Да, ова без сомнеж е најлесниот десерт на светот! Има само 4 состојки, доколку не додадете засладувач е природно засладен и состојките се ОДЛИЧНИ! Нема утка, нема маана, едноставно нема причина да не го пробате.


Колачињава (ако може така да ги наречам), настанаа сосем спонтано едно саботно претпладне, во отсуство на нешто благо. Немав ништо конкретно, но дома секогаш има кокос, какао, банани и црно чоколадо, па она што имав дома – го искористив! Јас немав потреба од засладувач но доколку сакате уште поблаго, можете да додадете 1 лажица јаворов сируп или сируп од урми (но имајте предвид дека тоа ќе ја зголеми калориската вредност засметана на крајот на овој пост).

Јас дефинитивно ќе ги правам често, бидејќи без дилема ова ми е најлесниот десерт на светот. Веројатно следниот пат ќе пробам со доза чоколаден протеин или можеби малку екстракт од ванила. Мислам дека има потенцијал за развивање во неколку насоки и мислам дека секоја нова насока ќе биде поинакво вкусно доживување.
Доколку ги направите, оставете ми коментар, баш ме интересира дали ви се допаднаа.
Инаку, освен што ќе ве заблажи, овој десерт ќе ви обезбеди доволна количина антиоксиданси, магнезиум, калиум и железо, што е супер, за десерт. Со само 50 калории од парче, со изедени 3 сте и калориски подмирени и добро заблажени!
Доколку се уште го немаш пробано и направено најлесниот десерт на светот, еве прилика! Нема изговори! Те охрабрувам, бидејќи е навистина вкусен и ПРЕЛЕСЕН. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🥥 Најлесниот десерт на светот 🥥
Состојки
- 1 поголема, зрела банана
- ½ шоља кокос
- 2 с.л. какао
- 1 с.л. јаворов сируп опционално
- ⅓ шоља црно чоколадо најдобро во капки
- 1 к.л. кокосово масло за топење на чоколадото
Инструкции
- Во подлабок сад ја пасирате бананата.
- Ги додавате останатите состојки и убаво мешате додека целата смеса да се соедини налик тесто.
- Со лажица вадите мали топчиња и формирате колачиња во големината што ви одговара.
- Ги ставате во фрижидер да се ладат, додека го топите чоколадото.
- Ги полевате со малку растопено чоколадо и ги враќате во фрижидер или замрзнувач да се стврдне чоколадната глазура.
Вкупно парчиња: 9
(препорачана порција: 3 парчиња)
Нутритивни вредности од порција (**без засладувач):
Калории: 150 kcal
Протеини: 2,22 гр.
Јаглехидрати: 16 гр.
Масти: 9,1 гр.
Влакна: 3,99 гр.
Антиоксиданси, магнезиум, калиум, железо
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

