Овие чоколадни колачиња со леќа се еден од оние „ај да пробам“ рецепти што излегуваат неверојатно вкусни! По структура се како познатите chocolate-chip cookies, само полни со протеини, диететски влакна, витамини и минерали. И нормално, природно засладени! Во едно колаче има 7,8 грама растителен протеин и 234 калории што ги прави супер ужинка!
Не ви велам дека се најдобрите колачиња на светот, ама ви велам дека треба да ги пробате и да заклучите дека се едни од најдобрите колачиња на светот!
Ем колаче, ем здраво: магијата на леќата!
Вообичаено, кога мислиме на колаче (или каков било десерт), обично замислуваме нешто слатко, но ретко замислуваме нешто здраво. Пријзнај!
А сега ако ти кажам дека колачињата можат да бидат и вкусни, да те заблажат, но и да бидат корисни за твоето здравје? Епа такви се моите колачиња со леќа – неочекувана комбинација, но совршен баланс на вкус и хранливост.
Зошто баш овие колачиња со леќа?
Леќата e позната по своите бројни здравствени придобивки, и според мене, е вистински суперхерој во светот на храната. Иако многумина ја потценуваат, или не ја консумираат, леќата е полна со растителни протеини, растителни влакна и минерали кои му даваат енергија и сила на твоето тело. Но, што ја прави уникатна и уште поинтересна е тоа што лесно може да биде манџа, вафли, лепче, или пак сочни, меки и неодоливи колачиња.
Со секое залче, ќе почувствуваш вистинско слатко задоволство. Е сега, можеби нема да почувствуваш, ама ќе знаеш колку природните состојки (во случајов леќата) можат да бидат здрави но и неверојатно вкусни. Овие колачиња со леќа, не само што ќе ја задоволи твојата потреба од благо, туку и ќе ти дадат причина повеќе да уживаш без грижа на совест.
Совршени се за со утринско кафе или чај, за ужинка во текот на денот, а супер се и за да ги изненадиш пријателите за време на празниците!
И мислам дека многу ги испофалив, така што ако немате леќа, набавете под итно. Целиот рецепт го имате подолу во овој пост а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.
Доколку си љубител на колачиња, но сакаш да се храниш поздраво, овој рецепт е за тебе! Моите колачиња со леќа се многу вкусен, брз, лесен и мноооогу здрав рецепт, во којшто верувај ми, ќе се заљубив на прво залче. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍪 Колачиња со Леќа 🍪
Oпрема
- процесор за храна
- хартија за печење
Состојки
- 1 шоља Кафеава/Зелена леќа несварена, односно 1½ шоља, сварена и УБАВО исцедена
- ½ шоља Путер од кикирики
- ½ шоља Овесно брашно мелени овесни снегулки
- ¼ шоља Сируп од урми или засладувач по вкус
- 1 с.л. Ванила екстракт
- 1 к.л. Прашок за печиво
- прстофат Сол
- ½ шоља Црно чоколадо (во капки или ситно исецкано)
- 2 с.л. Кокос опционално
Инструкции
- Најпрво сварете ја леќата, 20тина минути, додека да омекне. Можете да користите и леќа од конзерва, и во тој случај скокнете го варењето.
- Во процесор за храна ставете ги сите состојки освен чоколадото и кокосот и блендајте додека да добиете хомогено тесто.
- На крај, додадете го црното чоколадо и кокосот (доколку користите) и убаво промешајте.
- Со супена лажица вадете од тестото, формирајте топла и наредете на тавче за печење, обложено со хартија за печење и притиснете за малце да се израмни.
- Можете да ги направите и во други форми – нема да се рашират, ќе бидат ткави какви што ќе ги направите.
- Печете во претходно загреана рерна на 170, 13 минути – но гледајте ги да не ви загорат, бидејќи секоја рерна пече различно.
- Оставете ги убаво да се оладат пред да ги јадете (за малку да се стврднат)
Вкупно парчиња: 9
(препорачана порција: 2 колачиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 468,4 kcal
Протеини: 15,7 gr.
Јаглехидрати: 40,8 gr.
Масти: 24,4 gr.
Влакна: 8,92 gr.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка **** Времето на печење многу зависи од рерната. Погледнувајте ги по 15 минути печење.
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .