Овие крекери со домати се еден од оние рецепти што совршено го доловуваат вкусот на летото: зрели домати што мирисаат на сонце, медитерански билки, едноставни состојки и мнооооогу крцкање буквално со секое залче. Овие крекери се толку едноставни и речиси и да не бараат многу труд. А изгледаат како да се послужени на мала тераса покрај море. И секако дека летото, морето и медитеранот ме инсипираа за овие крекери со домати, овес и тофу. Лесни, хранливи и богати со растителни протеини и диететски влакна. Иако на прв поглед изгледаат прилично обично, тие се многу повеќе од тоа. Благодарение на комбинацијата од овес и тофу, добиваш крекери богати со растителни протеини, диететски влакна и сложени јаглехидрати за подолготрајна ситост! Плус, доматите внесуваат природна сочност и лесна киселкаста свежина. Додека ароматичните зачини го заокружуваат вкусот и му даваат оној препознатлив медитерански карактер.


Зошто овие крекери со домати?
Една од работите што најмногу ми се допаѓа кај овие крекери со домати, е нивната разновидност. Подеднакво добро функционираат како лесен појадок, попладневна ужина, додаток покрај салата или како дел од летна даска со хумус, маслинки, свеж зеленчук и намази.
Особено се практични затоа што можат да се подготват однапред и неколку дена да останат крцкави ако се чуваат во затворен сад. Па така, кога ќе посакаш нешто брзо, наместо купечки грицки полни со заситени масти шеќери и непотребни адитиви, имаш домашна алтернатива направена од вистински, целосни намирници. Тофуто не само што ја збогатува хранливата вредност, туку придонесува и за пријатната структура на крекерите. Овесот, пак, дава природна полнота и е одличен извор на бета-глукани, растворливи влакна кои придонесуваат за подолго чувство на ситост и поддршка на здравјето на срцето. Заедно создаваат комбинација што не е само вкусна, туку и функционална. Особено ако се трудиш да внесуваш повеќе растителни протеини во секојдневната исхрана.
За целиот рецепт и начинот на подготовка скролнете надолу во овој пост. А секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Медитеранската исхрана одамна се смета за еден од најбалансираните начини на исхрана во светот. А нејзината убавина лежи токму во едноставноста. Наместо строги правила, таа нè учи да избираме сезонски намирници. Да готвиме со свежи состојки и да уживаме во секој залак. Во овие крекери токму тоа доаѓа до израз. Сочните домати носат ликопен, моќен антиоксиданс по кој се препознатливи. Овесот обезбедува стабилна енергија, а тофуто додава квалитетни растителни протеини без непотребни заситени масти. Кога сето тоа ќе се спои со зачини и мааааалку екстра девствено маслиново масло, резултатот е рецепт што мириса на лето и на медитерански двор…


Доколку и ти како мене сакаш крцкави крекери, што ќе станат дел од твоето летно секојдневие, тогаш мораш да ги пробаш овие крекери со домати. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни и се прават навистина брзо и лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍅 Крекери со Домати 🍅
Equipment
- процесор за храна
Ingredients
- 2 шољи Овесни снегулки
- 3 мали Домати
- 1 с.л. Чиа
- 100 гр. Тогу изрендано
- 2 с.л. Нутритивен квасец
- 1 с.л. Маслиново масло
- 2 к.л. Медитеранска мешавина зачини оригано, сол, мелен зеленчук, мајчина душица, рузмарин – или други зачини по вкус
Instructions
- Стави ги сите состојки во блендер и блендај додека да добиеш еднолична смеса.
- На тавче за печење обложено со хартија за печење, премачкај малку маслиново и истури ја смесата.
- Смесата распредели ја еднакво во тенок слој на тавата.
- Печи во претходно загреана рерна на 160, 15-тина минути, зивади ги, исечи ги и печи уште 20-тина минути.
- Секоја рерна е различна, за да бидат крцкави, можеш да ги извадиш крајните парчиња, а средишните да ги оставиш уште 15-тина минути.
Вкупно парчиња: 50 крекери
(препорачана порција: 18 крекери)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 381,6 kcal
Протеини: 17 гр.
Јаглехидрати: 39,24 гр.
Масти: 13,82 гр.
Влакна: 10.8 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .
