
Овие протеински њоки од тофу се супер доказ дека омилените „comfort“ јадења можат да бидат истовремено вкусни, хранливи и богати со растителни протеини. Ако мислите дека њоките мора да бидат направени исклучиво од компири и бело брашно, сега ќе ви откријам една поинаква верзија. Моите протеински њоки од тофу, ќе ве воодушеват со својата мека текстура и едноставна подготовка. Овој рецепт е идеален за сите кои сакаат да внесат повеќе протеини во својата исхрана, без да се откажат од вкусните домашни оброци.
Според мене, тофуто е една од најразновидните намирници во растителната кујна. Нема никаков вкус, и баш благодарение на таа неутралност, лесно се комбинира со различни состојки и зачини. Во овој рецепт освен што придонесува за текстурата, тофуто додава и значајна количина протеини, правејќи ги овие њоки многу позаситувачки од традиционалната верзија. Плус имаат 53 грама протеин и 18 грама влакна на 800 калории (за целиот оброк).
Целиот рецепт е подолу во објавава а кај мене на инстаграм во reels има и кратко видео од подготовката.
Зошто баш овие протеински њоки од тофу?
Една од најголемите предности на овие протеински њоки од тофу е тоа што не бараат многу состојки. Всушност, самите љоки се прават со две состојки + зачини. Плус, не се потребни посебни техники или комплицирани чекори. Само се мешаат состојките, се формира тесто (за нијанса повнимателно отколку со компир) и се обликуваат њоките. Ако ме прашувате мене, супер се за денови кога сакате домашен оброк, немате идеја или пак премногу време за готвење. Јас ги правев со супер доматен сос, но вие можете да експериментирате и со тоа.
Многумина мислат дека растителните оброци не можат да бидат доволно заситувачки (без доволно протеини), но овие протеински њоки со тофу се пример за спротивното. Комбинацијата на јаглехидрати и протеини создава балансиран оброк кој обезбедува енергија и чувство на ситост.



Меки, вкусни и богати со протеини
Домашните њоки имаат сосема поинаков вкус и текстура од купечките. Па, откако еднаш ќе ги пробате овие протеински њоки со тофу, големи се шансите да посакате повторно да ги подготвите.
Плус, можете целосно да го прилагодите рецептот по ваш вкус. Сакате повеќе арома? Додадете оригано, босилек или лук во прав. Сакате њоки во боја? Додадете малку пире од спанаќ или тиква. Сакате побогат вкус? Додадете сушени чери домати. Можностите се навистина бескрајни.
Овие тофу њоки се уште еден доказ дека здравата и балансирана исхрана не мора да биде комплицирана. Со неколку едноставни состојки можете да создадете јадење кое е вкусно, хранливо и доволно впечатливо за да стане редовен дел од вашето мени. Ве убедив?

Без разлика дали си љубител на њоки, дали сакаш растителната исхрана или сакаш да пробате нешто ново, овие протеински њоки од тофу се супер варијанта, особено ако сакаш протеински оброк. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
Протеински Њоки од Тофу
Ingredients
За Њоки
- 150 гр. Тофу
- 100 гр. Брашно од Наут
- 2 с.л. Нутритивен квасец
- 1 к.л. Италијанска мешавина или зачини по вкус
- 1 к.л. Маслиново масло
За Сос
- 2 Млади кромитчиња исечкани
- 2 месечинки Лук исечкани
- 7 Маслинки исечкани
- 1 конзерва Пелати
- 1 к.л. Маслиново масло
Instructions
- Изблендајте го тофуто.
- Додадете ги зачините, нутритивниот квасец и брашното (постепено) и мешајте за смесата да се соедини.
- Месете со раце и формирајте топка тесто.
- Исечете на 4 дела и секој дел внимателно формирајте црево (формирањето не е исто како класично тесто, бидете внимателни).
- Исечкајте го на парченца од 1 цм и поинете ги со вилушка (ова е опционално).
- Ставете ги во тенџерче со зовриена посолена вода неколку минути, додека да испливаат на површината.
- За сосот, запржете ки кромитчето и лукчето и додадете ги доматите од конзерва.
- Сварените њоки ставете ги во сосот и гответе уште некоја минута за да добиете сос.
- ожете да послужите со мојот тофу мајонез за уште некој грам протеин.
Вкупно парчиња: 1 порција
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 800 kcal
Протеини: 53 гр.
Јаглехидрати: 59.5 гр.
Масти: 34.9 гр.
Влакна: 18.3 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .
