важна улога во развојот на мозокот за време на бременоста и детството, како и во здравјето на имунолошкиот систем.

Потребно е да целите кон дневен внес на витамин Ц помеѓу 75-90 милиграми. Така, со околу 10 милиграми, една банана наутро, ќе ве однесе на добар пат. Витаминот Ц помага да се заштитите од штетата од слободните радикали. Тоа се реакции на нашето тело на храната што ја јадеме, чадот од цигарите, пестицидите и другите потенцијално штетни работи. Витаминот Ц, исто така, му помага на вашиот имунолошки систем да работи подобро.

банана овошје занзибар

Моќниот калиум

Една средна банана обезбедува 450 милиграми, што е 13% од дневните потреби. Овој минерал игра многу значајна улога за здравјето на срцето. Храната богата со калиум помага во управувањето со крвниот притисок бидејќи ви помага да се ослободите од повеќе натриум кога мокрите. Калиумот исто така ги релаксира ѕидовите на вашите крвни садови, што помага во намалување на крвниот притисок.

Диететски влакна

Поголемиот дел од влакната во бананите се растворливи влакна. Тие помагаат во контролата на холестеролот и крвниот притисок и намалување на воспалението. Една зрела бананаобезбедува 3 грама диететски влакна. Тоа е околу 10% од она што ви треба секој ден.

Витамин А

Овој витамин е добар за вашиот вид и може да ве заштити од рак. Една банана има 64 единици или 2% од дневните потреби од овој витамин.

Магнезиум

Помага во контролирање на крвниот притисок и шеќерот во крвта и ги одржува вашите коски силни. Една средна банана ви обезбедува 8% од потребната количина на магнезиум.

Научивме зошто, сега да научиме како да јадеме банана

Океј, сигурна сум дека не ви треба водич како да јадете банана, но сепак можеме да наброиме како, и во што се можете да употребите банана.

Бананата е едно од ретките овошја (а можеби и единствено) што можете да го консумирате секако. А, под секако мислам, СЕКАКО. Свежа сама по себе, без никаков проблем поради нејзината градба и можноста да си ја држите и јадете дури и кога сте во движење. Како база на смути – свежа или замрзната за поголема густина и кремавост. Замрзната, во форма на сладолед. Во комбинација со друго свежо овошје. Како додаток на вашата овесна каша, чиа пудинг, пудинг од лен или гранола.

Веганска замена за јајце

Бананата, освен тоа што можете да ја јадете свежа и смрзната, таа, заедно со чиата, лененото семе и аквафабата, исто така е замена за јајце во печива, колачи и лебови. Одовде, бананата лесно можете да ја консумирате во палачинки, банана лепчиња, различни видови на мафини, пудинзи, колачиња и што уште не!

banana fruit bowl
banana muffins

Не се плашете од шеќерот во овошјето

Многу луѓе (многу често) се загрижени дека овошјето (особено она со повеќе шеќер како што е бананата) може да дебелее. Факт е дека најголем број од овошјето содржи околу 90% јаглехидрати, што значи дека тие се богати со шеќер. НО (многу важно), овошјето претставува суштински дел од балансираната исхрана, бидејќи обезбедува витални нутритивни придобивки. Значи шеќерот од овошјето му треба на вашето тело за да го претвори во енергија и да може нормално да функционира. Фруктозата исто така му треба и на вашиот мозок за да може добро да си ја извршува функцијата.

Еден интересен факт е дека консумирањето на барем еден оброк богат со јаглени хидрати ја подобрува депресијата, напнатоста, лутината, збунетоста, тагата и заморот кај жените со ПМС.

Што можеме да заклучиме?

Банана е едно неверојатно здраво, вкусно и моќно свежо овошје. Има неверојатни придобивки за вашето здравје и иако е богата со шеќери, тие шеќери му се потребни на вашето тело за да може да ги претвори во енергија и нормално да функционира. Ова неверојатно моќно жолто овошје е важен извор на пребиотици но и на многу важни витамини и минерали како витамин Б6, витамин Ц, витамин А, магнезиум, Калиум, и диететски влакна. Одлична е за стомакот, мозокот, музкулите, бубрезите и црниот дроб. И секако - многу лесно можете да ја консумирате на илјада и еден начин!

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

Банана и сите нејзини придобивки Read More »

🥥 Најлесниот десерт на светот 🥥

најлесниот десерт на светот - Хедер

Да, ова без сомнеж е најлесниот десерт на светот! Има само 4 состојки, доколку не додадете засладувач е природно засладен и состојките се ОДЛИЧНИ! Нема утка, нема маана, едноставно нема причина да не го пробате.

Колачињава (ако може така да ги наречам), настанаа сосем спонтано едно саботно претпладне, во отсуство на нешто благо. Немав ништо конкретно, но дома секогаш има кокос, какао, банани и црно чоколадо, па она што имав дома – го искористив! Јас немав потреба од засладувач но доколку сакате уште поблаго, можете да додадете 1 лажица јаворов сируп или сируп од урми (но имајте предвид дека тоа ќе ја зголеми калориската вредност засметана на крајот на овој пост).

најлесниот десерт на светот

Јас дефинитивно ќе ги правам често, бидејќи без дилема ова ми е најлесниот десерт на светот. Веројатно следниот пат ќе пробам со доза чоколаден протеин или можеби малку екстракт од ванила. Мислам дека има потенцијал за развивање во неколку насоки и мислам дека секоја нова насока ќе биде поинакво вкусно доживување.

Доколку ги направите, оставете ми коментар, баш ме интересира дали ви се допаднаа.

Инаку, освен што ќе ве заблажи, овој десерт ќе ви обезбеди доволна количина антиоксиданси, магнезиум, калиум и железо, што е супер, за десерт. Со само 50 калории од парче, со изедени 3 сте и калориски подмирени и добро заблажени!

Доколку се уште го немаш пробано и направено најлесниот десерт на светот, еве прилика! Нема изговори! Те охрабрувам, бидејќи е навистина вкусен и ПРЕЛЕСЕН. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🥥 Најлесниот десерт на светот 🥥 Read More »

🍮 Драмски чоколаден пудинг 🍮

black-cacao-pudding-header

Ова е дефинитивно најдобриот чоколаден пудинг што ќе го пробате! Вкусот е фантастичен: кремаст, чоколаден, густ, нутритивно богат и секако со многу придобивки за здравјето! Содржи здрави масти, витамин Б6, калиум, влакна, магнезиум, протеини и антиоксиданси. За разлика од кој било купечки пудинг, ова е дефинитивно најздравата опција. Доколку употребите многу зрели банани, не треба да додавате никаков засладувач, па така ќе биде сосем со природен овошен шеќер.

Инаку, кога прв пат го направив и објавив на мојот инстаграм профил, овој чоколаден пудинг го правев со црно какао и излезе многу ефектен (од таму и името). Без грижи, подеднакво е вкусен со секакво какао! Секако, колку е какаото поквалитетно, толку е и пудингот повкусен.

Една од бенефитите е што се прави за 5 минути. Но една од мааните му е што се јаде за 1 минута, буквално! 🤫

Од другите бенефити:

🥑 Авокадо: помага во справувањето со стресот и анксиозноста, го одржува нивото на шеќер во крвта, ја подобрува абсорбцијата на нутритиенти, го подобрува здравјето на кожата, коските, работата на мозокот и срцето…
🍌Банана: го намалува крвниот притисок, го подобрува здравјето на коските, богата е со калиум и витамин Б6, го намалува стресот и ја подобрува дигестијата…
☕️ Какао: ја подобрува еластичноста на крвните садови, содржи многу високо ниво на антиоксиданси, ја подобрува работата на срцето и мозокот, го помага слабеењето, го намалува ризикот од Алцхајмер…
🥜 Путер од кикирики: ја намалува констипацијата, го намалува ризикот од тип 2 дијабетес, придонесува за раст и развој на коските и мускулите, одличен извор на протеин, здрави масти, Б-комплекс витамини и антиоксиданси…

Доколку си еден од ретките што се уште го нема пробано најдобриот чоколаден пудинг, те охрабрувам да го направиш уште денес и доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍮 Драмски чоколаден пудинг 🍮 Read More »

🍌Најдоброто двослојно банана лепче 🍌

abnana-bread-header
најдоброто двослојно банана лепче

Рецептов за најдоброто двослојно банана лепче го пишувам прв, бидејќи е во топ пет најправени мои рецепти објавени на мојот инстаграм профил. Кога во 2020 почна пандемијата, сите почнаа да прават банана лепчиња и лепчиња од кисело тесто. Буквално секоја втора слика на фидот ми беше со лепчиња. Но јас ете не направив тогаш ништо. Дури следната година решив да се пробам со банана лепче и пробувајќи комбинации, стигнав до ова лепче што иницијално го направив двослојно но сосем исто функционира и само со какао или пак без воопшто какао. Меко е и сочно, лесно на вкус и не преблаго. Минимално е природно засладено со банани и јаворов сируп и поради тоа, одлично функционира и како појадок и како ужина и како десерт. 

Откако прв пат го направив, само со ореви, почнав да пробувам разни комбинации: го правев полнето со цреши, со парчиња црно чоколадо, со јагоди… И секој пат беше превкусно. Па така откако мајка ми го проба прв пат, почна да го прави веројатно секоја втора недела и го усоврши беспрекорно, па сега ми е повкусно да го јадам нејзиното 🤷🏻‍♀️ Дали е поради тоа што „јадењето кај мама е секогаш највкусно“ или пак “practice makes it perfect” сепак, се радувам секој пат кога ќе го направи. 

dvoslojno banana lepce parcinja

Потврдено најдобро банана лепче

Најдоброто двослојно банана лепче има вкуно 11 состојќи (плус додатоци, ако се користат). Подготовката е 10 минути а печењето е помеѓу 40 и 60 минути, зависно од рерната. Јас го покривам со фолија и го печам 45 минути покриено и уште 15 минути без фолија. 

Одлично оди со путер од јатки, свежо овошје, па дури и со чоколаден сос

Состојките се едноставни и повеќето вообичаено ни се наоѓаат на рафтовите. Бананите – колку помеки, толку подобро. Добро созреаните банани (оние со темни точки) се посебно благи и ќе му дадат преубава блажина на лепчето. 

За подготовка ви е потребен блендер или вилушка за пасирање на бананата, сад за мешање на сувите состојки, сад за мешање на влажните состојки и доколку го правите двослојно, уште еден сад кадешто ќе ја измешате половина од смесата со какао, хартија за печење и правоаголно калапче за печење лепче.

Доколку си еден од ретките што се уште го нема пробано најдоброто двослојно банана лепче, те охрабрувам да го направиш уште денес и доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍌Најдоброто двослојно банана лепче 🍌 Read More »