Подетално за Мача и мача лате веќе имам напишано, па денес ќе се задржам на ова освежително ладно јагода мача лате. Затоа што верувале или не, Мача латето може да биде уште поинтересно, неверојатно освежително и вкусно! Ова е инаку втора комбинација на лате со вкус што ја правам. Првата беше со боровница и вишна (ќе ви го напишам и тој рецепт овде)
Доколку пиете мача лате, доколку ја читате објавава во лето и доколку барате нов, освежителен и летен мача вкус, ова јагода мача лате е совршениот избор за вас.
Кремаста, вкусна и слатка комбинација од мача, млеко и блендирани јагоди. А, освен што е атрактивно на изглед, има и одличен, освежителен овошен вкус, совршен за летно освежување.
П.С. ако ви се допаѓаат моите рецепти со мача, како на пример најдобриот мача чизкејк, тогаш за ова лате нема ни да дискутираме!
Јагода мача лате: овошен освежителен енергетски напиток
Придобивките од Мачата веќе ги знаеме, еден од најмоќните антиоксиданси со неверојатно многу здравствени придобивки, сега збогатен со благи јаготки, во чаша полна со многу лед.
Инаку, мачата и онака придонесува за подобро расположение, ама ова јагода мача лате, го подобрува расположението на друго ниво. Ќе ви даде енергија поради големото количество на кофеин а комбинацијата од витамин Ц уште повеќе го зајакнува имунитетот.
Направете си го, ви требаат само 5 состојки, чаша и мраз. А верувам дека ќе ви биде забавно и да го подготвите и сервирате (посебно на гости) 😎
За поубаво пиење, потрудете се јагодите да бидат сосем изблендани (јас сакам да имам парченца, ама реално, така потешко се пие).
И сосем за крај! Доколку не успеав да ве убедам со комбинацијата на вкусови, мислам дека изгледот дефинитивно ќе ве плени! Изгледа атрактивно, совршено – а мене такво ми е и на вкус! 🥰😍
‼️ Доколку не е сезона на јагоди, може да користите замрзнати, или пак да го направите ова лате со малини, вишни или боровници – всушност убаво е во секаква комбинација.
Доколку се уште го немаш пробано Мача, ти препорачувам да пробаш. За почеток, ова ладно јагода мача лате е супер избор за да не ти доминира вкусот на мачата. Плус, вкусно е, кремасто, освежително и овошно. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под одовј пост.
🍓 Ладно Јагода Мача Лате 🍓
Oпрема
- рачен блендер / блендер
- маталка за кафе
Состојки
- ½ к.л. Мача
- 50 мл. Топла вода
- 150 мл. Растително млеко по желба
- ½ шоља Јагоди испасирани/изблендани
- 1 к.л. Засладувач опционално
- Мраз
Инструкции
- Испасирајте ги или изблендајте ги јагодите со малку засладувач (доколку користите).
- Ставете ги јагодите во чаша и ставете го мразот.
- Изматете го млекото со маталка или машина за пена и ставете го врз јагодите.
- Во посебен сад растворете ја мачата во топла вода со помош на бамбусова маталка (шасен) или електрична маталка.
- Внимателно истурете ја подготвената мача во во чашата. Истурајте полека за да добиете убави три слоја.
Вкупно парчиња: 1 шоља
(препорачана порција: 1 шоља)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 150 kcal
Протеини: 2,22 гр.
Јаглехидрати: 16 гр.
Масти: 9,1 гр.
Влакна: 3,99 гр.
Антиоксиданси, магнезиум, калиум, железо
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
🌿 Moya Matcha
Брендот Моya Matcha е автентична јапонска и органска мача која се одгледува во регионот Уџи во префектурата Кјото, познат по одгледувањето на најквалитетен зелен чај повеќе од 800 години. Регионот Уџи е познат по неговите плодни почви и чиста вода. Чајните билки таму имаат идеални услови за растење благодарение на ридовите кои обезбедуваат добра сончева светлина, честите магли кои ги штитат нежните лисја од мраз и големото количество на врнежи.
Бидејќи со Моya Matcha сме долго пријатели, со искористување на кодот „МММ10“ при порачка на некој од произвидите, добивате 10% попуст.
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .