🫘 Плескавици од Леќа и Грав 🫘

плескавици од леќа и грав

Ако бараш вкусен, хранлив и заситувачки оброк, овие плескавици од леќа и грав се твојот денешен избор! Комбинацијава од мешунки им дава богата текстура на плескавица, многу растителни протеини и влакна, а зачините и останатите состојки (скролни долу за целата листа) го прават секој залак полн со вкус.

Уште еден хранлив и вкусен оброк без месо

Леќата и гравот се одлична основа за плескавици бидејќи лесно се комбинираат со различни зачини, зеленчук и додатоци. Може да се послужат во лепче како класичен бургер, во тортиља (од леќа, како што направив јас, за уште повеќе протеини), или со свежа салата, печени компири или омилениот сос (јас ги правев со мојот протеински мајонез и беа врвни).

Една од најголемите предности на овие плескавици е нивната практичност. Може да се подготват однапред и да се чуваат во фрижидер ден-два, за брз ручек или вечера во текот на неделата.

плескавици од леќа и грав

Како да ги направиш овие плескавици од леќа и грав

Подготовката на моите плескавици од леќа и грав е релативно брза и лесна. Јас леќата ја варам претходно (за овој рецепт зелена/кафена), а користам црвен или црн грав од конзерва (зависно каков ќе најдам). Ставам се заедно во процесор за храна и блендам, а потоа формирам плескавички и печам. Може и да се пржат, но печената варијанта е подобра бидејќи има минимално масло, а соо тоа и помалку калории.

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во овој пост, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Знам дека имам повеќе рецепти за плескавици, но верувај ми секој еден заслужува да биде пробан!

Да, уште едни плескавици, овој пат со леќа и грав. Повторно богати со протеини и растителни влакна. Повторно МНОГУ вкусни. Така што, те охрабрувам да ги пробаш! И секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫘 Плескавици од Леќа и Грав 🫘

Prep Time10 minutes
Cook Time20 minutes
Total Time30 minutes
Author: Марија Марија Марија

Equipment

  • процесор за храна

Ingredients

  • 1 шоља Црвен или црн грав од конзерва убаво исплакнат и исцеден
  • 1 шоља Зелена / кафена леќа претходно сварена
  • 1 Морков
  • 3 Млади кромитчиња
  • 1 с.л. Доматна паста
  • 1 с.л. Сенф
  • 2 с.л. Нутритивен квасец
  • 1 с.л. Соја сос
  • 1 к.л. Зеленчуков зачин
  • 1 к.л. Димена пипер
  • ½ к.л. Кумин или Тако зачин
  • 1 к.л. Провансалска или Италијанска мешавина зачини или други зачини по вкус
  • 3 Сушени чери домати

Instructions

  • Ставете ги сите состојки во блендер и блендајте додека да добиете еднолична смеса.
  • Формирајте плескавици и наредете ги на тавче за печење, обложено со хартија за печење.
  • Печете 20тина минути, во претходно загреана рерна на 170.
  • Послужете ги со салата, во врап или со прилог по желба.
  • п.с. одлично одат со мојот протеински мајонез без масло.

Вкупно парчиња: 7 големи плескавици
(препорачана порција: 3 парчиња)
Нутритивни вредности од порција: ** само плескавици
Калории: 253,97 kcal
Протеини: 18.43 гр.
Јаглехидрати: 29.44 гр.
Масти: 2,52 гр.
Влакна: 12,1 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

error: