Овој сладолед со наут е кремаст, освежителен, богат со протеини и влакна, а притоа не содржи рафиниран шеќер. Го правев за Каи, прво затоа што сакам да сум сигурна дека сладоледот што го јаде е квалитетен и без шеќер, а второ што е алергичен на јајца и мора многу да внимавам што јаде. Е сега, оваа необична, но совршено избалансирана комбинација од наут, цреши, лубеница, банана и путер од кикирики, на прва можеби звучи чудно. Но, иако мислиш дека овие состојки не одат заедно, сепак резултатот ќе те изненади. Бананата ја дава природната сладост и кремаста текстура, црешите носат богата овошна арома, лубеницата додава свежина, а путерот од кикирики ги поврзува сите вкусови во богат, неодолив десерт. Најголемото изненадување е наутот! Состојка која воопшто не се чувствува во вкусот, но драматично ја подобрува нутритивната вредност на сладоледот.
Причината зошто сакам да користам наут во десерти е неговиот хранлив состав. Наутот е одличен извор на растителни протеини и диететски влакна, што значи дека овој сладолед ќе те засити многу повеќе отколку класичниот сладолед од продавница.
Наместо краткотраен прилив на енергија проследен со нагол пад на шеќерот во крвта, со овој сладолед со наут, добиваш комбинација од сложени јаглехидрати, протеини и здрави масти кои обезбедуваат постепено ослободување на енергијата. Влакната дополнително го поддржуваат здравјето на цревната микрофлора и придонесуваат за подобра дигестија.
Целиот рецепт е подолу во објавава а кај мене на инстаграм во reels има и кратко видео од подготовката.


Сладолед од наут, десерт што храни и освежува
Овошјето во овој рецепт не е избрано само поради вкусот. Црешите се меѓу најбогатите извори на природни антиоксиданси, особено антоцијанини, кои им ја даваат нивната интензивна црвена боја. Овие соединенија помагаат во намалување на оксидативниот стрес и воспалителните процеси во организмот. Некои истражувања покажуваат дека редовното консумирање цреши може да придонесе за побрзо закрепнување на мускулите по физичка активност и подобар квалитет на сонот. Лубеницата, пак, содржи повеќе од 90% вода, што ја прави идеална летна намирница за хидратација. Таа е извор на ликопен, уште еден силен антиоксиданс кој е поврзан со здравјето на срцето и кожата. Бананата ја заокружува целата комбинација со природна сладост, така што нема потреба од дополнителен шеќер. Токму овие состојки го прават сладоледот освежителен, лесен за варење и богат со витамини, минерали и фитонутриенти кои секојдневно му се потребни на организмот.


Уште една „чудна комбинација“ што функционира!
Кај овој сладолед со наут, најмногу ми се допаѓа тоа што покажува дека здравата исхрана не е ниту комплицирана ниту досадна. Понекогаш доволно е само да ги искористиме состојките што веќе ги имаме дома и да ги комбинираме на малку поинаков начин. Наместо десерт што ќе нè остави гладни по половина час, добиваме оброк кој навистина нè храни. Без млечни производи, без рафиниран шеќер и без непотребни адитиви, а сепак богат, кремаст и полн со вкус. А еве и неколку реални бенефити:
- 👍🏻 Помага во одржување на мускулната маса благодарение на протеините.
- 👏🏻 Го поддржува здравјето на цревата поради високата содржина на влакна.
- 🙌🏻 Обезбедува долготрајна енергија, без големи скокови на шеќерот во крвта (во споредба со класичен сладолед).
- 🤩 Го поддржува здравјето на срцето благодарение на незаситените масти. Придонесува за хидратација, особено поради лубеницата.
- 😍 Антиоксидансите од црешите помагаат во намалување на воспаленијата и оксидативниот стрес.
- 🤩 Калиумот помага за нормална функција на мускулите и одржување на електролитниот баланс.
- 🥳 Не содржи рафиниран шеќер (ако не е дополнително додаден) и е природно засладен со овошје.
Следниот пат кога ќе посакаш сладолед, пробај ја оваа верзија. Освен што ќе уживаш во секој залак, ќе внесеш растителни протеини, влакна, здрави масти, антиоксиданси и многу микронутриенти кои ќе му користат на твоето тело. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍨 Сладолед со Наут 🍨
Equipment
- процесор за храна / блендер
Ingredients
- ½ шоља Наут од конзерва исплакнат и исцеден
- 2 помали Банани смрзнати
- 1 шоља Цреши смрзнати
- 1 с.л. Путер од кикирики
- 1 парче Лубеница (околу 1 шоља)
- ⅓ шоља Растително млеко
Instructions
- Стави ги сите состојки во блендер и блендај додека да добиеш еднолична, кремаста смеса.
- Стави во калапи и право во замрзнувач неколку часа за да се стегне.
- Опционално, прелиј со растопено црно околадо.
Вкупно парчиња: 6 големи сладоледи
(препорачана порција: 1 сладолед)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 84 kcal
Протеини: 2.2 гр.
Јаглехидрати: 13.78 гр.
Масти: 1.85 гр.
Влакна: 2.22 гр.
Антиоксиданси, магнезиум, калиум, железо
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .
