Marija Marija Marija

🍪 Какао колачиња со бадеми и чиа 🍪

колачиња од бадем и чиа - Хедер

Овие колачиња со бадеми и чиа ги направив по грешка и испаднаа најдобрите бисквит колачиња – здрави и многу вкусни до толку што ги правев три пати по ред (и не ми делува дека ќе престанам!🙄)

Ова веќе го објаснив кога прв пат ги објавив на мојот инстаграм профил. А како ги направив по грешка? Кога ги подготвував состојките за куглофот со афион и лимон, во мелените бадеми наместо афион сум ставила чиа (заклучок: не се готви во темница). Епа следното сабајле кога видов, решив да импровизирам со што најдов и… Аплауз и Овации! 🎉 Сериозно, мнооооооогу се вкусни и со супер состојки!

Крцкави и меки

Самото име ви кажува за состојките и мислам дека овој пат нема потреба да пишувам колку се добри и важни за вашето здравје (многу!). Така што, мислам дека може да се задржиме на текстурата и на вкусот на овие колачиња со бадеми и чиа…

Сакам да кажам дека се нешто помеѓу бисквит и колаче. Крцкави се и меки, и мислам дека веќе ви најбројав доволно причини за да ги пробате. Одлично одат со кафе и чај. Како ужина или десерт – одлични во секоја комбинација.

колачиња со бадеми и чиа

Јас ги комбинирав со фростингот од индиски ореви што го искористив и за куглофот со лимон и афион и баш беа вкусни. Плус, со самиот факт што се прават брзо и лесно, дефинитивно сте без оправдувања сошто да не ги направите наместо да изедете некое купечко благо. Не заборавајте на количината на преработен шеќер и конзерванси што овие производи ги имаат. Доколку десертот си го направите сами, знаете точно што и колку внесувате. А тоа е навистина многу важно!

Доколку се уште го немаш пробано моите здрави какао колачиња со бадеми и чиа, еве прилика! Те охрабрувам, бидејќи се превкусни и секако, здрави. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍪 Какао колачиња со бадеми и чиа 🍪

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење10 minutes
Вкупно време20 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • тавче и хартија за печење
  • чаша

Состојки

  • 2 шољи мелени бадеми
  • ½ шоља какао
  • 3 сл.л чиа семе
  • ½ шоља кокос
  • 3 с.л. јаворов сируп или засладувач по желба
  • 3 с.л. кокосово масло стопено
  • 1 к.л. сода бикарбона
  • 3 с.л. врела или зовриена вода

Инструкции

  • Загрејте ја рерната на 160.
  • Измешајте ги бадемите, кокосот, чиата, какаото.
  • Додајте ја содата и полијте со врелата вода.
  • На крај додајте ги јаворовиот сируп и растопеното кокосово масло.
  • Добро измешајте и направете топчиња што ќе ги редите на плех обложен со хартија за печење.
  • Со дното од чаша нешно притиснете го секое точе за да добиете рамни колачиња.
  • Печете ги 10-тина минути (проверувајте ги да не загорат!).
  • Оставете ги да се оладат (и зацврстат) пред да ги јадете.

Вкупно парчиња: 10
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории:
Протеини:
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
**** Времето на печење многу зависи од рерната. Погледнувајте ги по 15 минути печење.

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .