Marija Marija Marija

🍏 Колаче со јаболка 🍏

Колаче со јаболка - Хедер
колаче со јаболка

Ова колаче со јаболка, е вистинско слатко задоволство што ќе ви го нахрани телото ама и душата! Плус, има ли нешто поубаво од мирис на печено јаболко?

Иако ова не ми е прво колаче со јаболка, сепак е поинакво и многу, ама МНОГУ вкусно! Со само 5 состојки (и. мислам дека сум сигурна дека ги имате по дома) ова колаче со јаболка не е само десерт – туку може да биде и вистински здрава ужинка што ќе ве исполни со енергија!

Се прави брзо и лесно и целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во овој пост, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels

Јас го прелив со стопено црно чоколадо, (бидејќи животот нема логика без црно чоколадо) но вие можете и да го послужите без чоколадо.

Зошто токму ова колаче со јаболка?

Оваа комбинација на состојки не само што има неодолив вкус, туку има и многу нутритивни придобивки. За секоја состојка имам многу пишувано во моите други објави и рецепти, но еве овде на кратко:

Јаболката се природен извор на влакна и антиоксиданси коишто го помагаат варењето и го штитат телото од штетните слободни радикали.

Урмите се природен засладувач, што ја намалува потребата одкористење на рафиниран шеќер, и се богати со магнезиум и железо, коишто го поддржуваат енергетскиот баланс.

Оревите се уште една суперхрана и суперизвор на здрави масти, кои го подобруваат функционирањето на мозокот и го намалуваат лошиот холестерол.

Овесните снегулки обезбедуваат комплексни јаглехидрати кои постепено ослободуваат енергија и ве држат сити подолго.

колаче со јаболка

Индивидуални убави вкусови споени во еден супервкус!

Мирис на печени јаболка со цимет, комбиниран со карамелизирана слаткост од урмите и крцкавиот вкус на оревите, надополнети со текстура од овесните снегулки што секое залче го прави вистинско уживање. И признавам, му дадов многу епитети ама вистина е многу освежително и вкусно и дефинитвно треба да се проба. Плус, одлично е и за:
☕️ Појадок со кафе или чај,
🍫 Брза ужинка на работа или училиште,
🍰 Десерт што ќе ги воодушеви и гостите

Доколку поздрав и многу ароматичен и вкусен десерт, тогаш те охрабрувам да го направиш което колаче со јаболка. Многу е вкусно и здраво и многу лесно се прави. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍏 Колаче со јаболка 🍏

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење40 minutes
Вкупно време50 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна
  • тавче (калап) за печење
  • ренде

Состојки

  • 1 шоља Овесни снегулки
  • 1 шоља Ореви
  • 1 шоља Урми свежи или убаво накиснати и исцедени за да се меки
  • 1 с.л. Ванила екстракт
  • ¼ шоља Растително млеко
  • 3 средни Јаболки излупени и изрендани
  • 1 с.л. Цимет
  • 1 с.л. Сируп од урми или мед/засладувач по вкус
  • 80 гр. Црно чоколадо
  • 1 к.л. Кокосово масло

Инструкции

  • Излупете ги и изрендајте ги јаболката во подлабок сад.
  • Во изренданите јаболка, додадете го циметот и сирупот од урми (или засладувачот што ќе го користите). Тргнете на страна.
  • Во процесор за храна, ставете ги овесните снегулки, оревите, урмите, ванилата и млекото и блендајте додека да добиете еднолична смеса (тесто).
  • Во намастено тавче за печење или силиконски калап, ставете половина од смесата (тестото) и убаво натапкајте (израмнете).
  • Врз тестото, додадете половина од јаболките и убаво распоредете ги (натапкајте).
  • Врз јаболките додадете ја и втората половина од тестото и убаво распоредете (најдобро со раце, бидејќи смесата е леплива).
  • * Важно: распоредувањето не мора да е совршено!
  • На крај, завршете со остатокот од ренданите јаболки, убаво распоредете ги и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 160, 40-тина минути.
  • Повремено погледнувајте го, бидејќи секоја рерна е различна. Можеби ќе ви требаат 40, можеби 45 а можеби и 50 минути. Моето беше супер за 40 минути.
  • Растопете го црното чоколадо со кокосовото масло и прелијте го колачето со растопеното чоколадо.
  • Оставете да се олади и послужете.

Вкупно парчиња: 8 коцки
(препорачана порција: 1 коцка)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 257,75 kcal
Протеини: 4,54 gr.
Јаглехидрати: 26,25 gr.
Масти: 13,25 gr.
Влакна: 6,1 gr.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

Оставете коментар

Your email address will not be published. Потребните полиња се обележани со *