Оваа моја Наутела – Нутела од Наут, освен што има супер фраерско име, е многу здрава алтернатива за сите љубители на познатиот сладок крем! 🍫
Е сега ќе речете „Што ти текна нутела од наут, кога веќе имаш ФЕНОМЕНАЛНА домашна нутела?“ И еве го мојот одговор… Мојата Наутела – Нутела од Наут е богата со протеини, диететски влакна а има многу помалку масти од онаа со лешник што е навистина феноменална.
Едноставно сега имате две опции една со лешник и оваа со наут. Зависно од преференциите и секако, расположливите намирници дома. Инаку оваа Наутела – Нутела од Наут има само 5 состојки и се прави многу лесно. Целиот рецепт го имате подолу во оваа објава, а постапката можете да ја видите и кај мене на инстаграм во reels.
Што ја прави оваа Наутела посебна?
- Наут: Богат со растителни протеини, влакна и железо, наутот е идеален за енергичен почеток на денот. Ја поттикнува дигестијата и ви помага да се чувствувате сити подолго.
- Урми: Полни со природни шеќери, антиоксиданти и минерали како магнезиум и калиум – урмите се вистински извор на здрава енергија.
- Рогач: Оваа суперхранлива замена за какао е богата со калциум, нема кофеин, и го поддржува здравјето на коските и срцето. Секако, можете да употребите и квалитетно какао, но јас се решив за рогач за да може овој рецепт да биде baby-friendly.
Секако, слободно рогачот можете да го замените со Какао, доколку кремчево не го јадат деца под 2 год.
Зошто да ја направите оваа Наутела – Нутела од Наут?
Затоа што е многу вкусна и здрава!! Оваа Наутелa – Нутела од Наут не содржи рафиниран шеќер, масло или дополнителни додадоци. Има многу помало количество на масти во однос на лешниците и плус е:
✅ 100% растителна
✅ Богата со протеини и нутриенти
✅ Вкусна и кремаста
✅ Лесна за подготовка
✅ Со гооолем потенцијал да ви стане новиот омилен рецепт
Како да ја искомбинирате мојата Наутела – Нутела од Наут?
Како и секој друг чоколаден намаз, така и оваа Наутела – Нутела од Наут, можете да ја јадете во различни компбинации, па еве листа на сите мои рецепти со коишто можете да ја искомбинирате:
🥞 Палачинки
🧁 Мафини
🥨 Крекери
🍩 Крофни
🍞 Или едноставно да си ја намачкате на лепче или пак на свежо овошје!
И иако сакам да ви пишувам уште причини зошто и идеи како, мислам дека нема потреба. Оставам на вас да ја направите и да ми пишете мислење!
Доколку си љубител на чоколаден крем, но сакаш поздрава варијанта со ЗНАЧИТЕЛНО повеќе протеини - тогаш мојата Наутела - Нутела од Наут е совршена за тебе! Многу е вкусна и здрава и дефинитивно те охрабрувам да ја направиш и пробаш. Секако, доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🍯 Наутела – Нутела од наут 🍯
Oпрема
- процесор за храна
Состојки
- 240 гр. Наут, исплакнат и убаво исушен и испечен (ова е тајната)
- 1 к.л. Маслиново масло
- 6 Урми, свежи
- ½ шолја Рогач или Какао за деца постари од 2 години
- 1 шолја Растително млеко (или вода) додавајте постепено
- 1 с.л. Ванила екстракт
- прстофат Сол
Инструкции
- Наутот убаво исцедете го, исплакнете го и повторно исцедете го.
- Ставете го на кујнска крпа и убаво исушете го.
- Ставете го на тавче за печење обложено со хартија за печење, додадете 1 лажиче маслиново и убаво измешајте.
- Печете го наутот, во претходно загреана рерна на 160 – 20 минути. Треба да биде малку печен, не пресув. Надгледувајте го бидејќи секоја рерна е различна, можеби ќе ви треба повеќе време, но можеби и помалку.
- Ставете го испечениот наут и сите останати состојки во процесор за храна и блендајте додека да добиете кремаста смеса. Млекото додавајте го постепено (можете да го замените со вода).
- Истурете во тегла со капак у чувајте во фрижидер.
Вкупно парчиња: 1 тегла (20 лажици)
(препорачана порција: 1 лажица)
Нутритивни вредности од порција: (**без додатоци, само крем)
Калории: 44,2 kcal.
Протеини: 2 гр.
Јаглехидрати: 8,18 гр.
Масти: 0,36 гр.
Влакна: 2,28 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .