
Искрено, овие протеински палента топчиња не беа рецепт што го планирав. Од малку познати факти за мене, издвојувам дека ич не сум љубител на палента!
Ама, Каи многу сака палента и секој пат пробувам нови варинајти и комбинации со палента. Па така настанаа и овие протеински палента топчиња. Во еден од оние денови кога фрижидерот не е сосем празен… ама не те инспирира. Освен палента, имав и неколку состојки што секогаш ги чувам „за секој случај“ и желба да направам нешто брзо, хранливо и различно од вообичаеното.
И како за некој што не сака палента, решив дека сепак ќе направам нешто едноставно а вкусно. Нешто крцкаво однадвор, меко одвнатре. Нешто што ќе ме држи сита подолго.
И така настанаа овие предобри протеински палента топчиња! На Каи вообичаено палентата му ја правам со котиџ или грки јогурт, ама оваа протеинска верзија денес е со крскаво тофу! Пре-до-бри!



Ако се искомбинираат со свежа салата (и уште малце тофу) се супер ручек. Јас ги јадев за појадок, со протеински хумус и свежа краставичка, ама може и да бидат супер ужинка. Баш се лапни-голтни. Лесно се прават и стојат во фрижидер (иако кај нас не издржаа). Едно топче има 41 калорија и 2.2 грама растителен протеин! А целиот рецепт и начинот на подготовка го има подолу во овој пост и кај мене на инстаграм во reels.

Зошто овие протеински палента топчиња?
Затоа што некој што не јаде палента ви кажува дека се многу вкусни! Навистина се. Но и затоа што
- се прават од едноставни состојки
- можеш да ги адаптираш според вкус
- одлични се и за возрасни и за деца
- совршени се кога сакаш нешто „comfort“, ама сепак хранливо
А кога велам можеш да ги адаптираш според вкус, мислам на тоа дека можеш да сакаш какви било додатоци, или друг извор на протеин и пак да добиеш вкусен оброк. Иако, јас дефинитивно препорачувам да ја пробаш прво оваа комбинација!
Така што, доколку сакаш брз и едноставен рецепт, што не одзема премногу време, богат е со растителен протеин и диететски влакна, вусен е и различен, тогаш дефинитивно направи ги!
Можеби најубавиот дел од овој рецепт не е само вкусот, туку чувството дека со малку состојки можеш да направиш нешто што навистина ќе ти го разубави денот. Нешто едноставно, а толку задоволувачко. Ако ги пробаш, ќе ми биде баш драго да ми пишеш како ти испаднале. Или уште подобро, во која твоја верзија ќе ги претвориш…

Доколку сакаш палента, направи ги овие протеински палента топчиња. Доколку не сакаш палента, тогаш дефинитивно направи ги овие палента топчиња - ќе те предомислам (мене ме предомислија!) И секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🧆 Протеински палента топчиња 🧆
Состојки
- ½ шоља Палента
- 1 ½ шоља Вода за варење на палентата
- 2 Млади кромитчиња исецкани
- ⅓ Црвена пиперка, помала исецкана
- 30 гр Печурки исецкани
- 1 к.л. Маслиново масло (може и вода) за готвење на зеленчукот
- 5 Маслинки исецкани
- 30 гр Сушен чери домат исцеден ако е во масло
- ¼ шоља Ореви истостирани и сомелени
- 100 гр Тофу изрендано
- 1 к.л. Соја сос за маринирање на тофуто
- ½ к.л. Чили сос за маринирање на тофуто
- ½ к.л. Димена паприка за маринирање на тофуто
- ½ к.л. Зеленчуков залин за маринирање на тофуто
- 3 с.л микс семки / или само сусам за валкање
Инструкции
- Изрендајте го тофуто, зачинете го и убаво промешајте го за убаво да се маринира.
- Ставете го тофуто рамномерно распоредено на хартија за печење и во претходно загреана рерна на 150, 10тина мин.
- Во меѓувреме, исецкајте го зеленчукот, и згответе го додека се пече тофуто.
- Оревите исто така запечете ги додека се пече тофуто, па потоа сомелете ги.
- Сварете ја палентата, па во неа додадете го зготвениот зеленчук, печеното тофу, исецканите маслинки, сушени чери домати и мелените ореви и убаво промешајте.
- Оставете ја палентата да се олади и потоа формирајте топчиња.
- Оформените топчиња извалкајте ги во микс семки, само во сусам или во срца коноп и послужете.
Вкупно парчиња: 17
(препорачана порција: 8 топчиња)
Нутритивни вредностиод порција
Калории: 355.3 kcal
Протеини: 18 гр.
Јаглехидрати: 20.4 гр.
Масти: 24.1 гр.
Влакна: 4.3 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

