🍠 Полнет сладок компир (блага варијанта) 🍠

полнет сладок компир (блага варијанта)

Полнет сладок компир правам често, но секогаш во солена варијанта. Овој пат направив блага варијанта и искрено, не знам зошто порано не ми текнало. Слаткиот компир има природно сладок и кремаст вкус, па всушност е одлична основа за десерт, а не само за ручек или вечера. Уште една блага варијанта со сладок компир се овие палачинки.

Всушност, слаткиот компир е една од оние намирници кои супер се вклопуваат и во слатки и во солени рецепти. Неговата природна сладост станува уште поизразена кога ќе се испече, а текстурата одвнатре станува мека и кремаста. Покрај тоа, слаткиот компир е извор на сложени јаглехидрати и растителни влакна, а е и особено богат со бета-каротен, кој организмот може да го претвори во витамин А. Тоа го прави интересна намирница не само поради вкусот, туку и поради нејзината хранлива вредност.

Исто така, овој полнет сладок компир освен што е е богат со витамини и минерали, содржи и растителни протеини но пред се, многу е вкусен.

И така, наместо класичен колач, торта или десерт со многу тесто, путер и шеќер, добиваш нешто што е многу едноставно, а сепак изгледа и се чувствува како вистински десерт.

За целиот рецепт скролни надолу а кај мене на инстаграм во reels имаш и кратко видео одподготовката!

Како овој полнет сладок компир да биде уште поинтересен?

Кога станува збор за вакви импровизирачки рецепти, комбинациите се речиси бесконечни.

Јас го комбинирав со благо матено тофу (за протеин), банана, боровинки, малку рендано црно чоколадо и путер од кикирики. Но ќе ти дадам уште идеи:

  • Путер од јатки по избор, мелени семки тиква, малини (додади и грчки јогурт доколку јадете)
  • Стопено црно чоколадо, морска сол, праска, семе коноп
  • Тофу или грчки јогурт, цимет, сецкани урми, портокал

Всушност, может да додадеш какво било свежо или сушено овошје: банана, јаболко, бобинки, урми или суво грозје можат целосно да го променат карактерот на десертот. Практично не мора секогаш да се следии некој рецепт до последниот грам. Овој полнет сладок компир е одличен токму затоа што може да се прилагоува според сечиј вкус.

полнет сладок компир (блага варијанта)
polnet sladok kompir (blaga varijanta)

Зошто да го направиш овој рецепт?

Еве една причина зошто јас сакам да го правам. Супер идеја е за деновите кога сакам нешто благо, но не сакам да поминувам многу време во кујна. Слаткиот компир може да се испече однапред, а потоа само да се додадат останатите состојки кога ќе дојде време за јадење.

Уште една причина што никако не се занемарува е што е многу вкусен, нутритивно богат и здрав.

И секако, причина плус зошто да го направиш овој полнет сладок компир во блага варијанта е што секој пат можеш да си направи различна варијанта и комбинација.

И навистина, понекогаш најдобрите идеи се токму оние што ќе ни паднат на памет кога ќе решиме да направиме нешто мааалку поинаку.

Љубител си на сладок компир, но сакаш десерт што не мора долго да го правиш? Нема проблем, направи го овој полнет сладок компир во блага варијанта! Супер е, вкусен, здрав, и нутритивно богат. И секако, доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

Полнет Сладок компир (блага варијанта)

Prep Time5 minutes
Cook Time45 minutes
Total Time50 minutes
Author: Марија Марија Марија

Equipment

  • блендер за тофу крем

Ingredients

  • 1 мал Сладок компир
  • 1 к.л. Маслиново масло
  • ½ Банана
  • ¼ шоља Боровинки
  • 2 к.л. Путер од Кикирики
  • 1 с.л. Црно чоколадо, рендано

Тофу Крем

  • 100 гр. Тофу
  • 1 с.л. Ванила екстракт
  • ½ к.л. Цимет
  • ½ к.л. Мед или засладувач по вкус
  • 2 с.л. Растително млеко за да се избленда тофуто

Instructions

  • Убаво измиј го компирот и избоцкај го со вилушка.
  • Стави му го маслиновото, убаво премачкај го и замотај го во фолија.
  • Стави го да се пече минимум 45 минути во претходно загреана рерна на 160.
  • Откако ќе се испече, остави го да се олади за да можеш да го пресечеш.
  • Во меѓувреме, направи го тофу кремот, така што ќе ги ставиш сите состојки во блендер и ќе блендаш додека да добиеш хомогена смеса. Расително млеко може да ти треба повеќе или помалку, зависно колку густ сакаш да биде кремот.
  • Опционално, можеш да додадеш и протеин во прав.
  • Испечениот и оладен компир исечи го, изгмечи ја внатрешноста, додади го тофу кремот и овошјето и послужи.

Вкупно парчиња: 1 полнет сладок компир
(препорачана порција: 1/2 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 274.6 kcal
Протеини: 10.2 гр.
Јаглехидрати: 27.4 гр.
Масти: 13.75 гр.
Влакна: 10.7 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

error: