Marija Marija Marija

🍠 Полнети Палачинки од Компир 🍠

Овие полнети палачинки од компир љубов на прво залче! Плус, се супер идеја за релативно брз ручек. Јас ги правев со мешавина од обичен и сладок компир, но можете да ги направите и само со обичен. Плус, можете да ги полните со што сакате и тоа ги прави одлични! Со што и да ги наполните, ќе бидат подеднакво вкусни. Јас овој пат ги полнев со: млад кромид, морков, брокула, печурки и тофу. И за многу кратко време добив многу вкусен и здрав оброк што може да се искомбинира со салата и хумус, или пак како прилог со друго јадење.

Крцкави се од надвор а меки и сочни од внатре. Може да им ставите и вегански (или обичен) кашкавал и внатрешноста ќе биде уште помека и растеглива. И покрај тоа што велам дека овие полнети палачинки од компир се идеја за ручек, сепак, се супер опција и за појадок, но и за вечера. Слободно наполнете ги и само со тофу, и ќе добиете супер протеински полнети палачинки од компир. Протеини засекогаш!

полнети палачинки од компир
полнети палачинки од компир

Како да ги направите овие полнети палачинки од компир?

  1. Сварете го и испасирајте го компирот
  2. Згответе го зеленчукот или соодветно подгответе го полнењето што ќе го изберете
  3. Формирајте палачинки, ставете од смесата, поклопете

Подолу го имате целосниот рецепт и начинот на подготовка а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Зошто да ги пробате овие полнети палачинки од компир?

Од повеќе причини (главните секако се дека се вкусни, дека се прават брзо и дека се многу вкусни):

  • Имаат супер количество на растителни влакна, антиоксиданси, растителни протеини, витамини и минерали
  • Имаат релативно малку калории но голема нутритивна густина, што ги прави супер за слабеење.
  • Немаат глутен, лесни се за варење, не ја оптоваруваат работата на црниот дроб и се идеални за балансирани оброци во здрава исхрана.
  • Благодарение на комбинацијата на калиум, магнезиум, фосфор и витамин B6, компирот помага во одржување на здрави мускули, коскено ткиво и правилна работа на нервниот систем.
  • Кога варениот компир ќе се олади, дел од неговиот скроб се трансформира во резистентен скроб – тип на јаглехидрат кој не се вари целосно и служи како храна за добрите бактерии во цревата.

Ова придонесува за подобра дигестија и порамномерно ниво на шеќер во крвта.

полнети палачинки од компир
Еве уште една идеја за ручек, брз, лесен и многу вкусен! Полнети палачинки од компир. Се прават многу едноставно и може да се полнат со што ти душа сака, па со тоа секој пат ќе имаш различен рецепт! Те охрабрувам да ги пробаш и секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍠 Полнети Палачинки од Компир 🍠

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење25 minutes
Вкупно време35 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

За Палачинки

  • 1 кг Компир може пола сладок, пола обичен
  • ½ шоља Оризово или пченкарно брашно
  • ¼ шоља тапиока или пченарен скроб – густин (нишесте)
  • прстофат Сол

За полнење

  • 1 поголем Морков изрендан
  • 3 Млади кромитчиња исецкани
  • ½ шоља Брокула ситно исецкана
  • ½ шоља Печурки ситно исецкани
  • 200 гр. Тофу изгмечено/изренадно
  • 1 к.л. Зеленчуков зачин
  • 1 к.л. Димена пипер
  • 1 с.л. Доматна паста
  • 1 с.л. Маслиново масло
  • 1 к.л. Мисо паста опционално

Инструкции

  • Излупете ги и сварете ги компирите.
  • Во подлабок сад изгмечете ги и додадете ги брашната и солта.
  • Во меѓувреме загрејте го маслиновото и згответе го зеленчукот и тофуто додека да добиете убаво зготвена смеса за полнење.
  • Формирајте плескавица. Во средината ставете од полнењето и завиткајте додека да го обвиткате полнењето.
  • На нелеплива тава ставете малку маслиново и пржете ги по неколку минути додека да фатат коричка.
  • Алтернативно, можете да ги готвите и во air-fryer.

Вкупно порции: 9 помали или 6 поголеми палачинки
(препорачана порција: 3 помали или 2 поголеми палачинк1)
Нутритивни вредности од порција: (*засметано без додатоци, салати и слично)
Калории: 469 kcal.
Протеини: 17 гр.
Јаглехидрати: 70 гр.
Масти: 10,8 гр.
Влакна: 10,3 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .