
Во време кога број еден тема на дискусија е протеинот и кога велнес индустријата царува со производство на брзи протеински оброци, ужини и особено протеински барови, моите домашните протеински барови се совршено решение за сите што сакаат здрава алтернатива без вештачки состојки и рафинирани шеќери. Овие протеински барови не само што се вкусни и богати со растителни протеини, туку имаат и здрави масти и диетески влакна и минерали што го хранат телото во текот на целиот ден.
Моќна комбинација на нутриенти
Моите протеински барови содржат природни, хранливи состојки кои обезбедуваат балансирана енергија:
Протеин и есенцијални аминокиселини
- Протеин во прав и колаген – поддржуваат мускулен раст, регенерација и здравје на кожата, косата и ноктите.
- Киноа – комплетен растителен протеин што содржи сите девет есенцијални аминокиселини.
- Наут – одличен извор на растителен протеин и влакна, помага во стабилизирање на шеќерот во крвта.



Здрави масти за одржлива енергија
- Путер од кикирики – богат со мононезаситени масти, магнезиум и витамин Е.
- Семе од коноп и тиква – содржат протеини но и омега-3 и омега-6 масни киселини, кои помагаат во намалување на воспаленијата и поддржуваат здравје на срцето.
Природен извор на енергија
- Урми – природно слатки, богати со растителни влакна, калиум и антиоксиданси, обезбедуваат долготрајна енергија.


Зошто да ги изберете моите протеински барови?

Моите домашни протеински барови се совршено избалансирани – едно барче има 13 грама протеин и 130 калории. Но исто така, 8 грама јаглехидрат, 5 грама масти и 3.5 грама растителни влакна! Ова ги прави погодни за секој што бара здрава опција за зголемување на дневниот внес на протеини, и да остане енергичен!
✔ Поевтини се од купечките
✔ Одличен пред или по тренинг или за ужинка
✔ Заситуваат и даваат долготрајна енергија
✔ Богати со растителни влакна за подобра дигестија
✔ Природно засладени, без рафинирани шеќери и вештачки адитиви
✔ Вкусни се
И покрај се ова што набројав, овие протеински барови исто така се прават многу лесно. Откако ќе ги изблендате сите состојки, ги ставате во замрзнувач да се стегнат околу еден час и тоа е тоа. Целата постапка ја имате подолу во постот а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео.
Доколку и често посегнуваш по протеински барови за ужинка, тогаш ти препорачувам да си ги направиш овие домашни протеински барови. Здрави се, вкусни, избалансирани и се прават многу лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍫 Домашни протеински барови 🍫
Oпрема
- процесор за храна
Состојки
- 300 гр Наут (од тегла/конзерва) исцеден и исплакнат
- 2 дозерки Растителен протеин
- 2 с.л. Колаген
- 2 с.л. Путер од Кикирики
- 2 с.л. Срца коноп може да се изостави, да се замени со уште 1 с.л. путер од кикирики
- 1 с.л. Семки од тиква
- 5 поголеми Урми, меки или накиснати во врела вода 10 мин.
- ⅓ шоља Киноа претходно сварена
- ⅓ шоља топла вода се додава постепено за регулирање на густината, може да треба и помалку
- 1 с.л. Капки црно чоколадо опционално
- 50 гр Црно чоколадо, стопено опционално, за прелив
Инструкции
- Ги ставате сите состојки во блендер (освен чоколадните капки доколку користите) и блендате додека да добиете еднолична густа смеса.
- Распоредувате во тавче за печење (или калап) обложено со хартија за печење, убаво израмнувате и ставате во ладилник да се стегне, минимум 1 час.
- Исечете барови, доколку сакате, растопете црно околадо, прелијте ги и уживајте.
- п.с. Можете да ги направите и со кршени малини место чоколадо 🙂
Вкупно парчиња: 9
(препорачана порција: 1 барче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 130,9 kcal
Протеини: 13,4 гр.
Јаглехидрати: 8,2 гр.
Масти: 5,4 гр.
Влакна: 3,5 гр.
* Јас користам кујнска вага, ви препорачувам да набавите, многу е корисна ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .