Како некој кој постојано бара начини побрзо да подготви појадок или вечера, овие печени палачинки во тава мислам дека ќе ми станат нов најдобар пријател! Не само што се брзи и лесни за подготовка, туку се и многу практични. Целата смеса за палачинки едноставно ја истурате во тава за печење, додавате некое овошје по избор, јатки или црно чоколадо и ги ставате на печење. Иако не се класични, сепак сметам дека влегуваат во низата рецепти за палачинки. Она што исто е супер кај овие печени палачинки во тава е тоа што се одлични за meal-prep. Стојат во фрижидер, а може и да се замрзнат, па потоа да се стоплат на тостер за брз и многу лесен оброк.
Исто така, немаат воопшто масло, па се погодни и за најстрогите пости. Имаат 9 состојки што со сигурност ги имате дома а за да ја подготвите смесата, потребен ви е само блендер.


Зошто овие печени палачинки во тава
Не знам дали вашето семејство сака палачинки исто колку моето (Каи особено), но кај нас палачинки се дел од утринскиот викенд ритуал. Но, превртувањето обични палачинки може да одземе доста време (особено ако правеите за повеќе гладни усти). Со овие печени палачинки во тава го немате постојаниот натпревар со времето. Плус, може да направите голема количина за целото семејство (или повеќе луѓе) во една голема тава. А може и да ги прилагодите со омилените додатоци и преливи на секого. Искрено, ова е генијално!
Јас ги правев со боровинки и малини – затоа што Каи ги обожава. Но, вие можете да ги направите со чоколадни капки, јагоди, банана, јатки, семки, чиа џем, домашна нутела или со булвално се што ќе ви посака душата.



Како да ги направите овие палачинки?
Мојот рецепт е поздрав и многу лесен, со само 9 состојки. Немаат глутен бидејќи ги правев со овесно брашно, но можете да ги направите со какво брашно сакате, доклку не внимавате на тоа. Јас ги правев во блендер и буквално смесата е готова за две минути. Потоа печете уште 150тина и тоа е тоа. Имате готов оброк! Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels.




Доколку сакаш да палачинки, но ете баш денес не се чувствуваш дека сакаш да стоиш и да вртиш палачинки на тавче, тогаш дефинитивно треба да ги пробаш овие печени палачинки во тава. Многу се брзи, лесни и секако - вкусни! Те охрабрувам да ги пробаш и секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🫐 Печени палачинки во тава 🫐
Oпрема
- блендер
- тавче за печење
Состојки
За Палачинки
- 1 Банана
- 1 шоља Овесно брашно мелени овесни снегулки
- 1 шоља Растително млеко
- 1 к.л. Прашок за печиво
- ½ к.л. Сода бикарбона
- 1 к.л. Цимет
- 1 с.л. Ванила екстракт
- 1 с.л. Мед или јаворов сирупш / сируп од урми
За декорација
- 1 шоља Малини
- 1 шоља Боровинки
Инструкции
- Ставете ги сите состојки за палачинките во блендер и блендајте додека да добиете еднолична смеса.
- Обложете тавче за печење со хартија за печење и истурете ја смесата.
- Декорирајте со овошје или со додатоци по вкус.
- Ставете во претходно загреана рерна на 160 и печете 15тина минути, додека да добијат златножолта боја.
- Оставете малку да се оладат, исечете и послужете.
Вкупно порции: 4 палачинки
(препорачана порција: 1 палачинк1)
Нутритивни вредности од порција: (*засметано со додатоците од рецептот)
Калории: 233 kcal.
Протеини: 7 гр.
Јаглехидрати: 37,4 гр.
Масти: 3,9 гр.
Влакна: 7 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .


