Marija Marija Marija

🍞 Протеинска проја со леќа 🍞

Иако веќе имам една протеинска проја, оваа протеинска проја со леќа, има уште повеќе протеини. Леќата, како главна состојка, ѝ дава богата текстура, хранливост и длабочина. Па така, оваа протеинска проја со леќа е одличен избор за секој што сака балансирана и вкусна исхрана. Во овој рецепт јас употребив сушени чери домати и маслинки, но може да се направи со други полнења по избор. Тофуто и нутритивниот квасец се задолжителни. Едно парче има 15 грама растителен протеин (со други зборови, посна е и веганска). Се прави во еден сад и е многу вкусна, брза и едноставна. Целиот рецепт е подолу во објавава а кај мене на инстаграм во reels има и кратко видео од подготовката.

Со оваа протеинска проја со леќа, наместо стандардна варијанта, добивате рецепт кој изобилува со протеини, растителни влакна. Содржи природни состојки што ем убаво го хранат телото, ем го задоволуваат и вкусот. Совршена за сите што сакаат поздрави варијанти на омилените домашни рецепти. Мојата протеинска проја со леќа, докажува дека хранливата храна може да биде неверојатно вкусна, ароматична и инспиративна. Затоа што понекогаш, најубавите рецепти се оние што ја комбинираат традицијата, знаењето и креативноста.

Протеинска проја со леќа за совршен почеток на денот

15 грама протеин и 5 грама диететски влакна се супер основа за почеток на денот. Плус, супер е и за деца! Јас на Каи му ја комбинирам со котиџ сирење или со грчки јогурт за уште малку протеин и сум сигурна дека има супер нутритивен и балансиран оброк. Како што напоменав и претходно, рецептов може слободно да се прилагодува според вашите вкусови и преференци. Така на пример, полнењето можете да го збогатите со запржен млад кромид и печурки, или пак свежи домати и лукче. Каква комбинација и да направите, ова е еден супер вкусен и балансиран оброк.

Јас ја правам во тава, но доколку ја правите за вашите малечки, можете да ја направите и во калапи за мафини. Па така, сите што сакаат креативни, поздрави варијанти на омилените рецепти, топло препорачувам да ја пробате оваа протеинска проја со леќа. Затоа што добрата храна не е само оброк. Таа е уживање, инспирација и начин да внесеме повеќе вкус и грижа за себе во секој ден.

proteinska proja so lekja
Доколку се уште се мислиш дали да ја пробаш мојата протеинска проја со леќа, те молам, не се мисли повеќе! Те охрабрувам да ја нашравиш и пробаш, бидејќи е навистина вкусна и крцкава. Плус, преполна со протеини. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍞 Протеинска Проја од Леќа 🍞

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време30 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • блендер или процесор за храна

Состојки

  • ½ шоља Црвена леќа, накисната во вода преку ноќ
  • ½ шоља Палента
  • ½ шоља Пченкарно брашно
  • 1 шоља вода
  • 1 к.л. Прашок за печиво
  • 12 Маслинки
  • 4 Сушени чери домати во масло исецкани, заедно со маслото
  • 2 с.л. Нутритивен квасец
  • 100 гр. Тофу
  • 1 к.л. Маслиново масло
  • 1 к.л. Сол може и други зачини по вкус
  • сусам, семки тиква и ленено семе за наросување од горе, опционално но препорачливо

Инструкции

  • Леќата убаво исплакнете ја и накиснете ја во вода преку ноќ во фрижидер.
  • Следното утро, убаво исплакнете ја и изблендајте ја со водата.
  • Додадете ги брашната и прашокот и блендајте или мешајте додека да се соединат.
  • Додадете ги останатите состојки и внимателно мешајте додека се да се соедини во еднолична смеса.
  • На тавата за печење, ставете неколку капки маслиново и наросете палента (трик, за да не ви се залепи пројата).
  • Истурете ја смесата, убаво израмнете и наросете со семките
  • Печете во претходно загреана рерна на 180, 20тина минути.
  • Оставете малку да се олади, пред да пресечете

Вкупно парчиња: 4
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 241,6 kcal
Протеини: 15 gr
Јаглехидрати: 29,2 gr
Масти: 6,1 gr
Влакна: 4,8 gr

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

Оставете коментар

Your email address will not be published. Потребните полиња се обележани со *