Marija Marija Marija

🧁 Протеински мафини со леќа и јаболко 🧁

мафини со леќа и јаболко - Хедер
мафини со леќа и јаболко

Многу е убаво кога може да се направат мафини од се, па дури и вакви мафини со леќа и јаболко! Богати со растителни протеини и диететски влакна, овие мафини со леќа и јаболко се одлични за целото семејство (и за сите пребирливи јадачи што не сакаат да јадат леќа).

Се прават многу лесно и едноставно, супер се за meal-prep и стојат во фрижидер неколку дена – што значи можете да имате готов, домашен и здрав појадок или ужина следните 2-3 дена.

Зошто да ги направите овие мафини со леќа и јаболко

Најпрво, бидејќи се многу здрави, а потоа бидејќи се и многу вкусни! Во комбинација со малку путер од кикиритки и свежо овошје се супер појадок или ужинка за вас или вашите деца! Плус, мафини како мафини – лесни се за пакување, носење и секако – јадење!

Зошто баш оваа комбинација

Од толку многу објави, веќе не сум сигурна во која имам детално пишувано за леќата, во која за семките тиква. Но ајде на кратко… Комбинацијата на состојки во овие мафини од леќа и јаболко е супер хранлива и може да го зајакне имунитетот, да помогне во варењето, да ви даде енергија и да го заштити срцето и нервниот систем. А еве и зошто:

Леќа – богата со протеини, растителни влакна, железо, и магнезиум. Помага во подобрување на варењето на храната, стабилизирање на нивото на шеќерот во крвта и поддржува здрава функција на срцето.

Семки од тиква – полни со антиоксиданти, цинк, магнезиум и здрави масти. Цинкот е важен за имунитетот, додека магнезиумот го поддржува здравјето на срцето и нервниот систем.

Јаболко – извор на растителни влакна, особено пектин, кој помага во варењето и ги чисти токсините од телото. Јаболкото содржи и витамини, како витамин Ц, кој го зајакнува имунолошкиот систем.

Мед – има антибактериски и антиоксидативни својства. Го подобрува имунитетот и може да помогне при воспаленија и инфекции. Исто така, медот е природен извор на енергија.

Супер оброк и за вашите најмали

Доколку дома имате мал или пребирлив јадач, овие мафини со леќа и јаболко се одличен начин за да послуќите леќа, доколку манџата е одбиена. Многу се вкусни и ги имаат сите потребни хранливи материи не само за вас туку и за вашето малечко. Плус, стојат во фрижидер 5 дена, така што се супер и за meal-prep. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео за подготовка.

Да ве потсетам 👇🏻

Неколку фантастични рецепти со леќа

Неколку фантастични рецепти со семки тиква

И додека е очигледно дека МНОГУ користам леќа, треба малку повеќе да ги активирам и семките од тиква, и оваа листа да се збогати! Сега за сега, тука сме:

  1. Омлет од семки тиква
  2. Тортиљи од семки тиква
  3. Колаче од семки тиква
  4. Лепче со семки
  5. Крекери со многу зрна
Доколку си љубител на мафини или пак не јадеш леќа, овие мафини со леќа и јаболко се за тебе! Звучи контрадикторно ама вреди да се пробаат - чеќата не се чувствува а се многу здрави. Плус, се прават лесно и многу се вкусни и сочни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧁 Протеински мафини со леќа и јаболко 🧁

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време30 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • шоља Црвена леќа
  • ½ шоља Семки тиква
  • 1 Јаболко изрендано
  • 2 с.л. Кокосово масло растопено
  • 3 с.л. Јаворов сируп или Мед
  • 1 с.л. Ванила екстракт
  • 1 Ленено „јајце“ 1 с.л. мелено ленено семе, накиснето во 2,5 с.л. вода додека да се згусне како гел
  • 1 к.л. Цимет
  • 1 к.л. Сода бикарбона
  • 1 к.л. Прашок за печиво
  • ½ – 1 шоља интегрално спелт брашно почнете со половина шоља, и доколку ви делува многу течно, постепено додавајте уште малку, не повеќе од уште половина шоља

Инструкции

  • Ставете ја леќата во тенџерче на оган со 2 шољи вода и варете 10тина минути поклопено.
  • Сомелете ги семките додека да добиете текстура на брашно, а јаболкото изрендајте го.
  • Потоа, ставете ги сварената леќа, мелените семки, изренаданото јаболко и останатите состојки во процесор за храна и блендајте додека да добиете еднолична смеса.
  • Истурете во калап за мафини (најдобро силиконски или обложен со хартија за печење) отприлика 2/3 и печете во претходно загреана рерна на 160, 20тина минути
  • Оставете ги да се оладат пред да ги послужите.

Вкупно парчиња: 11
(препорачана порција: 2 мафини)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 203 kcal.
Протеини: 6,1 гр.
Јаглехидрати: 19,16 гр.
Масти: 10,9 гр.
Влакна: 3,11 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
**** Времето на печење зависи од типот и моќноста на рерната. Проверувајте ги да не ви загорат или пак да не случајно не се добро испечени

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .