Брза, лесна, здрава и вкусна
Оваа каша од хељда е вашата нова овесна каша за појадок. Воедно, ова е уште еден начин да внесете хељда во вашата дневна исхрана. Инаку, веќе имам објавено неколку рецепти со хељда и за појадок и за ручек. Со уште еден рецепт, изборот од ден во ден ви се зголемува. Сè што треба да направите е да го пронајдете вкусот и начинот на подготовка на хељдата. Одберете ја опцијата што најмногу ви се допаѓа и што најлесно можете да ја инкорпорирате во вашата секојдневна исхрана.
Инаку оваа каша е толку брза, лесна и едноставна за правење, што е неверојатно. Плус, нутритивно многу богата и многу вкусна, што едноставно нема логика да не ја направите. А доколку ова не беа доволно причини за да ја пробате оваа хаша од хељда, можам да додадам и дека лесно можете да го адаптирате вкусот, со тоа што ќе ставате различни додатоци.
Бесконечно многу варијации
Како и со останатите каши, така и оваа каша од хељда лесно се прилагодува и нејзиниот краен вкус ќе зависи од додатоците што ќе ги ставите.
Јас секој пат ја правам различно, но, мислам дека комбинацијата со јагоди и боровници ми е најосвежителна и највкусна – особено во пролет и лето.
Инаку, можете да ја направите и со рендано јаболко, мелено ленено семе и цимет, но мене лично ова ми е некако повеќе есенска комбинација.
Следен пат ќе пробам да ја направам со какао, црно чоколадо и путер од лешници. Мислам дека ќе добијам чоколаден „нутела“ вкус. Доколку ја пробате оваа варијанта пред мене, оставете ми коментар каква е.
Три главни состојки
Сем хељдата, што е секако во главната улога, јас секогаш ставам банана и 2 урми – за да добијам блажина на кашата. Секако, може да додадете дозерка протеин па дури и растително млеко, доколку ви се потребни повеќе калории. Послужете ја со лажица кокосов или бадемов јогурт, коскос или семе од коноп и свежо овошје.
Доколку се уште ја немаш пробано и направено мојата каша од хељда, стани и накисни си хељда за утре. Те охрабрувам, бидејќи се прави за 5 минути и е многу здрава. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🍲 Каша од Хељда 🍲
Oпрема
- блендер
Состојки
- ⅓ шоља Хељда исплакнета и накиснета преку ноќ
- 1 Зрела банана помала
- 2 Урми без семка
- 1 с.л. Ванила екстракт
- ½ шоља Јагоди
- ⅓ шоља Боровници
- 1 дозерка Протеин опционално
- ½ шоља Вода
Инструкции
- Убаво исплакнете ја и накиснете ја хељдата преку ноќ.
- Следното утро, ставете ги сите состојки во блендер и блендајте додека да добиете еднолична смеса. Толку.
- Декорирајте по желба. Некои идеи за да ја послужите оваа каша: кокосов јогурт; семе коноп; свежи јагоди; гранола; мелено ленено семе…
- Од состојките се прават 2 порции.
Вкупно порции: 2
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 374,8 kcal.
Протеини: 5,22 гр.
Јаглехидрати: 25,28 гр.
Масти: 31,01 гр.
Влакна: 10,69 гр.
Антиоксиданси, магнезиум, калиум, железо
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .